Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

ЈАВНИ ПАРИ ШТО СЕ ТРОШАТ ТАЈНО: КОЈ ГИ КОНТРОЛИРА ФИНАНСИИТЕ НА БЕЗБЕДНОСНО-РАЗУЗНАВАЧКИТЕ СЛУЖБИ?

Пишува: Магдалена Лембовска, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии

Реформата на безбедносно-разузнавачките служби и трансформацијата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во самостојна Агенција за национална безбедност (АНБ) беше една од најактуелните теми во текот на изминатата 2019 год. Усвојувањето на законодавството и формално-правната трансформација допрва ќе треба да се операционализираат преку целосна функционална независност на АНБ и воведување професионални стандарди во своето работење. Веќе е отпочнат и процесот за донесување нов Закон за Агенцијата за разузнавање, за кој се смета дека ќе ги „заокружи” реформите во овој сектор. Во целиот тој процес најмногу внимание се посвети на превенција од злоупотреба на системите за прислушување, што е и разбирливо, со оглед на тоа дека поводот за реформа беа токму минатите повреди на правата и слободите на граѓаните.

Ако се тргне од ризикот од злоупотреба, треба да се има предвид дека секоја злоупотреба чини одредени ресурси, како, на пример, набавка на опрема за чија употреба нема објаснување или вработени што земаат плата, а извршуваат партиски или други задачи. Злоупотребите на службената каса во УБК завршија и на суд, што ја нагласува потребата од ревидирање на системите за финансиска контрола и надзор.

Специјализираните парламентарни комисии се важен елемент на демократската контрола над безбедносно-разузнавачките служби. Сепак, финансиите на службите досега не биле предмет на интерес на пратениците, иако Собранието е тоа што ја има „моќта на ќесето“, односно го одобрува буџетот на сите институции. Позитивно е тоа што со формирањето на АНБ законски се прецизираше можноста на надлежната надзорна комисија да бара податоци за „извршувањето на Буџетот на Агенцијата и за постапката за користење на средствата за посебни намени на Агенцијата”, иако не треба да се заборави дека и претходно не постоеја законски ограничувања за пристап на Комисијата до овие информации. Сепак, не треба да се очекува пратениците да бидат финансиски инспектори, кои ќе откријат некаков криминал, туку да дискутираат за приоритетите за финансирање и нивната усогласеност со безбедносните ризици, да побараат објаснување за невообичаено големите трошоци, како и да обезбедат соодветна законска рамка за управувањето со финансиите и превенција од корупција.

Клучната улога во надворешната финансиска контрола треба да ја игра Државниот завод за ревизија. Ревизорите имаат пристап до сите материјали без оглед на степенот на тајност, а во оваа институција работат професионалци што се специјализирани да детектираат нерегуларности во финансиското работење. Сепак, безбедносно-разузнавачките служби не биле во фокусот на вниманието на оваа важна институција.

Последната ревизија во МВР (додека УБК беше составен дел од него) е спроведена во 2016 год. за усогласеноста на начинот и постапките за доделување на договорите за јавни набавки во 2015 год., за што е изразено мислење со резерва, кое упатува на бројни забелешки. Истовремено е извршена и проверка за спроведувањето на препораките од претходната ревизија од 2014 год. за ефикасноста и ефективноста на системот на финансиско управување и контрола и внатрешната ревизија кај МВР, при што е констатирано дека делумно се преземени активности. Што се однесува, пак, до Агенцијата за разузнавање, ревизија не е спроведена цели 13 год., односно од 2007 год.

ЗОШТО Е ПОТРЕБЕН ФИНАНСИСКИ НАДЗОР НАД БЕЗБЕДНОСНО-  РАЗУЗНАВАЧКИТЕ СЛУЖБИ?

·         Општоприфатените демократски принципи наложуваат детален надзор и отчетност за употребата на јавните пари, а безбедносно-разузнавачките служби не се исклучок.

·         Тајната природа на работата на разузнавачките служби значително ја ограничува контролата од страна на медиумите и невладините организации. Најголемиот дел од нивните набавки не подлежат на законите за јавни набавки што важат за другите институции.

·         Преку анализа на финансиските перформанси се добива увид во работењето на службата. Трошоците можат да откријат финансирање нелегитимни активности или да го насочат вниманието врз работата на одделни сектори и програми.

·         Безбедносно-разузнавачките служби располагаат со тајни буџети, познати и како „специјални каси”, кои се трошат според посебни правила и за специјални намени.

И покрај важноста што ја има Државниот завод за ревизија за отчетноста на јавните пари, неговото функционирање беше сериозно поткопано по истекувањето на мандатот на главната државна ревизорка во 2017 год. Политичките партии повеќе од една година не можеа да се договорат за нов раководител на ДЗР, сè до декември 2019 год., откако истече мандатот на заменикот и институцијата остана без овластен потписник. Независните надзорни и контролни тела мора да имаат целосна функционална и финансиска независност, како и да ги имаат сите други услови за непречено работење.

Не помалку важна е и внатрешната финансиска контрола, односно финансиското управување и внатрешната ревизија. Агенцијата за разузнавање располага со еден внатрешен ревизор и во последните неколку години се спроведуваат по 4-5 внатрешни ревизии на годишно ниво. Во МВР, пак, има двајца внатрешни ревизори, но УБК долго време беше речиси изоставена од ваквите активности. Ова треба да биде една од научените лекции за Агенцијата за национална безбедност, каде што внатрешната ревизија треба да стане редовна практика. За да биде успешна, организациската единица за внатрешна контрола треба да се постави на високо ниво во организациската структура, како и да се вработи стручен кадар, кој ќе биде на висина на задачата. Иако поимот  ревизија најчесто асоцира на ревизија на финансиското работење, ревизијата може да значи и ревизија на успешноста на разни проекти, програми и стратегии, усогласеност на законодавство итн. Токму оваа компонента треба да се засилува понатаму, посебно кога станува збор за внатрешната ревизија.

Актерите во рамките на финансиската контрола и надзор треба да соработуваат меѓу себе, во рамките на своите надлежности, бидејќи крајната цел е ефективно, ефикасно и отчетно работење со јавните пари што се трошат тајно. Наодите од финансиската контрола и надзор треба да им помогнат на управувачките структури да ги отстранат системските недоследности и да се стремат кон што поголема професионализација на овие институции.

 

 

Поддржано од

 

 

 

 

Оваа публикација е дел од активностите за поддршка на граѓанскиот сектор во рамките на програмата „Реформи во разузнавачкиот сектор во Северна Македонија (2017-2020)“. Содржината на оваа публикација не ги изразува ставовите и мислењата на донаторите, ниту на ДЦАФ.

 

 

 

05/08/2020