Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Право на основање и слобода на пружање на услуги03

Објаснувачкиот состанок (скрининг) за Преговарачко поглавје 03 е одржан на 11-12.12.2018

Слободата на движење на услугите е една од четирите слободи на Единствениот пазар кои го овозможуваат неговото функционирање. Останатите три слободи се: слободата на движење на стоки  (Поглавје 1); слободата на движење на работници (Поглавје 2) и слободата на движење на капитал (Поглавје 4). Единствениот пазар на услуги се базира на два основни принципа: 1. Право на основање на претпријатија во друга/и држава членка и 2. Слобода на пружање и примање на услуги во друга/и држава членка на ЕУ, различна/и од онаа во која потрошувачот или претпријатието има свое живеалиште/седиште.  

Начелно, за остварување на овие права не се бараат дополнителни услови надвор од оние кои се потребни во матичната држава во која се основани деловните субјекти. На тој начин, благодарение на слободата на движење на услуги потрошувачите можат да одберат најповолна услуга од спектарот на услуги кои се нудат на внатрешниот пазар на ЕУ.  

За слобода на основање на претпријатие зборуваме во случај на трајно проширување на дејноста од една држава членка на ЕУ во друга, започнување на самостојна дејност или основање на трговско друштво и нивно редовно и континуирано обавување. Ова право се однесува и  на слободата на отворање на застапништва, претставништва или подружници на трговски друштва од една во друга држава членка.  

Слободата на обезбедување на услуги пак се однесува на привремено  или повремено обезбедување на услуги од страна на деловни субјекти (физички и правни лица) надвор од границите на матичната држава. Давателот на услугата може да пружа прекугранични услуги користејќи ја сопствената професионална титула (квалификација) и тоа по правило без дополнително признавање на квалификации во таа држава членка. Државата примател може да бара понудувачот/обезбедувачот на услуги да се пријави за нудење на услуги (со докази за државјанство, квалификации и деловно седиште во матичната држава). Доколку дејноста има импликации врз јавното здравје или сигурност, државата примател има право да го испита степенот на квалификации на понудувачот на услугата како и да бара докази за осигурување од професионална одговорност 

За обавување на регулираните професии во друга државачленка на ЕУ еден од предусловите е признавањето на стручните квалификации стекнати во матичната држава. За оваа цел ЕУ има развиено систем на признавање на професионалните квалификации за регулираните професии. 

Секторот на Поштенските услуги е од исклучителна важност за граѓаните (потрошувачите) и деловните субјекти на единствениот пазар и се смета за услуга од општ економски интерес. Поради тоа вообичаено претпријатијата кои ги нудат поштенските услуги се во државна сопственост. Секторот на поштенски услуги обезбедува повеќе од 1,8 милиони работни места во ЕУ и остварува промет од повеќе од 90 милијарди евра (повеќе од 1% од БДП на ЕУ). Од сите овие причини поштенските услуги се регулирани со посебно законодавство. Целта е да се создаде заеднички пазар за поштенски услуги, да се поттикне конкуренцијата и со тоа да се намалат трошоците за претпријатијата и граѓаните, а да се подобри квалитетот на услугите.  

Секоја држава членка треба да обезбеди нејзиното национално законодавство (освен во случаи предвидени со Договорите) да не го попречува правото на основање на трговски друштва за државјани и правни лица од било која ЕУ членка, како и слободата на пружање на прекугранични услуги 

Во однос на меѓусебното признавање на квалификации квалификациите стекнати во матичната држава за неколку занимања се признаваат автоматски во секоја друга ЕУ членка, под услов државите да прифатиле одредени минимални образовни стандарди за односната професија. Тука станува збор за следните професии: доктори на медицина, стоматолози, ветеринарни доктори, медицински сестри, бабици, фармацевти и архитекти. Регулираните професии, кои не влегуваат во автоматскиот систем на признавање на квалификации, како на пр. учители или преведувачи, во другите држави членки се признаваат по општиот систем на признавање. Тоа значи дека професионалните квалификации ќе бидат признати доколку висината на стручната оспособеност е најмалку на висина на стручната оспособеност потребна за таа професија во другата држава членка. За одредени професии како на пр. правници или овластени ревизори постои специфична регулатива. 

Во областа на поштенските услуги обврска на државите членки е да обезбедат подеднакви можности за обавување на поштенски услуги на повеќе понудувачи на услуги. Целта е да се постигне целосна либерализација на пазарот на поштенски услуги така што тие да станат достапни на потрошувачите под што е можно поповолни услови. Клучен предуслов за правилно спроведување на прописите на ЕУ и за добро функционирање на националните пазари на поштенски услуги како и на единствениот пазар на поштенски услуги на ЕУ, претставува воспоставувањето на независен национален регулаторен орган 

Клучен елемент во законодавството на ЕУ во оваа област е Директивата 2006/123 за услуги на внатрешниот пазар која во голема мера се заснова на судската пракса на Европскиот суд на правдата. Цел на Директивата за услуги е да воспостави внатрешен пазар во пружањето на услуги со отстранување на правните и административните бариери во развојот на услужните дејности меѓу државите членки. Директивата претставува хоризонтален инструмент кој покрива широк спектар на различни услуги и влијае на значен број национални закони и прописи 

Правото на ЕУ во ова поглавје исто така опфаќа правила за регулираните професии за да се обезбеди взаемно признавање на професионалните квалификации меѓу државите членки. За одредени регулирани професии неопходно е да се спроведува минимална заедничка програма на обука за да може стекнатите квалификации автоматски да се признаат во државите членки на ЕУ. Директивата 2005/36/ЕЗ за признавање на професионалните квалификации изменета со Директивата 2013/55/EЗ претставува клучен законодавен акт во оваа област.  

Целта на законодавството на ЕУ за поштенски услуги (Директива за поштенски услуги 97/67/EЗ ) е да се обезбеди пружање на универзална поштенска услуга и воспоставување на внатрешен пазар на поштенски услуги како и висококвалитетни и ефикасни поштенски услуги достапни по прифатливи цени. Од клучно значење е јавните оператори на време да се  подготват за предизвиците кои ги носи целосната либерализација на пазарот на поштенски услуги за да не се доведат во прашање достапноста на услугите и пружањето на универзалната поштенска услуга.  

  • Македонските деловни субјекти (правни и физички лица) ќе можат слободно да ги нудат своите услуги во сите држави членки на ЕУ без да мора да основаат претпријатија во тие држави.  
  • Македонските државјани и претпријатија ќе може во било која држава членка на ЕУ слободно да започнат економска активност и континуирано да ја обавуваат истата преку основање на претпријатие, подружница, претставништво или застапништво или пак како самовработени лица. 
  • Стручните квалификации стекнати во Македонија ќе бидат признати на подрачјето на ЕУ и тоа во најголем број случаи без сложени административни постапки кои постојано се поедноставуваат преку системот на взаемно признавање на квалификациите. 
  • Со либерализацијата на пазарот на поштенски услуги  и поголема конкуренција македонските потрошувачи и претпријатија ќе профитираат од зголемување на видотквалитетот и ефикасноста на поштенските услуги како и од намалување на трошоците за нивно користење. 

Работна група (за подготовка на НПАА и на преговарачки позиции)

Институција носител за Работната група за Поглавјето 3:

ПРАВО НА ОСНОВАЊЕ И СЛОБОДА НА ДАВАЊЕ УСЛУГИ е:

Министерството за економија.

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија.

Во работната група а во зависност од подрачјето на работната група ќе учествуваат и следните институции:

ПРАВО НА ОСНОВАЊЕ за кое подрачје институција носител е:

Министерството за економија.

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Централен регистар на Република Северна Македонија
Министерство за правда.

СЛОБОДА НА ДАВАЊЕ НА УСЛУГИ за кое подрачје институција носител е

Министерството за економија .

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за правда
Министерство за здравство
Министерство за транспорт и врски
Министерството за труд и социјална политика
Министерство за образование и наука
Министерство за животна средина и просторно планирање
Министерство за култура
Министерство за информатичко општество и администрација
Министерство за финансии
Агенција за супервизија на осигурувањето
Агенција за катастар на недвижности
Агенција за храна и ветеринарство.

ПОШТЕНСКИ УСЛУГИ за кое подрачје институција носител е

Министерство за транспорт и врски

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Агенција за пошти.

ВЗАЕМНО ПРИЗНАВАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИ КВАЛИФИКАЦИИ за кое подрачје институција носител е

Министерството за образование и наука.

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерството за економија
Министерство за правда
Министерство за финансии
Министерство за здравство
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
Министерство за транспорт и врски
Министерството за труд и социјална политика
Министерство за животна средина и просторно планирање
Министерство за култура
Министерство за информатичко општество и администрација
Министерство за одбрана
Министерство за внатрешни работи
Министерство за труд и социјална политика – Државен инспекторат за труд
Министерство за образование и наука – Биро за развој на образованието
Агенција за храна и ветеринарство
Центар за стручно образование и обука.

Други релевантни институции и актери

Организација на потрошувачи на Македонија.