Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Јасните видици продираат низ замаглените перспективи

Пишува: Александар Србиновски,

новинар и претставник на Глобалната иницијатива против организираниот криминал за Северна Македонија

 

Можеби најстарата цивилизациска дилема за која научниците никогаш не успеаја да понудат општоприфатливо решение, а која влече корени уште античките филозофи, е парадоксот на корупцијата во државите, а која, според зборовите на американскиот врвен историчар Роберт Ферел, е најголемата причина за падот на повеќето светски империи и цивилизација.

Имено, Ферел во своите истражувања напишал дека одредена група луѓе може да толерира корупција сè додека нивниот водач ја практикува или, пак, таа е во полза на нивната религија или раса, некои, пак, толерираат мито сè додека тоа не им ги испразни нивните џебови.

– Јас живеев доволно долго за да видам дека повеќето од моите пријатели што извикуваа антикорупциски слогани на маршеви и протести во САД против владата, истовремено во секојдневието немаат проблем да поткупат полицаец и да гласаат за лидер по свој избор, сè додека овие лидери се борат за својата трка – пишува во еден свој осврт Ферел.

Можеби овие мудри зборови на американскиот научник можат да се пресликаат и во нашата земја во состојбите иницирани од корупцијата со кои се соочува државата во време кога се бори за своето место во Европската Унија, кое треба, истовремено, и да го заслужи.

Одлуката за почнување на процесот на преговори за зачленување на Македонија во Европската Унија, веќе сосема е неизвесна, оти ниту оние родени во 2005 година, во која еуфорично беше прославено добивањето на кандидатскиот статус, своето полнолетство нема да го дочекаат како полноправни граѓани на Унијата. Поразителна пресметка денеска, 16 години од добивањето на кандидатскиот статус, кој во случајот на Македонија се претвори во ноќна мора, ги потона ентузијастички настроените политичари и граѓаните.

Со години по ред Македонија стагнира во однос на борбата против корупцијата и, во исто време, назадува во рангирањето според Индексот на Транспаренси интернешнл. Во една од последните анализа Македонија падна на 111 место, со бодовно салдо од 35 поени. Транспаренси ги рангира државите според индексот на корупција од 0 до 100, при што високиот скор одразува мал индекс на перципирана корупција. Со постигнатите 35 поени, Македонија ја дели својата позиција на табелата со Босна и Херцеговина, Монголија и со Панама. Со тоа, од регионот Македонија и БиХ се најлошо рангирани земји на Балканот.

Падот на нашата земја на листата започна во 2014 година, кога земјата била бодувана со 45 поени. Оттогаш досега загубени се 10 поени, а падот на табелата е огромен.

Имено, корупцијата е само една од низата горки прашања за разрешување, кои се поставени пред Македонија во Поглавјето 24. Во оваа група пречки, галопирајќи прецизно, нашето општество, составено од институциите, а придружено од невладиниот сектор и од медиумите, треба да ги исполни бараните стандарди од Брисел за давање функционална правда на граѓаните, за гарантирање слобода и безбедност опфаќа, за ефективна гранична контрола, за надворешна миграција, азил, полициска соработка, за борба против организираниот криминал, за елиминирање на тероризмот, за намалување на трговијата со дрогата и непречено дејствување на правната држава во делот на судска соработка во кривичното и во граѓанското право.

Јасно е дека некои теми, по својата природа, се константни и ги имаат дури и посилните држави од нас, кои веќе се членки на Унијата, но има и такви, како што се прочистувањето на правосудството и битката за организираниот криминал, кои одамна можеа и требаше да бидат затворени, без, притоа, меѓународната јавност нам да ни ги посочи како услов.

Исправени пред бројни предизвици по крајот на минатата годината, која беше изедена од коронавирусот, и во која стагнираше секаква битка со корупцијата, сега ни е потребен барем малку оптимизам, но оптимизам темелен на реални очекувања, за што веќе требаше да бидат создадени услови.

Во 2020 година ниту една од шесте земји од Западен Балкан не напредуваше во европскиот процес на интеграција. Точно е дека можеа да сторат повеќе, но ова, сепак, го отвора прашањето дали самиот процес „функционира“ во ситуација кога повеќе земји не напредуваат со години и децении. Лошите потези на обете страни доведоа до меѓусебна недоверба, што се одразува во реформите, и се остави процесот коруптивните дејства и организираниот криминал да минат неказнети од никого.

Ваквите нешта, кои ни се т.н. суштинска карта за влез на „концертот“ наречен ЕУ, треба да произлезат од уверувањата, самодисциплината, самокритичноста, системот изграден врз принципи и, конечно, од подготвеноста да се игра според правилата, а не тие да се одбегнуваат и да се менуваат по потреба. Освен тоа, европските стандарди не се постигнуваат врз основа на краткорочни планови, акции или како веќе и да ги нарекуваат, туку врз трајни определби и сериозни и долгорочни стратегии. И ако властите навистина во оваа година сакаат да ги донесат дома европските вредности, како што најавуваат во своите говори, требаат да ги засукаат ракавите и да го исполнат ветеното, да ги спроведат реформите што одамна требаше да бидат започнати и во практика, а не само на хартија, и преку формирање на веќе неброените владини тела, органи, совети, управи, дирекции… Вака, целата приказна добива смисла, која фрла светло на надеж, дека преку битката со корупцијата ќе успееме да го затвориме најбитното поглавје и да си ја донесеме Европа пред практично и да станеме членови на Унијата.

 

23/02/2021