Предуслов за динамична, иновативна и конкурентна Европа секако е постоењето на ефикасен финансиски пазар -клучен фактор во функционирањето на модерните економии. .Најважните цели на интеграцијата на финансиските пазари во ЕУ се да се обезбеди стабилност на финансискиот систем, финансиска стабилност на компаниите од финансискиот сектор како и соодветна заштита на потрошувачите, инвеститорите и осигурениците. За да се исполнат овие цели потребни се јасни и единствени правила за банкарскиот систем, за услугите на осигурителните друштва, друштвата за пензиско осигурување, за тргувањето со хартии од вредност и можностите за инвестирање (инвестициските услуги) и сл.
Развиени се бројни и комплексни политики на ЕУ кои се насочени кон постигнувањето на целите во областа на финансиските пазари и интеграција. Тие политики вклучуваат: финансиски надзор и супервизија, банкарска унија (систем за супервизија и ликвидација на банките), потрошувачки финансиски услуги, финансиски пазари (пазари на хартии од вредност и инвестициски услуги), осигурување и пензии, известување и ревизија за компаниите итн.
Дополнително, со финансиската криза Европа усвои и многу реформи со цел подобрување на финансиската стабилност и зајакнување на супервизијата на финансиските институции и пазари. Финансиската и економската криза покажаа дека за да може да ги поттикне инвестициите и растот на Европа и се потребни и подлабоки и поинтегрирани пазари на капитал. Со крајна цел создавање на единствен пазар на капитал во Европа, ЕУ разви и посебен акциски план за т.н. Капитална Унија или Унија на капиталните пазари (Capital Markets Union или „CMU“). Законската рамка за голем дел од овие политики е опфатена со Поглавјето Финансиски услуги.
Финансиските институции опфатени со регулативата на Поглавјето 9 може да нудат и пружаат финансиските услуги во целата Европската унија врз основа на два принципа:
- Принципот на „ Европски пасош“ или уште познат како принцип на „единствена лиценца“(single-licence-principle) кој овозможува финансиските институции кои се регистрирани во една држава-членка да работат во било која друга држава-членка на ЕУ без да поседуваат/бараат посебна дозвола од државата домаќин и
- Принципот на „контрола на матичната земја“, според кој контролата ја спроведува странската држава во која финансиската институција има седиште, иако филијалата е во друга држава или се работи за обезбедување прекугранични услуги.
Европското законодавство (Acquis) за финансиски услуги ги опфаќа областите на:
- банкарство;
- осигурување и реосигурување;
- доброволни пензиски фондови;
- финансиски пазари (пазари на хартии од вредност и инвестициски услуги)
- инфраструктура на финансиските пазари;
- правила за лиценцирање, работење и надзор на финансиски институции и на регулираните пазари.
Исто така, регулирани се прашањата за заштита на потрошувачите на финансиски услуги, како и начинот на соработка на телата одговорни за надзор на финансискиот пазар.
Во областа на банките и финансиските конгломерати, законодавството на ЕУ ги утврдува барањата за одобрување, работење и прудентен надзор на кредитните институции, како и барањата за адекватност на капиталот за кредитни институции и инвестициски фирми. Законодавството во оваа област исто така утврдува правила во врска со дополнителниот надзор на финансиските конгломерати и прифаќањето, однесувањето и прудентен надзор на институциите кои работат со електронски пари. Во исто време, постојат правила во врска со годишните и консолидираните финансиски извештаи на банките и другите финансиски институции. Тие исто така усогласуваат одредени одредби во врска со реорганизација и ликвидација на кредитни институции кои имаат филијали во неколку држави-членки. Посебно внимание на регулаторите е посветено на воведувањето на единствена шема за осигурување на депозитите со задолжително учество на сите банки кои се вклучени во системот во функционирањето на оваа шема.
Во областа на осигурувањето и пензиските фондови, неколку директиви утврдуваат правила кои се однесуваат на издавање одобрување за работа, за работење и надзор на друштвата за животно и неживотно осигурување, како и одредби во врска со реорганизација и ликвидација на осигурителните друштва кои имаат филијали во неколку држави-членки. Постојат посебни прописи во секторот на неживотно осигурување, за коосигурување, патничко осигурување, осигурување на кредити и осигурување на правни трошоци. Acquis на ЕУ утврдува правила за дополнителен надзор на групите за осигурување. Покрај тоа, директивите утврдуваат и надзор на на реосигурителните компании од надлежните органи во нивната „матична земја“, благодарение на што тие можат да работат во ЕУ. Пропишани се и правила за годишни и консолидирани финансиски извештаи на друштвата за осигурување.
Регулаторната рамка која го опфаќа пазарот на капитал опфаќа правила кои се однесуваат на инвестициските услуги и на пазарот на хартии од вредности, на основањето, работењето и надзорот на работата на инвестициските фондови и регулираните пазари, на компензациски шеми за инвеститорите, на објавување на проспект[1], забрана на злоупотреба на пазарот итн. Правилата за проспектите имаат за цел јакнење на заштитата на инвеститорите без оглед каде во ЕУ се издаваат. Проспектите мора да содржат јасни и целосни информации кои му се потребни на инвеститорот за носење на инвестициската одлука.
Во делот на инфраструктура на финансискиот пазар, правилата имаат за цел смалување и усогласување на формалните барања и постапки за формирање и спроведување на колатерал во целата Унија како и намалување на системскиот ризик кој е поврзан со несолвентноста на учесниците во платните системи и системите на порамнување на хартиите од вредност.
Во врска со финансиските услуги кои се нудат од банкарски и небанкарски институции , особено внимание е посветено на обезбедување на заштита на потрошувачите и на обезбедување на информации за услугите што ги даваат финансиските институции, почнувајќи од плаќање на трансакции до склучување договори за кредит, осигурување или инвестиции на пазарот на капитал.
[1] За објаснување на терминот Проспект види Водич за јавна понуда на хартии од вредност, стр.22-23 достапен на : https://www.mse.mk/Repository/UserFiles/File/ZABERZATA/Vodic%20za%20javna%20ponuda%20na%20hv.pdf
- Систем на финансиски супервизори – Целосно почитување на регулативите на ЕУ, како и доследно спроведување на националните регулативи, дополнително ќе обезбедува висок степен на стабилност на финансискиот систем во Македонија. Тела за надзор на финансискиот пазар во Македонија остануваат фокусирани на ефективно спроведување на заедничка цел, а тоа е зачувување и унапредување на стабилноста на финансискиот систем. По приемот, Македонија ќе учествува во работата на Европскиот систем на финансиски супервизија, составен од Европски одбор за системски ризици и трите надзорни тела на банкарскиот, осигурителниот и пензискиот фонд и пазарот на хартии од вредност. По приемот во Унијата, македонските супервизорски институции (НБРМ,МАПАС, Агенција за супервизија на осигурување, КХВ) директно ќе учествуваат во подготовката на регулативи за единствен финансиски пазар на Европската унија.
- Интеграција на финансискиот пазар – По пристапувањето во Европската унија, примената на т.н. „единствен европски пасош“ ќе им овозможи на финансиските институции кои добиле одобренија за работа во Македонија да работат во сите држави-членки на ЕУ. Затоа, може да се очекува зголемена мобилност на учесниците на финансискиот пазар, што ќе доведе до понатамошна интеграција на финансискиот пазар.
- Банкарски услуги – Членството во Европската унија ќе има позитивни ефекти за учесниците на финансискиот пазар, како и за граѓаните, претприемачите, инвеститорите или корисниците на финансиски услуги. Иновациите, нови видови услуги и зголемување на конкуренцијата ќе бидат од корист за претприемачите и граѓаните, особено кога станува збор за понуда на банките, но и за понуда на производи и услуги на небанкарски финансиски институции. Преку шемата на осигурување на депозитите се зацврстува довербата на јавноста во банкарскиот систем и се поттикнува стабилноста на финансискиот систем во целина.