Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Зошто ЕУ?

Целите на Европската Унија

Промовирањето на мирот, неговите вредности и благосостојбата на европските граѓани нудат слобода, безбедност и правда без внатрешни граници, одржлив развој заснован на балансиран економски раст и стабилност на цените, високо конкурентна пазарна економија со целосно вработување и социјален напредок, како и заштита на животната средина. Борбата против социјалното исклучување и дискриминација промовираат научен и технолошки напредок и ја зајакнуваат економската, социјалната и територијалната кохезија и солидарноста меѓу државите на ЕУ, а во однос на нејзината богата културна и јазична разновидност воспоставуваат економска и монетарна унија чија валута е еврото.  Целите на Унијата за зацртани во Основачките договори во членот 3.

 

Член 3 од Договорот за Европската Унија

  1. 1. Унијата има за цел да го промовира мирот, неговите вредности и благосостојбата на своите народи.
  2. Унијата на своите граѓани ќе им понуди област на слобода, безбедност и правда без внатрешни граници во која се обезбедува слободно движење на лица, заедно со соодветни мерки во однос на контролата на надворешните граници, азил, имиграција и спречување и сузбивање на криминалот.
  3. Унијата го воспоставува внатрешниот пазар. Таа работи кон одржлив развој во Европа заснована врз балансиран економски раст и стабилност на цените, високо конкурентна социјална пазарна економија, со цел целосна вработеност и социјален напредок и високо ниво на заштита и подобрување на квалитетот на животната средина. Таа ќе промовира научен и технолошки напредок. Ќе се бори против социјалната исклученост и дискриминацијата, ќе ја промовира социјалната правда и заштита, еднаквоста меѓу жените и мажите, меѓу генерациската солидарност и заштитата на правата на детето. Ќе ги промовира економска, социјална и територијална кохезија и солидарноста меѓу државите-членки. Ќе ја почитува својата богата културна и јазична разновидност и ќе гарантира дека културното наследство на Европа е зачувано и промовирано.
  4. Унијата формира економска и монетарна унија чија валута е еврото.
  5. Во своите односи со остатокот на светот, Унијата ќе ги поддржува и промовира своите вредности и интереси и ќе придонесе за заштита на своите граѓани. Ќе придонесува за мир, безбедност, одржлив развој на Земјата, солидарност и взаемно почитување меѓу народите, слободна и фер трговија, искоренување на сиромаштијата и заштита на човековите права, особено правата на детето и строго почитување и развој на меѓународното право, вклучително и почитување на принципите на Повелбата на Обединетите нации.

 

Вредностите на Европската Унија

Заедничките вредности се фундаментот на кој е изградена обединета Европа. Вредностите на Унијата се составен дел од европски начин на живот; тие се вградени во Лисабонскиот договор (во членот 2.) и во Повелбата за основни права на ЕУ. Меѓу овие основни вредности се почитувањето на човековото достоинство, еднаквоста, слободата и солидарноста. Целите на кои ЕУ експлицитно се обврза е да ги заштити принципите на слобода, демократија и владеење на правото што е заедничко за сите членки и заштитата на човековите права.

Државите пак кои сакаат да станат членки во Унијата треба да ги почитуваат и промовираат овие вредности (чл.49 од ДЕУ).Но овие вредности не се само морална ориентација туку се и правно обврзувачки. За сериозни и долготрајни повреди на основните вредности и принципи, Унијата има право  (чл. 7 ДЕУ) да воведе санкции кон држава членка која го сторила прекршувањето. Заради нејзиното залагање и застапување за мир, помирување, демократија и човекови права во Европа, во 2012 година ЕУ ја доби Нобеловата награда.

 

Член 2 од Договорот за Европската Унија

Унијата почива на вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, почитувањето на основните правата на човекот вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Овие вредности се заеднички за општествата на државите членки во кои доминираат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу мажите и жените.

 

 

Основни вредности и принципи на Унијата

Човеково достоинство

Човечкото достоинство е неприкосновено. Тоа мора да се почитува, заштитува и ја чини реалната основа за фундаменталните права.

Слобода

Слободата на движење им дава право на граѓаните да се движат и да имаат живеалиште слободно било каде во рамките на Унијата. Индивидуалните слободи како што се почитување на приватноста, слободата на мислата, религијата, собирањето, изразувањето и информациите се заштитени со Повелбата за основни права на ЕУ.

Демократија

Функционирањето на ЕУ е засновано врз репрезентативна демократија. Да се биде европски граѓанин, исто така, значи да се уживаат политички права. Секој возрасен граѓанин на ЕУ има право да се кандидира и да гласа на избори во Европскиот парламент. Граѓаните на ЕУ имаат право да се кандидираат и да гласаат во нивната земја на престој или во нивната земја на потекло.

Еднаквост

Еднаквоста е се однесува на тоа дека  сите граѓани имаат еднакви права и се исти пред законот. Принципот на еднаквост меѓу жените и мажите е во темелот на сите европски политики и претставува основа за европска интеграција. Се применува во сите области. Принципот на еднаква плата за еднаква работа стана дел од Договорот од Рим во 1957 година. Иако сè уште постојат нееднаквости, ЕУ постигна значителен напредок.

Владеење на правото

ЕУ се заснова врз владеењето на правото. Сè што прави ЕУ е засновано на договори, доброволно и демократски договорено од нејзините членки. Законот и правдата ги гарантира независното судство. Државите на ЕУ му ја пренесоа надлежноста на последна инстанција на Европскиот суд на правдата чии пресуди мора да ги почитуваат сите.

Човекови права

Човековите права се заштитени со Повелбата за основни права на ЕУ. Тие ги опфаќаат правото на човекот да не биде предмет на дискриминација врз основа на пол, расно или етничко потекло, религија или убедувања, инвалидитет, возраст или сексуална ориентација, право на заштита на личните податоци или право на пристап до правда.

Европската унија како гаранција за мир

Нема поголема мотивација за обединување на Европа од желбата за мир (Член 3 ДЕУ). Во изминатиот век, во Европа се водеа две светски војни меѓу државите кои денес се држави-членки на ЕУ. Затоа, политиката за Европа е истовремено и политика на мир. Основањето на ЕУ го создаде најважниот дел од рамката за мир во Европа, што ја спречи војната помеѓу државите-членки. Ова е потврдено од седумдесетте години на мир во Европа. Колку повеќе европски држави ќе влезат во ЕУ, толку посилна ќе биде мировната рамка. Неодамнешните проширувања во ЕУ многу придонесоа за ова. Во 2012 година, ЕУ ја доби Нобеловата награда за мир за промовирање на мирот, помирувањето, демократијата и човековите права во Европа.

Единство и еднаквост како постојано присутна тема

Единството е постојано присутна тема. Најголемите проблеми на денешницата можат да се решат само ако европските држави настапуваат и дејствуваат едногласно, додека ја зачувуваат нивната разновидност. Многумина веруваат дека без европска интеграција не би било можно да се обезбеди мир (ниту во Европа, ниту во светот), демократија, правда и судство, економски напредок и социјална сигурност и нивно гарантирање во иднина. Невработеноста, несоодветниот раст, енергетската несигурност и загадувањето на животната средина веќе долго време не се само национални проблеми и не можат да се решат на национално ниво. Само во контекст на ЕУ може да се воспостави стабилен економски поредок и само преку заеднички европски напори може Европа да обезбеди меѓународна економска политика која ќе ја унапреди европската економија и ќе придонесе за социјална правда. Без внатрешна кохезија, Европа не може да тврди дека е политички и економски независна од остатокот на светот, ниту пак да го обнови своето влијание на меѓународната сцена и нејзината улога во светската политика.

Единството може да преживее само ако владее Еднаквост. Ниту еден граѓанин на Унијата не смее да биде обесправен или дискриминиран заради национална припадност. Треба да се бори против дискриминацијата врз основа на пол, раса, етничко потекло, религија или убедувања, инвалидитет, возраст или сексуална ориентација. Повелбата за основни права на Европската унија не застанува тука: таа исто така забранува каква било дискриминација врз основа на бојата на кожата, генетските својства, јазикот, политичкото или друго мислење, припадност на национално малцинство, имот или раѓање. Покрај тоа, сите граѓани на Унијата се еднакви пред законот. Кога станува збор за државите-членки, принципот на еднаквост значи дека ниту една држава нема предност пред друга и природните разлики како што се големината, населението и различните структури мора да се земат предвид само во согласност со принципот на еднаквост.

 

Основни слободи

Слободата доаѓа директно од мирот, единството и еднаквоста. Создавањето поголем ентитет со поврзување на 27 држави исто така овозможува слобода на движење надвор од националните граници. Ова особено се однесува на слободата на движење за работниците, слободата на основање, слобода за давање услуги, слободно движење на стоки и слободно движење на капиталот. Овие основни слободи им гарантираат на бизнисмените слобода да одлучуваат, им даваат на работниците слобода да го изберат своето работно место и на потрошувачите им даваат слобода да избираат од широк спектар на производи. Слободата на конкуренција им овозможува на компаниите да ги нудат своите стоки и услуги на неспоредливо поголем број на потенцијални клиенти. Работниците можат да бараат и менуваат работни места според нивните желби и интереси ширум ЕУ. Со поголема конкуренција на пазарот, потрошувачите можат да изберат најевтини и најдобри производи од многу поширок опсег. Секако, во случај на пристапување во ЕУ, договорот за пристапување често содржи преодни правила за нова членка, особено во однос на слободата на движење за работниците, слободата на обезбедување услуги и слободата на основање. Овие правила им овозможуваат на „старите“ држави-членки да следат, според националното законодавство или постојните билатерални договори, до седум години, како државјаните на новите држави-членки ги користат овие основни слободи.

Принципот на солидарност

Солидарноста е неопходен коректив на слободата, затоа што несовесната експлоатација на слободата е секогаш на штета на другите. Затоа, за да преживее, рамката на Заедницата мора да ја признае како основен принцип солидарноста на нејзините членови и подеднакво и праведно да ги споделува придобивките, односно благосостојбата, но и товарот.

Почитување на националниот идентитет

Националниот идентитет на државите-членки се почитува. Замислата нé е државите-членки да бидат „изгубени“ во Европската унија, туку тие да придонесат кон Унијата со нивните специфични карактеристики. Токму од оваа разновидност на национални карактеристики и идентитети Европската унија го црпи својот морален авторитет, што му служи на општото добро на целата заедница.

 

 

Потреба за безбедност

Сите овие основни вредности на крај зависат од безбедноста. Особено во пресрет на нападите на 11 септември 2001 година врз Соединетите држави и зголемувањето на бројот на безмилосни терористички напади во Европа, борбата против тероризмот и организираниот криминал во Европа е повторно во центарот на вниманието. Полициската и судската соработка продолжува да се зајакнува а се засилува и заштитата на надворешните граници на ЕУ.

Сепак, безбедноста во европски контекст, исто така, подразбира и социјална сигурност за сите граѓани кои живеат во ЕУ, безбедност на работното место и обезбедување на општи економски и деловни услови. Во смисла, задачата на институциите на ЕУ е да им овозможат на граѓаните и деловните субјекти предвидливост на нивната иднина и да создадат услови од кои зависи таа.

 

Основни права

Основните вредности и концепти кои се во основата на ЕУ ги вклучуваат основните права на граѓаните на Унијата како индивидуи. За повеќе од 200 години, историјата на Европа е обележана со постојани напори за зајакнување на заштитата на основните права. Започнувајќи со декларациите за човекови и граѓански права во 18 век, основните права и граѓанските слободи сега се цврсто вметнати во уставите на повеќето цивилизирани држави. Ова особено важи за државите-членки на ЕУ, чии правни системи се изградени врз владеење на правото и почитување на достоинството, слободата и правото на развој на поединецот. Постојат и бројни меѓународни конвенции за заштита на човековите права, од кои Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП) е исклучително важна за Европа.

Дури во 1969 година Судот на правдата на Европската унија воспостави судска пракса што ќе служи како рамка за основните права. Првите обиди за заштита на основните права постепено беа развиени и дополнети од страна на Судот преку правото на Унијата. Судот призна голем број на слободи како основни права загарантирани со правото на Унијата: сопственички права, слобода на избор на професија, неповредливост на дом, слобода на мислење, општи права на личност, заштита на семејството (на пр. Правата на членовите на семејството да се приклучат на работникот мигрант), економска слобода, слобода на религија или верба и голем број фундаментални процедурални права, како што е правото на правилно постапување на правдата, принципот на доверливост на кореспонденцијата меѓу адвокатот и клиентот (најчесто се нарекува „правна привилегија“ во државите на обичајното право), забрана за двојно казнување за истиот прекршок или обврска за давање оправданост за правен акт на ЕУ.