Слободата на движење на работниците е една од четири основни слободи гарантирани со правото на ЕУ. Останатите три слободи се: слободата на движење на стоки (Поглавје 1); правото на основање претпријатие и слободата на давање на услуги (Поглавје 3) и слободата на движење на капитал (Поглавје 4). Во согласност со членот 45 од Договорот за функционирање на ЕУ (ДФЕУ) секој граѓанин на ЕУ има право на слобода на движење, престој и вработување (со одредени исклучоци во јавниот сектор како на пр. во полиција, армија и сл.) во другите држави-членки и тоа без дискриминација врз основа на државјанството.
Подрачјето на слободата на движење на работници е поврзано со слободата на движење и престој за време на вработувањето во друга држава членка, како и со сите права на социјална заштита како што се здравственото осигурување, пензиското осигурување, осигурувањето во случај на невработеност и со правата на семејни додатоци.
Слободата на движење на работниците ја поттикнува мобилноста на работната сила меѓу државите-членки на ЕУ и со тоа претставува важен фактор во остварувањето на заедничкиот пазар. Таа е насочена кон пополнување на слободните работни места и поттикнување на економски раст и развој во целата Унија. Внатрешниот пазар на ЕУ во својот развој во сегментот на работната сила постојано се соочува со нови и посложени предизвици. За да се реализираат можностите кои произлегуваат од оваа слобода, ЕУ постојано работи на отстранување на непотребните административни и регулаторни контроли.
За да ја олесни мобилноста на пазарот на работна сила, ЕУ финансира можности за барање на работно место во сите ДЧ по пат на интернет преку Порталот ЕУРЕС. ЕУРЕС преставува мрежа на службите/агенциите за вработување на државите-членки која нуди информации за непополнетите работни места, ги поврзува работодавачите и работниците и нуди совети за барање на вработување или за можно дополнително образование.
За да се реализираат сите права кои произлегуваат од правото на слободно движење на работниците, ова основно право е дополнето со систем на координација на социјалното осигурување односно со правото на мигрантите и на членовите на нивните семејства да стекнат, акумулираат или пренесат надоместоци од социјалното осигурување како и да примаат уплати по основ на тие надоместоци. Во областа на здравствената заштита потребно е да бидат надоместени сите медицински трошоци за вкупното неопходно лечење на лицата кои се разболеле или доживеале несреќа за време на привремениот престој во друга држава членка. За оваа цел ЕУ воведе европска картичка за здравствено осигурување која ја издаваат националните органи, но која има важност во целата ЕУ.
Законодавството на ЕУ во ова поглавје обезбедува право на граѓаните на државите-членки на ЕУ да работат во друга држава-членка на ЕУ, да престојуваат во неа со своето семејство со оваа цел и да имаат еднаков третман во однос на домашните работници во поглед на условите на работа, социјалните придобивки и даночните олеснувања.
Во однос на пристапот до пазарот на труд, правото на ЕУ обезбедува недискриминаторски третман (на основ на државјанство, престој и јазик) на работниците кои се легално вработени во некоја друга држава членка, различна од земјата на нивно потекло. Ова особено опфаќа рамноправен третман во поглед на сите аспекти на вработувањето, како што се условите на вработување, условите за работа, исплата на плата и отпуштање од работа.
Законодавството на ЕУ опфаќа и инструменти за координација на различните национални системи на социјално осигурување. Ова се заснова на прописи кои немаат за цел хармонизација на законите туку координација на системите на социјално осигурување на државите членки. Според тоа, за да функционира таа координација неопходна е административна соработка меѓу државите членки.
Покрај тоа, одредени права кои произлегуваат од основното право на слободно движење на работникот се проширени на членовите на семејството на работникот. Исто така, општите принципи на слободата на движење на работникот опфаќаат одредби кои се однесуваат на дополнителни права во поглед на пензиското осигурување на вработените и самовработените лица кои се движат во ЕУ.
За да се поттикне мобилноста на работната сила, на оперативно ниво потребно е релевантните бази за слободни работни места да се интегрираат со ЕУРЕС механизмот за размена на информации за слободни работни места како и за размена на општи информации кои се однесуваат на пазарот на труд, животните услови и условите на работа во државата.
За да се избегнат нарушувања на пазарот на труд[1], државите членки на ЕУ имаат можност при пристапувањето на нови членки да воведат ограничувања односно преодни периоди пред целосното отворање на своите пазари на работна сила за работниците од новите држави членки. Ограничувањата може да се воведат за најмногу 7 години и тоа според принципот познат како 2+3+2 односно со почетно ограничување од 2 години кое може да се продолжи уште 3 години после првичната ревизија и уште најмногу 2 години, но под услов да постојат оправдани причини за продолжување на рокот. За воведувањето на овие преодни рокови секоја држава-членка на ЕУ одлучува индивидуално, а новата држава-членка исто така има право, на реципрочна основа, да воведе преодни периоди пред отворање на својот пазар на работна сила за работници од државите-членки кои вовеле такви ограничувања.
[1] Овие прописи без воведени за државите од Источното проширување кога 10те држави од Централна и источна Европа се подготвува за влез во тогаш 15-члена Унија, поради што постоеја стравови кај овие држави од „преплавување“ на нивните национални пазари на работна сила. За Македонија, иако е мала држава со незначителен потенцијал за ваков ефект врз пазарите на работна сила, можно е некои одредени држави-членки да воведат привремени ограничувања на пристапот до нивните пазари на работна сила.
- Со пристапувањето кон ЕУ, по истекот на преодните периоди (доколку се воведат такви), македонските граѓани ќе имаат можност слободно да се вработат во било која држава-членка на ЕУ без никакви посебни одобрувања, квоти или работни дозволи. Македонските работници ќе можат со своите знаења, умеења и способности да конкурираат на пазарите на труд на другите држави-членки.
- Работниците кои ќе се преселат во друга држава-членка заради вработување ќе ги имаат сите права од работниот однос, социјални права и даночни олеснувања какви што имаат и матичните работници во државата примател. Овие права опфаќаат надоместоци за боледување и породилно/родителско отсуство, надоместоци за повреди на работа, погодности за лица со посебни потреби, семејни додатоци како и надоместоци во случај на губење на работно место и/или невработеност и пензии.
- Македонските работници заинтересирани за вработување во други држави-членки ќе можат целосно да ги користат услугите на ЕУРЕС во врска со обезбедувањето информации за слободни работни места во другите држави-членки; информации за услови за работа, за вработување и за живот; помош во поврзувањето со потенцијалните работодавачи итн.