Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Политика на конкуренција08

Објаснувачкиот состанок (скрининг) за Преговарачко поглавје 08 е одржан на 04-06.11.2019

Правилата на пазарното натпреварување се темел на пазарната економија. Политиката на заштита на конкуренција претставува една од најзначајните политики која е во надлежност на ЕУ. Ова од причина што политиката на заштита на конкуренцијата го овозможува и гарантира функционирањето на заедничкиот пазар. Политиката на заштита на конкуренцијата на ЕУ е дизајнирана со цел да обезбеди фер и еднакви услови за натпревар меѓу претпријатијата  оставајќи истовремено доволно простор за иновации, усогласени стандарди или развој на мали бизниси. Нејзиното ефикасно спроведување придонесува за унапредување на економијата, за развој и раст на претпријатијата, за унапредување на вложувањата во истражувања и развој на нови производи, за привлекување на нови инвестиции, за зголемување на производството и извозот.

Правилата на конкуренцијата важат подеднакво и на ист начин за сите учесници на пазарниот натпревар, а нивната задача е да овозможат подобро функционирање на пазарот кое ќе обезбеди поголема понуда на стоки и услуги по најповолни цени. Европската комисија ги надгледува и истражува конкурентските практиките, спојувањата на компаниите и одобрувањето на држава помош за да обезбеди еднакви услови и правила на игра за сите ЕУ бизниси гарантирајќи притоа избори и фер цени за потрошувачите.

Правилата и процедурите опфатени со политиката на заштита на конкуренцијата ги штитат граѓаните на тој начин што им забрануваат на претпријатијата правење на ограничувачки спогодби(договори) со кои би ги договарале цените, би го ограничувале производството, развојот и вложувањата или би ги делеле пазарите на продажба и пазарите на набавка на нивните производи и услуги.

Правилата исто така ја спречуваат злоупотребата на доминантната позиција на пазарот и го оневозможуваат спојувањето на претпријатијата кое би можело да има негативно влијае на конкуренцијата на пазарот. Големите компании не смеат да ја користат својата моќ на преговарање за да наметнат услови со кои ќе им отежнат на нивните добавувачи или потрошувачи да соработуваат со нивните конкуренти. Комисијата може да ги казни компаниите за вакви практики, бидејќи тие водат до повисоки цени и/или до помалку избор за потрошувачите.

Повредата на ЕУ правилата за конкуренција може да доведат до изрекување на казни во износ до 10% од вкупниот годишен промет на компанијата во целиот свет. Во некои држави-членки менаџерите на компаниите кои ги прекршиле правилата на конкуренција може да се сочат со сериозни казни вклучувајќи и казни затвор.

Одобрувањето на  државна помош на претпријатијата  (субвенции, државни гаранции, даночни ослободувања или продажби под повластени услови или цени и сл.) исто така е забрането кога ја нарушува конкуренцијата односно создава неправедна предност во однос на другите претпријатија на пазарот кои не примаат таква помош или кога негативно влијае на трговијата меѓу државите-членки. Тоа не значи дека државната помош е целосно забранета. Постојат одредени исклучоци од генералното правило на забрана на државна помош Државата има можност да интервенира и да одобри помош во јасно одредени случаи и под утврдени услови, како на пр. во случај на санирање на штети од природна катастрофа, за помош на неразвиени региони, за развој на мали и средни претпријатија, за иновации, истражување и развој, за заштита на животната средина или за заштита и промоција на културното наследство. Затоа постои развиен систем на пријавување и контрола на доделувањето на државната помош.

Поглавјето за заштита на конкуренцијата се смета за едно од најсложените поглавја во преговарачкиот процес кое по правило се затвора меѓу последните поглавја.

Поглавјето за заштита на конкуренцијата се состои од три дела:

  • Политика на конкуренцијата во потесна смисла (антитруст и концентрации/спојувања)
  • Политика на контрола на државната помош и
  • Либерализација на државните претпријатија.

Правилата на конкуренцијата во принцип директно се применуваат во ЕУ и за тие да можат непречено да се спроведуваат, државите-членки мораат целосно да соработуваат со Европската комисија (со надлежниот Генерален Директорат за конкуренција).

Во областа на борба против монополите националните тела кои се занимаваат со заштита на конкуренцијата мораат тесно да соработуваат со Комисијата во врска со прашањата за процедурите. Националните судови пак можат директно да го применуваат правото во борбата против монополите за да ги заштитат индивидуалните права на граѓаните кои им ги овозможуваат Договорите.

Во областа на државната помош единствено Европската комисија може да носи одлука за тоа дали помошта која ја одобрила една држава-членка е компатибилна со правилата на конкуренција и заедничкиот пазар. Имено, со денот на пристапување во ЕУ, сите овластувања за испитување на мерките на државна помош се пренесуваат на Европската комисија.

Во врска со либерализацијата постои посебен систем на надзор во случајот на јавните претпријатија и претпријатијата на кои државите-членки им одобриле посебни или ексклузивни права. Либерализацијата пак на одделните сектори (железница, поштенски услуги, телекомуникации) се третира во поглавјата кои се релевантни за односните области.

  • Воведувањето и ефективната примена на правила на пазарниот натпревар во Македонија ќе создаде услови за рамноправност на сите субјекти на пазарот и услови за сигурен и подобро регулиран пазар. Таквиот пазар привлекува нови претприемачи да се вклучат во пазарниот натпревар и ја зголемува конкурентноста на целото стопанство.
  • Kако резултат на тоа што претприемачите и претпријатијата ќе си конкурираат едни на други со поквалитетни производи и услуги, со поповолни цени, вложувања во иновации и нови технологии како и со зголемување на изборот на производи и на услуги може да се очекуваат конкретни користи за потрошувачите.
  • Со доследна примена на правилата за заштита на конкуренцијата Комисијата за заштита на конкуренција често пати спречува директна или индиректна штета која може да им се нанесе на потрошувачите со прекршувањето на правилата. Дополнително, во случаи на прекршување на антитрустовото законодавство, потрошувачите исто како и компаниите имаат право на надомест на штета, право воспоставено од Европскиот Суд на правдата.
  • Со членство во Европската Унија граѓаните (потрошувачите) ќе добијат дополнителна заштита со помош на низа правила кои произлегуваат од политиката на заштита на конкуренцијата. Во случајот на автомобилската индустрија, тоа се поголемата транспарентност на цените или во случајот на аудиовизуелните услуги тоа е можноста за бесплатно следење на големите спортски натпревари, како што се олимпијадите или светските првенства, во делот на електронските комуникации тоа се укинувањето на трошоците за роаминг итн.
  • Правилната и доследна примена на правилата за државна помош придонесува за поголема транспарентност на системот на доделување на истата, кон поголема отчетност, како и кон насочување на јавните средства кон проекти со кои се поттикнува деловното работење. Подобро (наменски и по правило еднократно) доделените средства позитивно ќе влијаат и на државниот буџет бидејќи помошта ќе се користи целисходно и делотворно.

Работна група (за подготовка на НПАА и на преговарачки позиции)

Институција носител за Работната група за Поглавјето 8:

ПОЛИТИКА ЗА КОНУРЕНЦИЈА е:

Министерство за економија.

Во групата ќе учествуваат и претставници на :

Комисија за заштита на конкуренцијата.

Во работната група а во зависност од подрачјето на работната група ќе учествуваат и следните институции:

АНТИТРУСТОВИ ВКЛУЧУВАЈЌИ И СПОЈУВАЊА за кое подрачје институција носител е

Комисија за заштита на конкуренцијата.

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за економија
Министерство за транспорт и врски
Министерство за правда
Министерство за внатрешни работи.

ДРЖАВНА ПОМОШ за кое подрачје институција носител е

Комисија за заштита на конкуренцијата.

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за економија
Министерство за финансии
Министерство за транспорт и врски
Министерство за животна средина и просторно планирање
Министерство за образование и наука.

ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА за кое подрачје институција носител е

Комисија за заштита на конкуренцијата

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за економија
Министерство за транспорт и врски
Агенција за електронски комуникации
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Агенција за цивилно воздухопловство
Агенција за пошти
Агенција за регулирање на железничкиот сектор.

Други релевантни институции и актери

Организација на потрошувачи на Македонија.