Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на ЕУ е најстара и една од најважните политики, како во однос на бројот регулативи што ја регулираат оваа област, така и од аспект на уделот на земјоделскиот буџет во вкупниот буџет на Европската Унија. Поточно, големината на буџетот на Заедничката земјоделска политика е многу висока и е малку помалку од 40% од вкупниот буџет на ЕУ.
Нејзината примарна цел е да обезбеди:
- Стабилно снабдување со квалитетна, безбедна храна за населението;
- Пристапни цени и соодветен приход за земјоделците;
- Модернизација и развој на земјоделското производство и
- Модернизација и развој на руралните области.
Денес, особено внимание се посветува на подобрувањето на безбедноста и квалитетот на храната, заштита на животната средина, обнова и развој на руралните култури, зачувување на културните богатства и традиционалните обичаи. Се промовира рурален развој, вклучувајќи рурален туризам, традиционални занаети, подобрувања во инфраструктурата, како и производството на квалитетни органски и автохтони земјоделски производи.
Заедничката земјоделската политика на ЕУ вклучува бројни области и аспекти и се имплементира преку три клучни видови на мерки, кои го сочинуваат темелот на политиката. Станува збор за следните мерки:
- Директни плаќања. Директните плаќања подразбираат дека, под одредени услови (животна средина и здравје на човекот, безбедност на храна, почитување на благосостојбата на животните, одржување на земјиштето во добра состојба или почитување на барањата за „позеленување “(greening)), земјоделците добиваат стимулации без оглед на тоа со кој вид на производство се занимаваат. Целта на овие стимулации е да се обезбеди стабилен приход без оглед на флуктуациите и неизвесностите на пазарот. Мерките се финансираат од Европски гарантен земјоделски фонд (EAGF).
- Пазарни мерки. Пазарните мерки имаат за цел да ги стабилизираат земјоделските пазари и да спречат ескалација на пазарните кризи (мерки на интервенција на пазарот) ; да ја зголемат побарувачката и да им помогнат на земјоделските сектори на ЕУ подобро да се прилагодат на пазарните промени. Неопходно е да се потенцира дека во оваа област, како во областа на директните плаќања, државите-членки не може да имаат свои национални мерки; наместо тоа, оваа политика се спроведува централно, на ниво на ЕУ. Мерките се финансираат од Европски гарантен земјоделски фонд (EAGF).
- Политиката на рурален развој. Руралниот развој вклучува мерки потребни за развој на активности во руралните области кои придонесуваат за зајакнување на конкурентноста на земјоделството и шумарството како и за подобрување на биодиверзитетот на руралните области. Потребите и предизвиците во руралниот развој се адресираат преку национални и регионални програми на секоја држава-членка. Овие мерки се финансираат од Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD).
Пристапните преговори во Земјоделството се претежно фокусирани на процедурите за идните директни плаќања, поддршка на руралниот развој и потребата од преодни мерки кои ја олеснуваат интеграцијата на земјата во ЕУ, земајќи ги предвид специфичностите на земјоделскиот сектор во државите кандидатки. Поглавјето за Земјоделство и Рурален Развој опфаќа голем број на обврзувачки правила кои се директно применливи. Од тука, за целосно функционирање на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), потребна е соодветна примена на овие правила и нивно ефикасно спроведување и контрола од страна на ефикасна јавна администрација.
Правилното спроведување на ЗЗП бара исто така од Македонија поставување на системи на управување и квалитет и јакнење на постоечките административни структури како што се:
Платежната агенција (позната како ИПАРД агенција) односно Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) која ги имплементира програмите за финансиски развој во земјоделството, рибарството, аквакултурата и руралниот развој. Агенцијата има задача детално да ги обработува барањата на корисниците, да одобрува, а потоа правично да исплаќа парична поддршка и парични надомести на крајните корисници, во согласност со националните и европските прописи.
Интегриран систем за администрација и контрола (IACS/ИСАК) на политиките на поддршка на земјоделството и руралниот развој. ИСАК системот предвидува воспоставување, операционализација и поврзување на следниве административни, контролни и информациони елементи од интегрираниот систем: Единствен регистар на земјоделски стопанства, Систем за идентификација на земјишни парцели (ЛПИС), Мрежа на сметководствени податоци на фарма (ФАДН), Земјоделско пазарен информативен систем (ЗПИС) и подобрување на земјоделските статистики.
Мрежа на сметководствени податоци на фарма (ФАДН). Мрежата подразбира дека земјоделските производители водат сметководство на стопанствата со што се овозможува подобро креирање и насочување на земјоделската политика.
Заедничките пазарни организации (Common market organisations или CMO). Овие организации интегрираат одделни сегменти на земјоделското производство (вино, овошје и зеленчук, вклучително и обработливи култури, шеќер, производи од животинско потекло и специјализирани култури итн.) и претставуваат рамка за спроведување на шемите на поддршка на земјоделското производство.
Администрација за ефикасна примена на прописите на ЕУ за органско производство и спроведување на политика на квалитет која ги опфаќа следните заштитени ознаки за квалитет на земјоделски и прехранбени производи:
- Заштитена ознака за потекло – ЗОП/ Protected designation of origin (PDO)
- Заштитена географска ознака – ЗГО/Protected geographical indication (PGI и GI)
- Гарантиран традиционален специјалитет – ГТС /Traditional speciality guaranteed (TSG)
- Реформиран земјоделски сектор. Очекувана корист од членството во Унијата е ширење на пазарот и зголемување на квалитетот на земјоделските производи вклучувајќи ја и зголемената стабилност на пазарот и поефикасната администрација. Со влез во Европската Унија Македонија ќе има можност да ги усклади своите прописи со кои се регулира производството, преработката и продажбата на земјоделските производи на заедничкиот пазар, како и трговијата со држави надвор од ЕУ. Понатаму, реформирана земјоделска политика ќе придонесе кон рационализирање на земјоделските пресметки, ќе го олесни планирањето во секторот, а со тоа ќе се зголеми и вработувањето во земјоделството.
- Пристап до заедничкиот пазар Членството во ЕУ исто така значи и слободен пристап до заедничкиот пазар што значи дека македонските земјоделски производители ќе можат без никакви препреки да се пласираат на големиот заеднички пазар на Европската Унија. Предизвик ќе биде прилагодувањето на домашните производители на пазар поголем од 500 милиони потрошувачи.
- Пристап до поголемите Европски фондови за земјоделство и рурален развој,– Со пристапувањето во ЕУ, Македонија ќе го применува системот на директни плаќања, при што плаќањето повеќе нема да зависи од произведените количини, туку од почитувањето на добри земјоделски и еколошки практики (“cross –compliance”). За да остварат право на директни плаќања, земјоделците ќе мораат да исполнат одредени барања, во согласност со прописи предвидени од страна на ЕУ. Значаен дел од овие фондови ќе бидат на располагање за финансирање на руралниот развој, при што од корист ќе биде веќе стекнатото значајно искуство со ИПАРД за земјоделските и руралните заедници .
- Зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор. Основна корист од членството во ЕУ е финансирањето на директните плаќања и мерките за рурален развој преку земјоделските фондови и програми на Унијата и користење на европските средства за преструктурирање на земјоделското производство, со што би се зголемила и конкурентноста на земјоделскиот сектор во целост и значително би се растоварил и националниот буџет.
- Заштита и регистрација на производите . Со усвојувањето на прописите за квалитет на земјоделските производи Македонија може да ги регистрира и заштити на ниво на Унијата земјоделските и прехранбените производи кои се веќе регистрирани и заштитени со национални ознаки на потекло, географско потекло или гарантиран традиционален специјалитет. Регистрирањето на традиционални македонски производи ќе овозможи полесна продажба на заедничкиот пазар на Унијата како и пробив и продажба на производи кои дотогаш не биле присутни на европскиот пазар. Охридската цреша е прв македонски земјоделски производ регистриран со заштитено географско потекло.