Со цел да се направат поефективни многубројните механизми и регулативи, државите-членки на Европската унија решија безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика да ја пренесат во ексклузивна надлежност на Унијата, поради што голем дел од законодавството на ЕУ е поврзано со оваа област. Покрај обезбедувањето на високо ниво на заштита на човековото здравје и интересот на потрошувачите за храна, една од главните цели е заштита на здравјето и благосостојбата на животните и здравјето на растенијата. Последното исто така вклучува мерки за да се спречи воведување и ширење на заразни болести и организми штетни за растенијата во Европската унија.
Оваа интегрирана политика за безбедност на храна во ЕУ вклучува различни активности сконцентрирани на 4 главни области на заштита, имено:
- Хигиена на храната: сите дејности и бизниси со храна, од фармите до рестораните, вклучително и оние кои увезуваат храна во ЕУ, мора да се усогласени со ЕУ законодавството за храна
- Здравје на животните: санитарните контроли и мерки за миленици, животни од фармите и диви животни ги надгледуваат, следат и менаџираат болестите и го следат движењето на сите животни одгледани на фармите.
- Здравје на растенијата: детектирањето и уништувањето (ерадикација) на штетници во раните фази го спречува нивното проширување и обезбедува здраво семе;
- (Хемиски) Загадувачи и остатоци (пр. од пестициди) : со нивното следење се обезбедува загадувачите да не стигнат до храната за луѓето и за животните; Постојат максимално прифатливи вредности за загадувачи и остатоци утврдени за домашната и увезената храна за луѓето и храна за животните.
Системот за безбедност на храна на ЕУ се заснова на неколку принципи:
- одговорност на производителот (храна за луѓето, но и храна за животните);
- следливост на храната (можност храната за луѓето, добиточна храна, компоненти на храна и животни да се следат низ сите фази во синџирот);
- примена на систем за анализа на ризик (за да се осигури дека преземените мерки за заштита на здравјето се ефикасни, пропорционални и јасно насочени) и
- примена на принципи на претпазливост кога е потребно (да се обезбеди високо ниво на заштита на потрошувачите во ЕУ, кога постои ризик што сè уште не е научно разјаснат, ).
За да обезбеди високо ниво на заштита на јавното здравје, здравјето и благосостојбата на животните и здравјето на билките, ЕУ применува интегриран пристап во целиот ланец на производство, преработка и дистрибуција на храна, се до потрошувачот. Овоj систем, познат и според девизата: „од нива до трпеза“ вклучува три меѓусебно поврзани мерки:
- Правила за хигиена за производство и дистрибуција на храна, официјална контрола и механизми за обезбедување на безбедност на храната;
- Правила за дистрибуција на животни и производи од животинско потекло, здравјето на животните, службена контрола на увозот на трети земји и следење на миграцијата на животни и
- Правила за контрола на штетни организми во растенија и растителни материјали, пласирање на пазарот на производи за заштита на растенија, семиња и растителни материјали, контрола на остатоци од пестициди во растителни производи.
Поглавје 12 опфаќа детални правила од областа на безбедноста на храната и хигиената. Пред се‘, се работи за исполнување на различни барања за да се достигне високото ниво на безбедност на храната и јавното здравство во Европската унија. Од особено значење се барањата за безбедност на храната, правилата за хигиена за производство на храна и деталните ветеринарни правила неопходни за здравјето и благосостојбата на животните. Понатаму, мерките кои се однесуваат на прашањата за добиточна храна, транспорт на живи животни, квалитет на земјоделски и шумски материјали за репродукција, заштита на растителни сорти и права за оплеменување на растенијата, како и регистрација, промет и примена на производи за заштита на растенија се исто така дел од ова поглавје.
Поконкретно, прописите на ЕУ кои се однесуваат на безбедноста на храната, животните и растенијата вклучуваат детални и бројни прописи за следните групи на области:
Општи закони за храна
Етикетирање на хранат и исхрана,
Агенти за подобрување на храната,
Нови видови/типови на храна и прехранбени намирници,
Биолошка безбедност на храната,
Хемиска безбедност на храната,
Отпад од хранa,
Добиточна храна,
Здравје на животните,
Заболувања на животни,
Благосостојба на животните
Трговија и увоз на животни и животински производи
Траги: Контрола на трговијата со животни,
Живи животни,
Животински производи,
Животински нуспроизводи,
Движење на домашни миленици,
Идентификација на животните,
Зоотехника,
Ветеринарна контрола на границата,
Сперма, јајце клетки и ембриони,
Генетски модифицирана Храна за животни,
Измама со храна,
Здравје на растенијата и биосигурност
Генетски модифицирани организми (ГМО)
Пестициди.
Државите-членки на ЕУ ги имплементираат сите овие хармонизирани стандарди и воспоставуваат систем за контрола и нивно спроведување. ЕУ од своја страна врши надзор на примената и ефективноста на законите и контролите , а исто така обезбедува и обука и едукација за одговорните национални институции. Македонија ќе има обврска да прифати и целосно да ги спроведува регулативите на ЕУ во оваа област за време на пристапувањето.
- Со целосно приклучување кон Системот за брзо известување/рано предупредува за храна и добиточна храна (РАСФФ) ќе се зголеми ефикасноста на официјалните контроли. Ова го подигнува општото ниво на безбедност на храната, меѓу другото и преку спречување на продажба и повлекување од пазарот на производи што претставуваат ризик по здравјето на луѓето.
- Во делот на трговијата со животни и храна ќе се зголеми и конкурентноста на македонските производители и одгледувачите на внатрешниот пазар на Европската унија. Со прилагодување кон стандардите на полето на ветеринарството ќе се унапреди одгледувањето на животни на фармите како и системот на обележување на животни. Така ќе се намали трговија со животни “на црно”.
- Како резултат на процесот на прилагодување кон стандардите на ЕУ, Македонија, меѓу другото, ќе има подобри капацитети за производство и преработка на месо, подобрено одгледување на животни на фарми, повисоки стандарди кога станува збор за благосостојба на животните, контролирана употреба на пестициди во согласност со стандардите на ЕУ, сигурен систем на национални лаборатории, а на домашните потрошувачи ќе им бидат загарантирани истите високи стандарди за безбедност на храната што ги имаат европските потрошувачи во моментов.
- Како резултат на прилагодување кон ЕУ стандардите за безбедност на храната, ќе се подобри имиџот на Македонија и нејзините производи. Храната произведена во Македонија ќе има слободен пат кон европските потрошувачи, без контроли на границите, што ќе го забрза транспортот на производите кои се чувствителни на транспорт. Пристапот до европскиот пазар позитивно ќе влијае на производителите на храна, на сопствениците на животни и на сите субјекти кои работат со храна.
- Македонија нема да мора да се откаже од традиционалните и други прехранбени производи. Ако се произведуваат за потрошувачка во сопственото домаќинство, тие ќе можат да се произведуваат како порано, но ако се продаваат на пазарот, ќе мора да задоволат одредени хигиенски стандарди за заштита на потрошувачите. Така на пр. сирењето и други лесно расипливи намирници на тезгите на пазарите каде се продаваат ќе мораат да се чуваат во разладни уреди, односно во фрижидери, што ќе ја зголеми безбедноста на храната.