Заедничката риболовна политика претставува сет од правила кои ги менаџираат европските риболовни флоти и правила за зачувување на фондот на риби. Дизајнирана за да се управува со заеднички ресурс, таа им дава еднаков пристап до европските води и ловишта на риби на сите рибарски флоти и на тој начин овозможува фер конкуренција на сите рибари.
Залихите на риби можеби се обновливи, но се ограничени. Некои од рибните залихи се прекумерно ловени. Како резултат на тоа ЕУ државите преземаа акција за да обезбедат дека европска риболовна индустрија биде долгорочно одржлива и да не ја загрозува големината на рибната популација, но и продуктивноста на долг рок.
Заедничката риболовна политика за прв пат е воведена во 1970тите години и од тогаш до сега има поминато повеќе сукцесивни надополнувања; последната реформа е влезена во сила во 2014 година. Со оваа реформа утврдени се а 4 главни области на Заедничката политика за риболов :
- Управување со риболовот и рибарството
- Меѓународна политика
- Пазарна и трговска политика
- Финансирање на политиката
- ЕMFF 2014-2020 година
Заедничката политика за риболов, исто така, вклучува правила за аквакултура, контрола на државната помош и вклучување на засегнатите страни.
Заедничката риболовна политика цели кон тоа да обезбеди риболовот и аквакултура да бидат економски, социјално и еколошки одржливи и да обезбедуваат извор на здрава храна за граѓаните на ЕУ. Нејзината цел е да подржува динамичка риболовна индустрија и да осигура пристоен стандард на живот за рибарските заедници.
Заедничката Риболовна политика на Европската Унија ги опфаќа прашањата за експлоатација и управување со рибните ресурси, прашањата за набљудување и контрола на рибарството, борба против нелегален, непријавен и нерегулиран риболов (illegal, unreported and unregulated fishing –IUU), прашањата за регулирање на пазарот на рибни производи, структурна политика, како и меѓународната соработка во риболов. Таа има за цел да обезбеди, на европско ниво, долгорочно одржливо искористување на живите ресурси на морето. Притоа, ја зема предвид растечката потреба на пазарот за здрави производи за морска храна. Во исто време, таа се обидува да ги зачува крајбрежните и островските заедници зависни од риболов, како и вработувањето во целиот сектор.
EУ води координирана политика за аквакултура. Во Европа аквакултурата придонесува со 20% во вкупното производство на риба и директно вработува 85.000 луѓе. Секторот главно го сочинуваат МСП или микро претпријатија во крајбрежните и руралните подрачја. Аквакултурата во ЕУ е позната по својот висок квалитет, одржливост и високи стандарди на заштита на потрошувачите.
Со цел да го зајакне секторот за аквакултура Комисијата објави Стратешки упатства за заеднички приоритети и општи цели на ниво на ЕУ. Идентификувани се четири приоритетни области во консултација со сите релевантни чинители:
- Намалување на административниот товар
- Подобрување на пристапот до просторот и водата;
- Зголемување на конкурентноста,
- Искористување на конкурентските предности кои произлегуваат од високиот квалитет на здравствените и еколошките стандарди.
Врз основа на упатствата, Комисијата и земјите од ЕУ соработуваат за да помогнат во зголемувањето на производството и конкурентноста на овој сектор. Од членките на ЕУ се бара да утврдат повеќегодишни планови за промовирање на аквакултурата. Комисијата помага во идентификувањето на тесните грла, но исто така ја олеснува соработката, координацијата и размената на најдобри практики меѓу земјите на ЕУ.
Без оглед на тоа што Република Северна Македонија нема море, преговорите за ова поглавје ќе се остваруваат, како и со сите претходни проширувања.
Законодавството за риболов се состои од прописи, кои не бараат транспонирање во националното законодавство. Како и да е, се бара воведување мерки за подготовка на администрацијата и операторите за учество во заедничката политика за риболов, што опфаќа:
- Пазарна политика,
- Управување со ресурси и флота (речиси целосно неприменливо за Македонија),
- Инспекција и контрола,
- Структурни активности и контрола на Државната помош.
Прилагодувањето кон Заедничката риболовна политика на Европската унија вклучува примена на разни технички мерки и воспоставување на соодветен систем за инспекција, надзор и контрола, систем за справување со нелегален, непријавен и нерегулиран риболов, како и механизми за кофинансирање.
- Поголема контрола и одржливост на рибните и водните ресурси. Резултатот од усогласување на регулативата на Северна Македонија со регулативите на ЕУ од областа на рибарството ќе биде исполнување на барањата во врска со контролата на нелегален, непријавен и нерегулиран риболов, што ќе придонесе за зачувување на националните водни ресурси.
- Полесно пласирање на европскиот пазар. Со влегувањето во Европската унија, ќе добиеме директен пристап до единствениот пазар, еден од најголемите увозници на рибни производи во светот. Употребата на средства од Европскиот фонд за рибарство и подобра организација на рибниот сектор преку здружување и заедничко организирање на производителите, ќе овозможат подобро позиционирање на македонскиот риболовен сектор на европскиот пазар.
- Европски поморски фонд и фонд за рибарство (EMFF). Рибарите и преработувачите на риби користејќи го средствата достапни преку ЕМФФ можат да направат понатамошни прилагодувања, да го модернизираат производството, да инвестираат во нови технологии, во маркетинг стратегии и комуникациски кампањи за зголемување на своето производство, да го намалат негативното влијание врз животната средина итн.
- Заштита на европската јагула (Anguilla Anguilla). Со имплементација на Европската регулатива за јагулата , Македонија ќе воспостави единици за управување и планови за управување со јагулата со што ќе се подобри заштитата на популацијата на европска јагула во Македонија.