Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Економска и Монетарна унија (ЕМУ)17

Објаснувачкиот состанок (скрининг) за Преговарачко поглавје 17 е одржан на 09. 01.2019 и 10. 01.2019

Економската и монетарна унија (ЕМУ) претставува напредна форма на економска интеграција на европските економии . ЕМУ започна да се реализира во 1992 година во неколку различни фази и вклучува координација на економските и фискалните политики на државите-членки, заедничка монетарна политика и заедничка валута наречена Евро. Во економската Унија учествуваат сите 28 членки на Европската унија. додека  19 држави-членки го усвоија еврото и тие заедно ја чинат еврозоната.

Обврска е на сите државите-членки е да ја сметаат економската политика за заеднички интерес и постојано да ги координираат националните економски политики, како и да постигнат врамнотежен национален буџет. Координацијата на економските политики подразбира и заедничко планирање на економската интеграција, стимулирање на економскиот раст, обезбедување работни места и конкурентност на европската економија како целина на глобално ниво.

Еврото е заедничка валута и симбол на Европската унија, а за граѓаните од еврозоната еден од најважните и највидливи резултати на европската интеграција. Единствената монетарна политика на ниво на ЕУ, што подразбира заедничка валута, придонесе за намалување на просечната стапка на инфлација и очекувања за инфлација на долг рок, ја поттикна понатамошната интеграција на пазарот, дополнително ја забрза интеграцијата на финансискиот пазар и со тоа овозможи релативно намалување на каматните стапки.

Европската централна банка (ECB), со седиште во Франкфурт, е одговорна за заедничката монетарна политика, заедно со националните централни банки на земјите членки на еврозоната. Независноста на Европската централна банка и националните централни банки е клучна за успешно функционирање на Економската и монетарна унија. Целта на Европската Централна Банка е да се одржи стабилноста на цените, што се дефинира како просечна годишна стапка на инфлација помала од, но близу 2%.

Главните постигнувања на европска Економска и монетарна Унија се огледаат во постоењето на функционална пазарна економија, ниски стапки на инфлација, ниски каматни стапки, создавање на подобро деловно опкружување, зачувување на макроекономска и финансиска стабилност и интегриран, конкурентен пазар кој ги намалува трошоците за стоки и услуги.

Државите-членки на ЕУ кои користат заедничка валута-евро, ја сочинуваат Еврозоната, Во моментов 19 од 28 се членки на еврозоната. Стари членки се: Германија, Франција, Италија, Холандија, Белгија, Луксембург, Австрија, Финска, Ирска, Шпанија, Португалија и Грција. Од новите држави членки еврото досега го имаат воведено : Словенија, Малта, Кипар, Словачка, Естонија; Латвија и Литванија.

Важно е да се потенцира дека воведувањето на еврото не следи автоматски по пристапувањето во Европската унија. Воведувањето на еврото како национална валута, доаѓа со исполнување на јасно дефинирани критериуми утврдени во Договорот од Мастрихт. Условите  (познати и како „критериуми за конвергенција“) се следните:

  1. Ценовна стабилност. Стапката на инфлација да не е повисока од просекот на трите државите-членки на Европската унија со најниска инфлација плус 1,5 процентни поени;
  2. Стабилни и одржливи јавни финансии. Дефицитот на буџетот на држава да не е повисок од 3% од БДП и јавниот долг да не е повисок од 60% од БДП;
  3. Стабилност на девизниот курс. Учеството во Европскиот механизам за девизен курс (ЕRM II) треба да е најмалку две години без значителни флуктуации на националната валута во однос на еврото и
  4. Траење на конвергенцијата. Долгорочните каматни стапки да не бидат повисоки од просекот на трите држави-членки на Унијата со најниска инфлација плус 2 процентни поени.

Законодавството во областа на економската и монетарната политика содржи специфични правила кои бараат независност на централните банки во државите-членки, забрана за директно финансирање на јавниот сектор од страна на централните банки и забрана за привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиски институции.

Државите-членки се очекува да ги координираат своите економски политики и да ги почитуваат правилата на Пактот за стабилност и раст кои се однесуваат на стабилноста на јавните финансии и на координација на фискалните политики (превенција), како и на постапката на прекумерен дефицит (корекција).

Европскиот семестар пак е систем на надзор на економските и фискалните политики кој се базира на следење на макроекономските и структурните трендови, на конкурентноста и финансиската стабилност на државите што опфаќа и дефинирање на стратешки насоки, изработка на програми за стабилност (за членките на еврозоната) и програми на конвергенција (заостанатите држави). Европскиот совет врз основа на програмите донесува препораки за секоја држава-членка при што врши контрола и на процесот на изработка на буџетот на секоја држава-членка. Притоа се воспоставува систем на рано предупредување со кој се регистрираат макроекономските нерамнотежи кои државите мораат да ги отстранат со соодветни корективни мерки за да не бидат изложени на санкции. На тој начин, макроекономскиот и фискалниот надзор во ЕУ придонесува за консолидација на јавните финансии односно за смалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг.

Европскиот механизам за стабилизација е инструмент кој пружа финансиска помош на државите од еврозоната кои се соочуваат со финансиски нерамнотежи.

Новите државите-членки по пристапувањето се очекува да бидат посветени на исполнување на критериумите утврдени во Договорот од Мастрихт за да можат да го усвојат еврото во догледно време. Се додека не ги исполнат тие услови, тие ќе учествуваат во Економската и монетарна унија како држави-членки со отстапување од употребата на еврото и ќе ги третираат своите девизни курсеви како прашање од заеднички интерес .

  • Европски систем на централни банки – Кога Mакедонија ќе стане членка на Европската унија, Народната Банка на Република Македонија (НБРМ) ќе стане дел од Европскиот систем на централни банки, составен од Европската централна банка (ECB) и националните банки на сите земји-членки, но ќе продолжи да води независна монетарна политика, а нејзината примарна цел – да се одржи стабилноста на цените – ќе остане непроменета. Македонија ќе биде обврзана да води фискална политика во согласност со принципите и правилата што се применуваат во Европската унија. Државата ќе известува за состојбата на буџетскиот дефицит и јавниот долг и ќе учествува во мултилатералниот надзор на јавните финансии на државите-членки на Унијата и во координацијата на економските политики. Откако ќе се исполнат критериумите за воведување на еврото, НБРМ ќе ја спроведува заедничката монетарна политика заедно со Европската Централна Банка и другите централни банки во еврозоната. Овој чекор подразбира и воведување на еврото како национална валута.Еврото како национална валута. – Македонија се очекува да има корист од позитивните ефекти на Европската економска и монетарна унија, особено ако го воведе еврото. Бидејќи Македонија веќе има развиена надворешна трговија со државите од ЕУ (ЕУ е најголем трговски партнер на Македонија), самото пристапување во Европската унија, а особено воведување на еврото, ќе ги направи македонските компании поконкурентни и значително ќе го олесни нивното работење. Воведувањето на еврото ќе ги елиминира трошоците за конверзија на валутата, ќе го олесни споредувањето на цените на пазарот и тоа ќе има позитивно влијание врз конкуренцијата. Особено важна придобивка од воведувањето на еврото е елиминацијата на валутниот ризик. Ова, од своја страна, значително ќе придонесе за целокупната макро-финансиска стабилност, ќе овозможи побрза конвергенција на каматните стапки со оние во еврозоната и ќе стимулира подинамичен економски раст.

Работна група (за подготовка на НПАА и на преговарачки позиции)

Институција носител за Работната група за Поглавјето 17:

ЕКОНОМСКА И МОНЕТАРНА УНИЈАе:

Министерство за финансии

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Народна банка на Република Северна Македонија
Министерство за економија

Во работната група а во зависност од подрачјето на работната група ќе учествуваат и следните институции:

МОНЕТАРНА ПОЛИТИКА за кое подрачје институција носител е:

Народна банка на Република Северна Македонија

Во групата ќе учествуваат и претставници на следната институција:

Министерство за финансии

ЕКОНОМСКА ПОЛИТИКА за кое подрачје институција носител е:

Министерство за финансии

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Народна банка на Република Северна Македонија
Министерство за економија
Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија

Други релевантни институции и актери

Државен завод за статистика
Министерство за труд и социјална политика.
Агенција за вработување на Република Северна Македонија
Економско социјален совет
Организација на работодавачи на Македонија
Стопанска комора на Р11епублика Македонија
Сојуз на стопански комори
Стопанска комора на северозападна Македонија
Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии
Комора на мал бизнис

 

Брошура на ЕЦБ: Европска централ банка, Евросистем и Европски систем на централни банки
Системот на економско владеење/управување во ЕУ објаснет-инфо страни на Комисијата
Преглед на ЕУ законодавството за ЕМУ-Економска и монетарна унија
Преглед на законодавството на ЕУ  за економското владеење/управување во ЕУ
Преглед на законодавството на ЕУ во областа банкарство и финансии
Програма на економски реформи 2019-2021
Програма за реформа на управувањето со јавни финансии 2018-2021
Стратегија за реформа на јавната администрација 2018/2022 и акциски план
Заштита на финансиските интереси на ЕУ : закони и прописи
Закон за јавна внатрешна финансиска контрола
Буџет на РМ  за 2019 година Закон за буџет и финансирање на ЕЛС
Закони и прописи за јавниот долг
Прописи од областа на даноците, таксите и другите јавни приходи
Документи од проектот: Зајакнување на среднорочното буџетирање за ефикасно управување со јавните финансии
Краткорочни економски движења – Документи
Заштита на финансиските интереси на ЕУ