Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Правда, слобода и безбедност24

Објаснувачкиот состанок (скрининг) за Преговарачко поглавје 24 е одржан на 12, 13 и 14 ноември 2018 г.

Политиките на ЕУ имаат за цел и понатаму да ја развиваат Унијата како подрачје на слобода, безбедност и правда со крајна цел да се обезбеди слободно движење и висок степен на заштита на граѓаните. Европските граѓани треба да се чувствуваат сигурни дека без разлика каде ќе движат, нивната слобода и безбедност ќе бидат заштитени во согласност со вредностите на Унијата, како што е владеењето на правото и темелните права. ЕУ работи на подобрување на внатрешната безбедност преку полициска соработка, гранично управување и граѓанска заштита. Државите членки треба да имаат соодветни капацитети за да можат соодветно да ги применуваат заедничките правила во областа на гранична контрола, визи, надворешна миграција, азил, полициска соработка, борба против организираниот криминал и против тероризмот, соработка во областа на сузбивање на трговијата со дрогите, царинска соработка и судска соработка во кривична и граѓанска материја. 

 За сето ова се потребни силни и добро интегрирани административни капацитети во рамките на полицијата и другите агенции за спроведување на законот и останатите релевантни тела, па затоа е неопходно истите да се придржуваат до потребните стандарди. Од клучно значење е постоењето на професионална, одговорна и ефикасна полиција. Националните полициски служби соработуваат преку Европската полициска канцеларија ЕВРОПОЛ.  

Државите членки на ЕУ работат на креирање на кохерентна имиграциска политика која ќе ги користи можностите на легалната миграција, додека истовремено ќе се справува со предизвиците на нерегуларната имиграција. Најголемиот и најсеопфатен дел од ова поглавје го опфаќа законодавството за Шенген кое се однесува на укинување на внатрешните гранични контроли во ЕУ. Во тек се напори за зголемување на безбедноста на надворешните граници, а притоа истовремено да се олесни движењето на лицата кои имаат право на влез во Унијата. Сепак, во поголемиот дел од државите – членки, значителен дел од законодавството за Шенген започнува да се применува после пристапувањето, со засебна одлука на Советот. 

Политиките во рамките на ова поглавје се засноваат на програмите Тампере (1990-04), Хаг (2004 – 09) и Стокхолм (2010 – 2014). Истите изворно произлегуваат од Глава 5 од Договорот за функционирањето на Европската Унија, која ја регулира Унијата како „подрачје на правда, слобода и безбедност”. 

За разлика од поголемиот дел од останатите поглавја, поглавјето 24 не подразбира една заедничка политика на правда, слобода и безбедност. Со оглед на обемноста и сеопфатноста, постојат одделни заеднички политики кои се составен дел на ова подрачје, но дел од политиките се сé уште во фаза на развој. Треба да се има предвид дека голем дел од прашањата за националната безбедност се во надлежност на државите-членки. Истовремено, дел од областите во рамките на поглавјето 24 неминовно се поклопуваат со поглавјето 23 (судство и темелни права), а двете поглавја се сметаат за составен дел на политичкиот критериум за владеење на правото.

Миграција – ова прашање ги опфаќа и регуларните и нерегуларните миграции. Во однос на регуларните миграции, потребно е да се усогласи законодавството во однос на дозволи за работа на странски државјани, како и останати документи за престој и движење на странците. Што се однесува до нерегуларната миграција, Р. Северна Македонија ќе треба да покаже резултати во спречувањето на нелегалното преминување на државните граници, посебно ако се има предвид дека земјата е дел од Западнобалканската рута. Р. Северна Македонија има потпишано договор за реадмисија со ЕУ, како и бројни протоколи со одделните држави членки на ЕУ. За време на преговорите ќе се следи спроведувањето на овие протоколи, како и реинтеграција на повратниците. 

Азил – Државите-членки имаат заеднички стандарди за азилот изразени преку директиви во однос на основните процедури за обработка на барањата за азил, правата кои ги имаат барателите на азил додека ја чекаат конечната одлука, условите за стекнување на правото на азил, правата кои ги имаат лицата со стекнато право на азил итн. 

Визна политика – Државите членки на ЕУ имаат заедничка визна политика во смисла на список на држави на чии државјани им е потребна виза за преминување на надворешните граници на ЕУ, како и список на држави кои не се членки на ЕУ, но се изземени од таквата обврска.  

Шенген и надворешни граници. Најобемниот дел од законодавството во рамките на Поглавје 24 се однесува токму на оваа област и потребен е висок степен на подготовка кој ќе овозможи укинување на внатрешните граници и слободно движење. Шенген зоната е највисокиот степен на интеграција во рамките на ЕУ, а притоа законодавството во овој домен постојано треба да се ажурира. 

Судска соработка во кривични и граѓански предметиВо поглед на кривичната материја, оваа област опфаќа екстрадиција, Европски налог за апсење, Европски налог за докази итн. Судската соработка во граѓанската материја се однесува на прашања за граѓанско и трговско право како што се договорните обврски, признавање на извршување на пресуди, медијација, наследство итн. 

Полициска соработка и борба против организиран криминал. Овој дел се однесува на усогласување на законодавството за конкретни кривични дела (како трговија со луѓе, детска порнографија, компјутерски криминал итн.), како и капацитетите на полицијата и другите релевантни тела да се справат со организираниот криминал. Тука спаѓа и перењето на пари, мали и лесни оружја, како и сајбер криминал. Притоа, потребен е висок степен на меѓуинституционална соработка, како и подготвеност за соработка и размена на информации со полициските служби од државите членки на ЕУ, како и со ЕВРОПОЛ. Еден од најголемите предизвици за време на преговорите ќе биде да се покажат резултати во финансиските истраги и конфискацијата и управувањето со конфискувани противправно стекнати средства. 

Борба против тероризам – опфаќа превенција и борба против тероризмот, вклучително и превенција и борба против насилен екстремизам и финансирање на тероризам. 

Борба против трговија со дрога – се однесува на откривање на кривични дела поврзани со дрога, вклучително и нелегално производство и трговија со дрога и психотропни супстанци. Меѓу поважните прашања се и начинот на уништување на запленетата дрога и прекусори, како и соработка со соседните држави и државите-членки на ЕУ. 

Спречување на фалсификување на еврото – се однесува на спречување на производство, употреба и поседување на фалсификувани банкноти и монети кои ја претставуваат заедничката валута.  

  • Укинување на гранични контроли со соседните држави – членки на ЕУСо оглед на тоа што Р. Северна Македонија веќе се граничи со Грција и Бугарија како држави членки на ЕУ, членството во ЕУ ќе доведе до укинување на граничните контроли. Затоа се потребни високи безбедносни стандарди на границите, професионализација на граничната полиција, царината и сите останати служби кои играат улога при гранична контрола. Потребно е зајакнување на постоечките административни капацитети, како и специфична опрема и изградба на соодветна административна инфраструктура на граничните премини. Токму затоа ова поглавје се смета за едно од најскапите поглавја за кое е потребно да се вложуваат значителни средства. 
  • Слободно движење. Со влезот во ЕУ на сите граѓани ќе им биде овозможено слободно движење во рамките на ЕУ, без внатрешни граници и гранични контроли. Преку зголемување на полициската соработка со останатите држави-членки на ЕУ ќе се овозможи поголем степен за безбедност и заштита на македонските граѓани. 
  • Македонија како дел од Шенген зоната. Пристапувањето во ЕУ не значи дека земјата автоматски ќе стане дел од Шенген зоната. Овој чекор зависи од Советот на ЕУ кој треба да донесе засебна одлука по ова прашање. Одлуката се темели на детални проверки за тоа дали се исполнети сите услови (во смисла на законодавство, но и технички и организациски капацитети), а посебно е важно државата да биде целосно подготвена да стане дел од информацискиот систем на Шенген. 
  • Борба против организираниот криминал и тероризмот. Во рамките на ова поглавје се обрнува посебно внимание на зајакнување на законодавната и институционална рамка за меѓуинституционална соработка за сузбивање на организираниот криминал, како што е трговија со дроги, трговија со луѓе, трговија со лесни и мали оружја итнОсвен тоа, се очекува засилена соработка за борба против тероризмот и насилниот екстремизам. Преку усогласување со прописите на ЕУ значително се олеснува одземањето на противправна имотна корист, а ова вклучува и олеснето одземање на имотна корист од лица кои се во роднинска, брачна или вонбрачна врска со сторителот. 
  • Внатрешна безбедност. Поглавјето 24 не се занимава со внатрешната безбедност и јавниот ред и мир, туку само со оние прашања кои имаат транснационална димензија. Сепак, вложувањето во професионализација на полицијата и борбата против организираниот криминал и корупцијата неминовно има позитивно влијание врз справувањето со останатите кривични дела и безбедносни појави. 

ПРАВДА, СЛОБОДА И БЕЗБЕДНОСТ е:

Министерството за внатрешни работи

Во групата ќе учествуваат и претставници на следните институции:

- Министерство за труд и социјална политика

Министерство за образование и наука

Министерство за надворешни работи

Во работната група а во зависност од подрачјето на работната група ќе учествуваат и следните институции:

– МИГРАЦИЈА за кое подрачје институција носител е:

Министерството за внатрешни работи,

а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за труд и социјална политика

Министерство за здравство

Министерство за правда

Министерство за образование и наука

– АЗИЛ за кое подрачје институција носител е:

Министерството за внатрешни работи,

а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за труд и социјална политика

Министерство за здравство

Министерство за образование и наука

Министерство за надворешни работи

– Управен суд на Република Северна Македонија

– ВИЗНА ПОЛИТИКА за кое подрачје институција носител е:

Министерството за надворешни работи,

а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:
Министерството за внатрешни работи
Министерство за правда.

– НАДВОРЕШНИ ГРАНИЦИ И ГРАНИЦИ НА ШЕНГЕН – ЗОНАТА за кое подрачје институција носител е:

Министерството за внатрешни работи,

а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:
Национален координативен центар за гранично управување

Министерство за надворешни работи
Министерство за финансии – Царинска управа
Министерство за транспорт и врски.

– СУДСКА СОРАБОТКА ВО КРИВИЧНИ И ГРАЃАНСКИ ПРЕДМЕТИ за кое подрачје институција носител е Министерство за правда, а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерството за внатрешни работи

Министерство за надворешни работи

Врховен суд на Република Северна Македонија

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

– ПОЛИЦИСКА СОРАБОТКА И БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ за кое подрачје институција носител е Министерството за внатрешни работи, а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за правда

Министерство за финансии – Царинска управа

Министерство за труд и социјална политика

Министерство за финансии – Управа за финансиско разузнавање

Министерство за финансии – Управа за финансиска полиција

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

– БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗАМ за кое подрачје институција носител е Министерството за внатрешни работи, а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за правда

Министерство за одбрана

Министерство за финансии – Управа за финансиско разузнавање

Министерство за финансии – Управа за финансиска полиција

– Национален координатор за борба против тероризам и насилен екстремизам

– Агенција за национална безбедност

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

– БОРБА ПРОТИВ ТРГОВИЈА СО ДРОГА за кое подрачје институција носител е Министерството за внатрешни работи, а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:

Министерство за финансии – Царинска управа

Министерство за здравство

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

Агенција за лекови и медицински средства.

– ЦАРИНСКА СОРАБОТКА за кое подрачје институција носител е:

Министерството за финансии – Царинска управа,

а во кое ќе учествуваат и претставници на следната институција:
Министерството за внатрешни работи.

– ФАЛСИФИКУВАЊЕ НА ЕВРОТО за кое подрачје институција носител е: Министерството за внатрешни работи,

а во кое ќе учествуваат и претставници на следните институции:
Министерство за правда
Министерство за финансии – Управа за финансиско разузнавање
Народна банка на Република Северна Македонија
Јавно обвинителство на Република Северна Македонија