Повеќегодишната финансиска рамка -ПФФ (Multiannual Financial Framework MFF) или позната уште како Финансиска перспектива го претставува долгорочниот Буџет на Европската Унија. Рамката ги поставува границите за трошењата од ЕУ буџетот во целина како и за различни полиња на активности за период од минимум 5, а вообичаено од 7 години. Целта на ПФФ е :
- Да се усогласат трошењата со политичките приоритети на ЕУ
- Да се осигура ЕУ буџетска дисциплина
- Да се овозможи полесно усвојување на буџетот
- Да се овозможи предвидливост на ЕУ финансиите
Во така утврдената повеќегодишна рамка се планира и преговара Буџетот за секоја одделна година односно годишниот буџет како поединечни приходи и трошења за 1 година. Годишниот буџет го обезбедува финансирањето на Програмите и активностите на ЕУ во различните области на јавните политики, како што се на пр. земјоделството, истражувањето и регионалната политика, а во согласност со политичките приоритети на ЕУ и со преземените правни обврски. Годишните буџети мора да се вклопат во границите поставени со ПФФ и вообичаено се утврдуваат на пониско ниво од максимално можното. Така се обезбедува рамнотежа меѓу приходите и расходите на ЕУ буџетот.
Ваквиот концепт на планирање и реализација на Буџетот на ЕУ овозможува тој секогаш да се наоѓа во баланс, односно никогаш да нема суфицит или дефицит, со што се елиминира потребата од ребаланси на буџетот, практика позната од националните економии. Од таму, јавните финансии на ЕУ и управувањето со нив се одликуваат со многу поголема балансираност, транспарентност и предвидливост во однос на националното ниво.
Постојат три клучни извори на средства на Буџетот на Унијата, таканаречени сопствени извори на средства на ЕУ:
- Традиционални сопствени извори – Traditional own resources (TOR): произлегуваат од царинските давачки кои се пресметуваат на увезените производи во ЕУ од државите кои се надвор од Унијата како и даноците на шеќер. ДЧ задржуваат 20% од овие средства по основ на трошоци настанати за собирање на овие приходи. Во 2011 ти изнесувале 12% од вкупните приливи
- Сопствени извори на основа на данок на додадена вредност – Value added tax-based own resource : претставуваат мал дел (0,3%) од хармонизираната стапка на ДДВ (ДЧ имаат различни стапки на ДДВ) кој го собираат државите членки. Овој извор изнесувал 11% во 2011
- Национален придонес врз база на БНД-Gross National Income-based own resource: одреден вообичаен процент од бруто националниот доход на секоја држава членка се уплаќа во буџетот на ЕУ. Економските послабите држави плаќаат помалку, а помоќните повеќе, релативно на нивната економска моќ.[1] Ова е најголем дел од изворите на приливи и во 2011 учествувал со 76% во вкупните приливи.
- Други извори на средства:
Дополнително, во ЕУ Буџетот се слеваат и средства по основ на банкарски камати, уплати од трети држави за учество во одредени Програми на Унијата, поврат на средства по различни основи, парични казни и даноци од платите на вработените во ЕУ, казните кои ги плаќаат компаниите за изречени прекршоци (на пример поради непочитување на правилата на конкуренција) и сл. На овие извори отпаѓаат околу 2 % од вкупните приходи на ЕУ.
[1]Поради ваквото солидарно решение на поделба на финансискиот придонес на ДЧ постојат Нето корисници и Нето плаќачи на Буџетот на ЕУ.
Буџетот на ЕУ се спроведува главно од страна на Европската комисија (ЕК) и државите-членки (ДЧ) на ЕУ. Всушност, државите-членки на ЕУ имплементираат околу ¾ од буџетот на ЕУ, што значи дека ЕК директно исплаќа само еден мал дел од буџетот. Сепак, Комисијата ја сноси крајната одговорност за спроведувањето/извршувањето на целиот буџет. Државите-членки во соработка со Комисијата се обврзани доделените средства да ги користат според принципите на стабилно финансиско управување. Сите актери вклучени во спроведувањето на буџетот на ЕУ мора да почитуваат определен сет на прецизно дефинирани правила утврдени со европското законодавство.
Извршувањето на годишниот буџет се верификува од страна на Европскиот парламент во процедура која се нарекува „ процедура за одобрување на буџетот“. Парламентот одлучува дали да го одобри начинот на извршување на буџетот за определена година по препорака на Советот, врз основа на извештај на Комисијата како и извештај и согласност за одобрување на Европскиот суд на ревизори.
Буџетот за актуелната седумгодишна временска рамка е определен на максимално 1.023.954 милиони евра. Тоа претставува околу 1 % од БПД на целата Европска унија и околу 2 % од вкупните јавни расходи на државите членки. Понатаму, националните влади во ЕУ преку своите буџети трошат за 50 пати повеќе од она што го троши ЕУ со својот буџет. Така, просечниот национален буџет во ЕУ изнесува 46% од вкупната вредност на економија. Друга суштинска разлика е што националните буџети се трошат главно на обезбедување на јавни услуги и на одржување на системите на социјална заштита, додека ЕУ буџетот се троши главно на инвестиции.
Наспроти користите кои ги овозможува ЕУ за своите граѓани и кои тешко може прецизно да се квантифицираат, граѓаните придонесуваат со околу 2.016 евра во нејзиниот буџет за 7 години, што е годишно 288 евра или дневно 78 центи што претставува отприлика цена на еден „филџан чај “ дневно. Буџетот на ЕУ не смее да биде повисок од 1% од БНД на државите членки, додека реалните исплати се секогаш пониски од оваа горна граница. Буџетот на ЕУ за 2019 година изнесување околу 148 милијарди евра што е помалку од буџетот на Белгија или Австрија.
Едукативно објаснувачко кратко Видео на ЕК за тоа како се троши буџетот по теми.
Европската развојна стратегија за економски раст, позната како Европа 2020 се темели на три основни столба за мудар, одржлив и инклузивен раст, има 5 клучни цели кои треба да се постигнат до 2020 година и се реализира преку седум ударни иницијативи. Европа 2020 претставува долгорочна економска стратегија на ЕУ за надминување на структурните недостатоци на европската економија, за подобрување на нејзината конкурентност и продуктивност и за поддршка на социјалната пазарна економија како главен економски модел на развој на ЕУ. [1]
[1]http://ec.europa.eu/eu2020/pdf/COMPLET%20EN%20BARROSO%20%20%20007%20-%20Europe%202020%20-%20EN%20version.pdf
Секоја држава членка поставува свои национални цели, индикатори и под-индикатори според националните специфичности и ниво на развој. Бидејќи стратегијата Европа 2020 се однесува на цела Европа, а не само на ЕУ, и Македонија има поставено свои национални таргети и го следи нивното исполнување. Системот за следење на исполнувањето на националните и европските цели на Европа 2020 наречен Европски семестар е целосно вклопен во системот на економско управување, воспоставен на ниво на ЕУ.
Македонија како држава кандидатка се подготвува за вклучување во системот на координација на економските политики на ЕУ и во Европскиот семестар. Значаен дел од вкупниот буџет на ЕУ за периодот 2014-2020 (кој изнесува 1.087 милиони евра) е насочен кон исполнување на целите на Европа 2020. Поинаку кажано, фондовите и програмите на ЕУ, вклучувајќи ја и надворешната помош, чиј составен дел е и ИПА II, треба да го демонстрираат својот придонес кон остварувањето на заедничките цели на Европа 2020.
Подолу е прикажана структурата на Стратегија според трите столба, целите[1] и инструментите на поддршка.