Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Фондови

Остварувањето на стратешките и во таа рамка економските цели и приоритети, ЕУ го финансира преку бројни Фондови, преку таканаречени Програми на Унија, посебни инструменти за развој, поддршка и соработка на полето на бројни политики од значење на ЕУ како и преку бројни и разновидни финансиски инструменти.

Европските Фондови и Програмите на Унијата[1] како и останатите инструменти оперираат на принципот на кофинансирање кој означува сопствено учество со финансиски средства на државата корисничка. Како резултат на ваквиот принцип на финансирање вкупно вложените средства во програми, проекти и инвестиции се многу повисоки од одобрените средства од ЕУ-извори. Од тука, комбинацијата на ЕУ и на национално финансирање овозможува многу поголемо влијание на вкупните јавни инвестиции, а исто така мобилизира и нови приватни и јавни инвестиции што доведува до мултипликација на ефектите. Дополнително, постои и можност за комбинирање на различните механизми и инструменти на финансирање на ЕУ што пак придонесува за поголема синергија на јавните инвестиции од различни извори. Средствата од европските фондови се планираат исто како и Буџетот на ЕУ за период од седум години.

[1] За целосен преглед на европските механизми на финансирање види подетално на: https://ec.europa.eu/info/funding-tenders/funding-opportunities/funding-programmes/overview-funding-programmes_en

Постојат 5 клучни ЕУ Фондови познати под заедничкото име Европски структурни и инвестициони фондови (ЕСИФ)- European structural and Investment funds (ESIF):

 

  1. Европскиот фонд за регионален развој ЕРДФ
    • the European Regional Development Fund (ERDF),
    • е наменет за сите ДЧ; има за цел да ја зајакне економската и социјалната кохезија во ЕУ преку намалување на диспаритетите помеѓу различните региони.
  2. Европскиот социјален фонд (ЕСФ)
    • the European Social Fund (ESF)
    • е наменет за сите региони, инвестира во луѓето (човечки капитал) со фокус на подобрување на можностите за вработувањето и образованието/едукацијата низ Европа. Да се подобри ситуацијата на најранливите групи лица кои се изложени на ризик од сиромаштија е исто така цел на ЕСФ.
  1. (Европскиот) кохезионен фонд (КФ)
    • the Cohesion Fund CF
    • е наменет за државите со БНД понизок од 90% од просекот на ЕУ28 со цел намалување на економските и социјалните диспаритети и промовирање на одржлив развој. Кохезиониот фонд финансира проекти од областа на (заштитата на) животната средина и транспортот.
  2. Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (ЕФРР)
    • the European Agricultural Fund for Rural Development (EAFRD)
    • е наменет за сите држави, го финансира руралниот развој фокусирајќи се на решавање на специфичните предизвици на руралните региони.
  3. Европскиот фонд за поморство и рибарство (ЕФПР)
    • the European Maritime and Fisheries Fund (EMFF).
    • e наменет за сите држави, ги поддржува рибарите во развој на одржлив риболов, развојот на аквакултурата и активностите за отворање на нови работни места и подобрување на квалитетот на живот на луѓето во крајбрежните подрачја

Постојат и бројни други фондови за финансирање на други потреби и за специфични потреби. Дел од нив се финансираат од извори надвор од Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.

  1. Европскиот фонд за гаранции во земјоделството
  2. Европски фонд за прилагодување на глобализацијата
  3. Фонд за солидарност на ЕУ
  4. Фонд за азил, миграција и интеграција
  5. Фонд за европска помош за лицата кои имаат најголема потреба од материјална помош
  6. Европски развоен фонд
  7. Истражувачки фонд за јаглен и челик
  8. Фонд за внатрешна безбедност