Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Програми

Покрај ЕСИ фондовите ( European Structural and Investment Funds-ESIF), од ЕУ буџетот се финансираат и повеќе од 35 Програми на Унијата (Union Programmes) кои располагаат со значителни износи на средства за поддршка на проекти, соработка, размена на знаења, искуства и добри практики.  Програмите постојат во речиси секоја политика што се спроведува на ниво на ЕУ и тоа како во оние кои се во нејзина исклучива надлежност, како Политиката за заштита на конкуренцијата, во областите кои се во национална надлежност на државите членки како што се фискалната политика и политиката на образование или културната политика така и во оние области кои се со поделена надлежност, како што и се животната средина, вработувањето или заштитата на потрошувачите. Примарна причина за воспоставување на програмите беше приближување на политиките и активностите на Европската унија кон европските граѓани, како и креирање додадена европска вредност во дадена област што во крајна линија води кон продлабочување на европската интеграција и поголема европеизација на општествата и граѓаните.

Буџетите се планираат за период од четири до седум години, но без постоење на национални алокации, како што е тоа случајот со ЕСИ Фондовите. За секоја Програма постои работна програма која се имплементира преку повици. И кај Програмите исто како и кај фондовите постои принцип на кофинансирање на корисниците. Од апликантите на повиците вообичаено се бара да демонстрираат специфична додадена европска вредност на проектните идеи која се изразува во повеќе димензии: партнерства меѓу различни држави,  региони и сектори; приоритетите, целите или резултатите на проектните идеи треба да се однесуваат на проблеми кои се релевантни за Европа; проектните идеи треба да нудат решенија кои се релевантни на европско ниво и проектите треба да се во согласност со европските цели и приоритети во односните области односно да придонесуваат за нивно исполнување.

Во најголем дел Програмите се имплементираат централизирано на ниво на ЕУ од страна на надлежните Генерални директорати. Со зголемувањето на важноста и влијанието на некои од Програмите ЕУ формира(ше) и посебни специјализирани извршни агенции со цел поефикасна имплементација на одредени Програми. Единствена Програма кој се спроведува главно на децентрализирано ниво е Програмата Еразмус+. Децентрализацијата во спроведувањето на Програмата претпоставува основање на т.н. Национални агенции кои по исполнувањето на строго пропишани услови добиваат акредитација од Европската комисија што значи може да им се доверат на управување европските средства.

Државите кои не се членки на ЕУ, а сакаат да учествуваат во Програмите плаќаат т.н. „влезен билет“ за учество. Условите, правилата и постапките за учество се исти како и за државите-членки и се содржани во Рамковна спогодба меѓу ЕУ и државата- идна учесничка во Програмата. Посебните принципи и финансиското учество за секоја програма се регулира со потпишување на Меморандум за разбирање, во кој се предвидуваат и услови за финансиска контрола и ревизија. Програмите се реализираат преку отворени јавни повици за поднесување на проектни предлози, на кои директно може да аплицираат најразновидни видови на корисници, од граѓански организации, училишта и универзитети, општини, па се до мали и средни претпријатија. Поединци (физички лица) можат да аплицираат само како исклучок, главно за активности кои вклучуваат мобилност или истражувачки грантови. За подобра координација на Програмите во секоја држава-учесничка се формираат т.н. Национални (контакт) точки кои се задолжени за информирање , промоција на програмата и поддршка на потенцијалните корисници.

Области кои ги покриваат Програмите на Унијата се МСП, конкурентност, иновации, истражувања и развој, клима, животна средина, енергија и транспорт, образование, социјална политика, млади, развој на демократијата и човекови права, култура и медиуми, здравје и заштита на потрошувачи, информатичко општество и дигитализација итн.

Најзначајните програми со области на делување и расположив вкупен буџет  за периодот 2014.-2020 се прикажани подолу во табелата. Македонија учествува во најголем дел од нив.

Покрај овие постојат и програми кои поддржуваат активности и соработка во специфични области како што се поддршка на државите членки за структурни реформи, волонтерството во хуманитарни проекти,  хуманитарна помош, помош во случаи на природни и катастрофи предизвикани од човекот, соработка во превенција и борба против фалсификување на еврото и измами, боба против корупција, одговор и превенција на кризи и градење на мир, соработка со држави надвор од европскиот континент во области важни за ЕУ, па се до Програмите за сателитско набљудување на Земјата и сателитска навигација. Подолу е прикажана листа на овие програми. Се работи главно за програми, како Copernicus, Galileo или SRSP кои се наменети за соработка меѓу државите-членки, што значи дека, под сегашните правила, Македонија ќе може да учествува во нив со денот на пристапувањето во ЕУ. Друг помал дел се всушност инструменти во поддршка на развојот на надворешните односи на ЕУ, како што е Инструментот за Партнерство или Инструментот кој придонесува за мир и стабилност.

 

Трет извор на финансии се многубројните финансиски инструменти (ФИ) кои претставуваат мерки на финансиска поддршка од буџетот на ЕУ и имаат за цел да адресираат една или повеќе специфични цели на Унијата. Такви посебни финансиски инструменти може да се јават во форма на заеми, гаранции, еквити, квази-еквити и други инструменти за поделба на ризикот. Овие инструменти се средства за мобилизирање на приватни (и јавни) финансии за проекти за јавни добра со висока додадена вредност, а кои приватниот сектор не би ги финансирал без поддршка. Тие се имплементирани од Европската инвестициона банка (ЕИБ), која се нарекува и Банката на ЕУ и преку Европскиот инвестиционен Фонд (ЕИФ), кој оперира кај составен дел од ЕИБ групата.

Финансиските инструменти управувани на ниво на ЕУ успешно се користат за цели како што се истражувањето, развој на претпријатијата (МСП) и индустријата, култура или образованието и тоа во рамки на Програмите на Унијата :

  • Хоризонт (Инструментот InnovFin – EU Finance for Innovators);
  • КОСМЕ (инструментите The Loan Guarantee Facility (LGF) и The Equity Facility for Growth (EFG) );
  • ЕАСИ (EaSI Guarantee Instrument; Capacity Building Investments Window и EaSI Funded Instrument-);
  • Креативна Европа (Cultural and Creative Sectors Guarantee Facility (CCS GF) и
  • Еразмус + (Erasmus+ Master Loan Guarantee Facility).

На ниво на споделен менаџмент  (меѓу Европската комисија и државите-членки), бројни инструменти се развиваат и користат од страна на самите држави-членки во рамките на сите ЕСИ фондови.

ФИ добиваат се повеќе на значење како форма на финансирање на ЕУ, покрај Фондовите и Програмите. ЕФСИ фондот[1] кој беше основан во 2015 год. според т.н. Јункер-план за поттикнување на инвестициите во ЕУ де факто претставува форма на финансиски инструмент кој според големината на мобилизираните средства во неколку години постоење веќе го надмина буџетот на Кохезионата политика на ЕУ (352 млд. Евра).