Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Спречување на фалсификување на еврото

Пишува: Трпе Стојановски

Високо на агендата на ЕУ (и на ЕВРОПОЛ) е грижата за спречување на фалсификување на еврото. Политиките на ЕУ за заштита на еврото, како симбол на Унијата[1], се нејзини приоритети. Еврото, како официјална валута во најголемиот број земји членки на ЕУ, е стабилно платежно средство, особено кога станува збор за склучување договори и обезбедување сигурност на финансиските трансакции.

 

Нашата земја, ратификувајќи ги меѓународните инструменти, особено оние на Советот на Европа, е навлезена во финансиските и безбедносните политики на ЕУ, кои подразбираат натамошно учество во заедничките политики на Европската Унија.  Бројни активности се преземаат во ЕУ за да се обезбеди институциите што управуваат со финансиските и со административните процеси да имаат капацитет за препознавање ризик во рана фаза и правовремено да разменуваат информации со кои ќе се оствари висока заштита на еврото.

 

Европол е агенција за спроведување на законот и за борба против организираниот криминал и тероризмот во Европската Унија. Меѓу највисоките приоритети на Европол е заштитата од фалсификување на еврото. Од 2005 година ЕВРОПОЛ има улога на Централна канцеларија за борба против фалсификување на еврото[2]. Со одлука на Владата од 2011 година, Република Северна Македонија има воспоставено Централна канцеларија против фалсификување пари. Република Северна Македонија има договор за соработка со Европол од 2009 година. Од 2015 година нашата земја има свој полициски офицер во седиштето на Европол во Хаг, Холандија.

 

Со оваа одлука произлегуваат низа обврски за Република Северна Македонија. Имено, од земјата ќе се очекува исполнување извесни обврски со отпочнувањето на преговорите, какво што е потемелното усогласување на националната регулатива поврзано со спречувањето на фалсификување на еврото.

За Република Северна Македонија ќе биде корисно да се разработат одредбите од Меѓународната конвенција за сузбивање фалсификување валути, што е чекор кон уредување на обврските за доставување информации до ЕВРОПОЛ. Во оваа смисла, до одреден степен може да се користат компаративните искуства од земјите од регионот што веќе се во процес на преговори со ЕУ, иако повеќе активности и институционални решенија Македонија има воведено пред тоа да го направат овие држави.

 

Министерството за финансии е институцијата што треба да иницира отпочнување процедура за сеопфатно применување на Женевската конвенција за сузбивање на фалсификувањето валути и да управува со процесот.

 

Министерството за внатрешни работи, преку Бирото за јавна безбедност, може да ја разгледа постојната организациска поставеност и, ако е потребно, да ја засили организациската единица што соработува со Европол, преку обезбедување организациски, човечки и материјални претпоставки, а со цел поефикасно дејствување против фалсификување на еврото.

 

Народната банка на Македонија, со одлука на Владата на Република Северна Македонија од 2011[3] година, има воспоставено Централна канцеларија против фалсификување пари и има надлежност во континуитет да ја анализира и да ја следи состојбата поврзана со фалсификувањето валути, како и правовремено да ги известува надлежните институции.

 

На подрачјето на спречување и заштитата од фалсификување на еврото, Република Северна Македонија има преземено мерки и дејства што делумно ја отсликуваат потребната острина, а се содржани во Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка, Законот за полиција и Законот за Народната банка на Македонија. Натамошното хармонизирање на регулативата по која постапуваат институциите за спроведување на законот, обвинителството и судовите, е неопходна. Овој чекор се однесува и на потребата од соодветен тренинг, обука и специјализација на службениците што го спроведуваат законот, јавните обвинители и судиите.

 

Со отпочнувањето на преговорите со ЕУ и, особено, со нивното завршување, Република Северна Македонија ќе мора во целост да ја усогласи правната и институционалната рамка за борба против фалсификувањето валути со правните текови на ЕУ.

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

[1] Еврото (банкарски код EUR, симбол ) е официјална валута на 19 од 28 земји членки на Европската УнијаАвстријаБелгијаГерманијаГрцијаИрскаИталијаКипарЛуксембургМалтаПортугалијаФинскаФранцијаХоландијаСловачкаСловенијаШпанијаЕстонијаЛатвија и Литванија (од 1 јануари 2015 година), заеднички познати како Еврозона. Еврото, исто така, со еднострана одлука е валута во АндораКосово и Црна Гора.

На финансиските пазари еврото е воведено на 1 јануари 1999 година, а во оптек беше пуштено на 1 јануари 2002; https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%95%D0%B2%D1%80%D0%BE

[2] https://mvr.gov.mk/page/europol

[3] http://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-odluka_za_utvrduvanjie_na_postapkata_za_otkrivanjie_i_povliekuvanjie_falsifikuvani_pari.nspx

29/03/2021