Пишува: Трпе Стојановски
Пандемијата КОВИД 19 за прв пат беше идентификувана во декември 2019 година и суштински го промени светот. За прв пат по Втората светска војна, се случија промени во начинот на живеење, кои претходно беа незамисливи. Физичката оддалеченост и изолацијата, придружена со работа, учење или ограничување во домот, станаа високо практикувани и препорачани мерки. Училиштата и универзитетите го менуваат начинот на работа преку поддршка на часови преку Интернет што се посетуваат од дома.
Иако пандемијата значително ги промени животите на сите луѓе, таа сериозно влијаеше на ранливите групи. Со оглед на новата природа на вирусот, општеството тешко се прилагодува на новите услови, за кои се потребни одржливи здравствени протоколи. Новите предизвици што ги носи пандемијата поттикнаа нови политики и нов пристап кон управување со криза од глобални размери. Препораките на Светската здравствена организација (СЗО) се препознаваат како патоказ кој треба да обезбеди вирусот да биде помалку опасен. Во исто време, ранливите групи остануваат изложени на ризик, вклучително мигрантите, бегалците, жртвите на трговија со луѓе.
Пандемијата КОВИД 19 има силно влијание врз миграциските текови во МАРРИ регионот, правејќи ја нивната состојба уште потешка. Со зголемувањето на превентивните мерки и заштитата на здравјето на луѓето, многу административни процедури во МАРРИ регионот се изменети и надградени во согласност со препораките на СЗО. Ова значи дека покрај вообичаените миграциски предизвици, има и дополнителни – предизвикани од пандемијата КОВИД 19, како што е спроведувањето на препораките на СЗО и превентивните мерки за мигрантите.
Студијата „Анализирање на влијанието на КОВИД-19 врз миграцијата во земјите на МАРРИ иницијативата„[1] беше спроведена од октомври до декември, 2020 година и го истражува влијанието на пандемијата КОВИД-19 врз миграцијата во регионот. Студијата ги идентификува празнините на клучните засегнати страни во управувањето со миграцијата при адаптирање кон состојбите предизвикани од пандемијата COVID-19, како и идентификување на добри практики за ефикасно и ефективно спроведување на препораките на СЗО.
Истражувањето е спроведено преку интервјуа и прашалници со 88 претставници од шесте земји на МАРРИ иницијативата[2], и тоа од:
- министерствата за внатрешни работи (38);
- меѓународни организации активни во МАРРИ регионот (22);
- невладини организации (20);
- претставници од академската заедница (8).
Главни наоди од истражувањето
- Мигрантите се препознаени од властите во МАРРИ земјите како лица на кои им е потребна помош, особено во услови на пандемија КОВИД-19.
- Мигрантите и бегалците наидуваат на тешкотии кога треба да ги остварат своите права и да добијат пристап до здравствена заштита и други витални услуги.
- Бегалците, мигрантите и внатрешно раселените лица не се соодветно заштитени со плановите за постапување при пандемијата, во повеќето земји.
- За време на пандемијата земјите од МАРРИ регионот објавија зголемена нередовна миграција.
- Транзитните центри во земјите од регионот се препознаваат како точки со голема ранливост.
- Земјите од МАРРИ регионот, кои географски се на источниот медитерански пат, ќе продолжат да се соочуваат со натамошен бран мигранти.
- Човековите права во услови на пандемијата беа еродирани и ќе биде потребно време за да се сврти процесот во добра насока.
- Истражувањето укажа на зголемен број на кривични дела криумчарење мигранти и намалување на трговија со луѓе во МАРРИ регионот, во услови на пандемија.
- Достапноста на информации за јавните услуги и приватни услуги наменети за ранливите групи, како што се барателите на азил, мигрантите и жртвите е идентификувана како клучна можност и потреба за подобра интеграција на поединци.
Препораки кои произлегуваат од анализата се:
- Светската здравствена организација (СЗО) им препорачува на владите да го прегледаат и прилагодат националниот план за постапување во услови на пандемија COVID-19 и одговор во итни случаи, вклучително и обезбедување здравствени услуги на бегалците и мигрантите.
- Засегнатите страни во МАРРИ регионот да продолжат да работат на подобрување на условите и постигнување одржливи здравствени услуги за бегалците, барателите на азил, мигрантите и жртвите на трговија со луѓе.
- Потребно е натамошно инвестирање во подобрување на стандардите за мигрантите и барателите на азил, со цел да се воспостават добри процедури кои гарантираат интегритет и фер постапување.
- СЗО им препорачува на владите да ги зголемат капацитетите потребни за постојано обезбедување јавни услуги, со цел да се обезбеди подобра подготвеност и одговор на КОВИД-19.
- Агенциите за спроведување на законот да работат на подобрување на меѓусебната комуникација, со цел подобро спротиставување на криумчарење мигранти, каде што влијанието на организираниот криминал е големо и каде што злоупотребата на мигрантите е неконтролирана.
- Потребно е системско подобрување во генерирање и собирање на податоците поврзани со миграцијата во сите земји од МАРРИ регионот.
- Зголемената употреба на информатичко комуникациски алатки за споделување на информации меѓу владините институции ќе поддржи размена на витални информации при решавање на административните процеси кај барателите на азил, мигрантите и жртвите на трговија со луѓе.
- Зајакнување на партнерството меѓу владите во МАРРИ регионот, како и меѓусекторска и меѓуагенциска координација ќе придонесе за посеопфатен одговор во услови на пандемијата.
Што мислат испитаниците за зборот пандемија
[1] Анализата е достапна на: http://marri-rc.org.mk/events/15-16-december-2020-regional-conference-tuning-migration-procedures-to-covid-19-good-practices-and-way-forward/
[2] Партиципиенти на МАРРИ Иницијативата се: Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово, www.marri-rc.org.mk
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.