Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Екстрадицијата како форма на судска соработка во кривичната материја во рамките на Европската Унија

Пишува: Лепосава Огњаноска, Коалиција „Сите за правично судење“

Лисабонскиот договор го истакнува значењето на формирањето „област на слобода, безбедност и правда“, како една од целите на ЕУ. Оваа област без внатрешни граници се заснова на слободното движење на лицата, што, во согласност со членот 3(2) од Договорот за ЕУ, се обезбедува во комбинација со соодветни мерки за контрола на надворешните граници, азил, имиграција и спречување и борба против криминалот. Неоспорно е дека отворените граници претставуваат голема придобивка во процесот на интеграција, но, од друга страна, доведуваат и до појава на нови форми на транснационален криминал и олеснување на неговото одвивање. Токму затоа, градењето на областа на слободата, безбедноста и правдата мора да биде придружено со судска соработка во кривичната материја што се заснова на принципот на заемно признавање на пресудите и судските одлуки и вклучува мерки за хармонизација на правните системи на државите членки. Оттаму, судската соработка ја зголемува довербата меѓу судските органи во државите членки и ја засилува внатрешната интеграција и остварувањето на заедничките вредности на кои се темели Унијата. Во таа насока, EUROJUST има значајна улога во подобрувањето на меѓусебната соработка и во координирањето на кривичните постапки.

Една од формите на злоупотреба на слободното движење на лицата во контекст на транснационалниот криминал е можноста за полесно движење на сторителите на кривични дела, односно нивно засолнување на територијата на друга држава, различна од онаа во која сториле кривично дело, што, пак, доведува до усложнување на процесот за навремено откривање, гонење и пресудување на криминалот, како и на извршувањето на правосилните одлуки со кои се изречени кривични санкции. Токму затоа, екстрадицијата претставува значаен инструмент на меѓународната соработка, а како таква е препознаена и во рамките на ЕУ. Екстрадицијата како постапка на предавање од една на друга држава на извршителот на определено кривично дело, под определени услови и во определена постапка, со цел во државата барател да се оствари процесот на гонење или извршување на кривичната санкција изречена за стореното кривично дело, е регулирана со Европската конвенција за екстрадиција на Советот на Европа, дополнета со четири протоколи, а е опфатена и со меѓународни конвенции што се однесуваат на најтешките форми на кривични дела.

Меѓутоа, за разлика од повеќето области од поглавјата 23 и 24, за кои европските стандарди не се содржани во acquis-от на Унијата, туку се воспоставени во актите на Советот на Европа и на други меѓународни организации, екстрадицијата како правен институт е регулирана и со соодветна правно-институционална рамка на ниво на ЕУ. Така, Советот на ЕУ на 13 јуни 2002 година усвои Рамковна одлука за европскиот налог за апсење (Framework Decision on European Arrest Warrant), со што се поедноставува постапката за прекугранично предавање на лица заради гонење или извршување на казна затвор или мерка притвор. Потерницата издадена од судски орган на една држава членка на ЕУ има правно дејство на целата територија на ЕУ, со што се воспоставува единствена јурисдикција врз основа на принципот на заемно признавање. По преземените мерки од државите членки на ЕУ, европскиот налог за апсење од 1 јануари 2004 година стана оперативен инструмент на соработка, кој го замени претходно развиениот систем со побрз и поедноставен механизам на предавање на бараните лица. Па, така, за разлика од традиционалниот режим на екстрадиција, европскиот налог за апсење се карактеризира со строги временски рокови за негово извршување; наместо условот кривичното дело да биде предвидено како такво и во двата правни системи, за него треба да биде предвидена затворска казна од најмалку три години во државата издавач на налогот; политичкото вмешување се избегнува на начин што одлуките ги донесуваат правосудните органи; вклучува процедурални гаранции и основите за одбивање се стриктно определени. Меѓусебната доверба на правосудните органи е клучна за неговото спроведување, при што во практиката се појавија значајни предизвици, кои беа адресирани и од Судот на правдата на Европската Унија.

Правно-институционален систем за соработка во кривични предмети во нашата држава континуирано се надградува и се усогласува со европските стандарди, воспоставенa e добра соработка со EUROJUST и Министерството за правда активно постапува по барања за екстрадиција. Сепак, спроведувањето на правдата во Република Северна Македонија во повеќе предмети поврзани со сериозни облици на организиран криминал и корупција против носители на високи функции наиде на пречки поради фактот што обвинетите, односно осудените лица во овие постапки подолго време стојат на списокот на лица за кои се бара екстрадиција. Неуспешните постапки за екстрадиција ги обележаа и предметите иницирани од Специјалното јавно обвинителство, при што лицата со напуштањето на државните граници успеаја да го избегнат соочувањето со правдата. Причините во еден дел се поврзани со начинот на подготвување на барањата и приложените докази, но, сепак, практиката покажува дека, иако екстрадицијата е правен институт и форма/инструмент на меѓународната судска соработка, подложна е на политички влијанија и интереси, имајќи предвид дека конечната одлука по барањата најчесто ја донесува министерот за правда, како претставник на извршната власт. Можноста за користење на европскиот налог за апсење во контекст на (идното) членство во ЕУ, влева надеж за надминување на овие проблеми, пред сè, во интерес на владеењето на правото.

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

30/11/2020