Пишува: доц. д-р Весна ПОПОСКА, Меѓународен универзитет Визион
Сè поголемиот број напади на критичната инфраструктура и „креативноста“ во нивното изведување го поставуваат како легитимно прашањето како да се зголеми безбедноста без да се намали либералниот простор и слободата како вредност и цивилизациска придобивка.
Дефинирањето на критичната инфраструктура е различно за секоја држава или меѓународна организација, но генерално, критичната инфраструктура се определува како таква врз основа на исти или слични карактеристики. Постојат повеќе теории или пристапи кон тоа како да се издвои критичната инфраструктура, кои во себе опфаќаат различна методологија и критериуми, како што се: географскиот опфат на влијание на определен сегмент на критичната инфраструктура, значењето (национално, регионално, глобално) и времетраењето на неопходната заштита (постојано, повремено/привремено) Дополнително, за да се разбере концептот на критичната инфраструктура, многу е важно да се земе предвид секторската меѓузависност и тесната интеракција. Виталните сектори се меѓусебно поврзани и интерактивни, што доведува до создавање нови ранливости и критични точки. Ваквата меѓузависност може да се манифестира како физичка, кибернетска, географска и логичка. Во поглед на ефектите, оштетувањето или отстранувањето на различни сегменти од критичната инфраструктура има различен ефект врз државата и општеството во целина – некои можат да се санираат брзо, без поголеми последици, а кај некои и краткотраен прекин може да има драматични ефекти. Некои, пак, бидејќи се каскадно поврзани, се поважни за функционирањето на некои други што можат да имаат таков ефект. Оттука произлегува потребата да се изврши проверка при идентификувањето на секторите на критичната инфраструктура преку модел/симулација дали секторот исполнува определени критериуми. Со Европската програма за заштита на критичната инфраструктура од 2006 година, определени се вкупно 11 сектори: енергетика, нуклеарна индустрија, ИКТ, водоснабдување, храна, здравство, финансии, транспорт, хемиска индустрија, вселена, истражувачки постројки.
Европската Унија ја дефинира критичната инфраструктура преку Директивата 2008/114/EC, која ги повикува земјите членки да ги идентификуваат и да ги десигнираат европските критични инфраструктури, како и да извршат процена на потребата за подобрување на нивната заштита. Сите земји членки ја спроведоа Директивата преку воспоставување процес за идентификување и назначување европски критични инфраструктури во енергетскиот и во транспортниот сектор. Во самата Директива критичната инфраструктура е дефинирана како „средство, систем или дел од него лоциран во земјите членки, што е од суштинско значење за одржување на виталните општествени функции, здравјето, безбедноста, економската или социјалната благосостојба на луѓето и чие нарушувањето или уништување би имало значително влијание во земјата членка како резултат на неуспехот да се одржат тие функции“. Директивата посебно ја препознава европската критична инфраструктура (ЕКИ) како критична инфраструктура чие нарушување или уништување би имало трансгранични ефекти во земјите членки и која треба како таква да биде издвоена преку заедничка процедура. Директивата под „заштита на критичната инфраструктура“ ги подразбира „сите активности насочени кон обезбедување функционалност, континуитет и интегритет на критичните инфраструктури, со цел да се одврати, да се ублажи и да се неутрализира закана, ризик или ранливост“.
Во јуни 2020 година Европската комисија преку програмата Horizon 2020 алоцираше 38 милиони евра за истражување и развојот во делот на заштита на критичната инфраструктура и градење резилиентност, соочена со бројните терористички напади на витални локации низ европските метрополи.
Од истите причини, во моментов има иницијатива за измени во секторот и донесување нова директива, бидејќи квалитетот на живот и безбедноста на европските граѓани, како и функционалноста на единствениот пазар се високо зависни од функционална критична инфраструктура.
Со националната програма за апроксимација на законодавството за 2017 година, Република Северна Македонија имаше предвидено донесување закон за критичната инфраструктура, но од непознати причини тоа никогаш не беше реализирано. Со измените на законот за одбрана, заштитата на критичната инфраструктура е внесена само во делокругот на Владата како обврска, без понатамошни прецизирања. Секторите на критична инфраструктура во земјата, исто така, не се десигнирани, а не се поставени и прифатени и критериумите и европските стандарди во врска со материјата. Оваа проблематика е дополнително важна во контекст на стекнувањето полноправно членство во НАТО и обврските што произлегуваат не само од ЕУ туку и од Алијансата.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.