Пишува: Зоран Нечев, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (IDSCS)
Во втората половина од 2020 година, со почеток од 1 јули, Германија го презеде претседателствувањето со Советот на ЕУ од страна на Хрватска. Тоа се случува кога Европа се соочува со една од најголемите здравствени кризи во поновата историја. Поради овие околности германската влада мораше да ги промени првичните приоритети на своето претседателствување. Сепак, Германија се претставува себеси одлучна да ја зграпчи можноста за европска интеграција, организирајќи го своето претседателствување под мотото: „Заедно. Да ја направиме Европа повторно силна.“
Поинаку од она на што сугерира мотото, Германците не бараат инспирација во САД на Трамп. Наместо тоа, ја нагласуваат важноста на мултилатерализмот и одговорите на глобалните предизвици ориентирани кон иднината. „Солидарноста“, изјави Ангела Меркел во говор во мај 2020, „ќе биде водечкото начело на германското претседателствување со Советот“. Притоа, се истакнуваат шест водечки приоритети на кои се заснова претседателствувањето: трајно надминување на пандемијата на COVID-19, како и економско закрепнување, посилна и иновативна Европа, фер Европа, одржлива Европа, Европа на безбедност и заеднички вредности, како и силна Европа во светот.
Во овој текст посебен акцент ќе биде ставен на Европа на безбедност и заеднички вредности, каде што германското претседателство ќе биде посветено на изнаоѓање „убедливи одговори на клучните прашања во областа на безбедноста и миграцијата“. Во согласност со програмата на претседателството, во овој дел се истакнува дека „Европа мора да остане место каде сите луѓе, без оглед на нивното потекло, убедувања и светски поглед, можат да се чувствуваат слободни и безбедно“.
Во насока на подобрување на Заедничкиот европски систем на азил, Германија како претседавач со Советот на ЕУ ќе се залага за реформи со кои ќе се надградат постојните прописи за одговорностите и солидарноста, оние што се придржуваат кон хуманитарните стандарди, со кои се избегнува преоптоварувањето на поединечни земји членки преку обезбедување правична распределба на оние што бараат заштита според фер режим на споделување на одговорност и ефикасно се справуваат со секундарната миграција. Овие реформи се, пред сè, насочени кон намалувањето на воспоставувањето лажни стимуланси меѓу земјите членки и оние што бараат заштита, сè со цел функционална работа на системот за азил. Покрај ова, германското претседателствување сака да се воведат задолжителни процедури на надворешните граници на ЕУ за да може да се категоризираат и да се оценат барањата за азил уште во раната фаза, и евентуално, да се забрани влез во ЕУ во случаите каде што е очигледно дека не постои потреба за заштита. Желбата е сите овие реформи да ја видат светлината на денот додека истовремено се зајакнуваат и се зголемуваат капацитетите на Европската Унија за прераспределување. Развојот и имплементацијата на заедничките стандарди за соработка во делот на репатријацијата и ефективните процедури за ефикасен и хуман однос кон оние што треба да бидат вратени е, исто така, на листата на задачи што се наведени во програмата на претседателствувањето. Во овој дел, на крајот, се истакнува дека Европа има потреба од подобри можности за легална миграција поради фактот што сè позасилени се потребите од квалификуван кадар во земјите членки на Унијата.
Што се однесува до подобрување на безбедноста на граѓаните на Унијата, претседателството ги насочува своите сили кон подобрување на меѓуграничната соработка меѓу полициските власти преку т.н. Европско полициско партнерство. Понатаму се истакнуваат планови за проширување и засилување на судската соработка во борбата против прекуграничниот криминал.
Преку заедничка анализа на различните национални системи за процена на личен ризик и националните списоци за закани, се сака да се засили борбата против меѓународниот тероризам, кој сè уште се смета за еден од најголемите предизвици за Европа на отворени граници. Исто така, се поддржува усвојувањето на нова регулатива за спречување на ширењето терористичка содржина преку Интернет. Тука треба да се истакне дека, кога се зборува за меѓународен тероризам, покрај исламистичкиот тероризам, се става акцент и на десничарскиот тероризам. Во делот на сајбер-безбедноста, претседателството ќе ги поттикнува земјите членки да одржуваат блиска соработка во областа на мрежната и на информациската безбедност, со посебен акцент на заштитата на критичната инфраструктура и други претпријатија од јавен интерес.
На крајот, во целост се поддржува иницијативата за засилено учество на Европол во поддршка на националните безбедносни сили во борбата против прекуграничниот криминал, терористичките и екстремистичките закани.
Oчекувањата од германското претседателствување се големи. Во својот поход да ја обединат и да ја засилат, Европа чии темели се разнишаа со корона-кризата, се чини дека Германците се одлучни да не нѐ разочараат.
Disclaimer: Овој текст се базира на анализата објавена од страна на Институт за демократија насловена Да ја направиме цела Европа повторно силна. Германското претседателство со Советот на ЕУ во 2020 година и импликациите врз Северна Македонија, чии автори се Марие Јеленка Кирхнер, Зоран Нечев и Драган Тилев.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.