Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Пет години кризна состојба на јужната и на северната граница – предизвиците во управувањето со миграциите во Македонија

Фото: Kyle Glenn 

 

Пишува: Зоран Дранговски, Македонско здружение на млади правници – МЗМП

Изминува петтата година откако Република Македонија прогласи кризна состојба на јужната и на северната граница во 2015 година, најдолгата кризна состојба во историјата на државата. Нерегуларната миграција продолжува, а последниот извештај на Европската комисија од мај 2019 година нотира дека за период од 17 месеци, до објавувањето на Извештајот ,околу 32 500 мигранти нелегалнo ги преминале границите на нашата држава.

Ова е бројка на лица што успеале да остварат влез на територија на земјата во време на прогласена кризна состојба на јужната и на северната граница, со присуство на армијата, која е распоредена по должината на границите и каде што само на јужната граница имаме околу 50 км жичена ограда, со присуство на граничната полиција, како и на околу 130 полициски службеници од девет земји од Европа. Оваа статистика нема цел да покаже дека нашата држава не може да ги одбрани границите, туку, напротив, само покажува колку миграцијата претставува предизвик и за држави со многу поголеми капацитети од нашите.

Бројот на лица што остваруваат влез на територија на нашата држава е значително помал споредено со 2015/2016 година, кога приближно милион лица транзитираа нашата држава. Сепак, кризната состојба се продолжува на секои шест месеци, без да постои видлив план до кога ќе трае. Прашањето што се поставува во моментов е дали поради миграцијата  Македонија е во криза или миграцијата е нова реалност за која ни треба нов институционален системски пристап.

Современите системи за управување со миграции се базираат на брза идентификација и соодветно упатување на странците што оствариле нерегуларен влез. Меѓу странците што оствариле нерегуларен влез на територија на земјата, постојат повеќе категории лица што мигрираат од различни причини, кои најчесто може да бидат економски, последица на трговија со луѓе, но и многу често последица на војни и конфликти.

И покрај постигнатиот значителен напредок во усогласувањето на националната законодавна рамка со меѓународните стандарди во врска со миграциите и со азилот, државата сè уште се соочува со сериозни предизвици при спроведувањето на законите во практиката[1].

Во Извештајот на Европската комисија се вели дека од јануари 2018 година меѓународните организации регистрирале 8 823 лица незаконски вратени во Грција.  Оваа бројка е повеќекратно зголемена во 2019 и во 2020 година и најверојатно ќе биде голема пречка при преговорите со Европската Унија, бидејќи ЕУ не би се согласила со практиката на незаконски дејства од земја кандидат во земја членка на ЕУ, а Македонија сè уште нема видлив план за постапување во случај кога нема да постои можноста за враќање на лицата што остваруваат нерегуларен влез на дневна основа во Грција.

Властите се соочени со низа предизвици во однос на ефективното управување со мешаните миграциски текови. Според извештајот на Европската комисија, во Македонија сè уште има несигурности во поглед на опсегот и на структурата на миграциските текови. Недоследната регистрација на мигрантите фатени во нелегални движења го спречува редовното и соодветно профилирање на заштита на чувствителните податоци и упатувањето на националните механизми за заштита.  Иако законот дозволува регистрирање на границата, граничните службеници имаат ограничени капацитети да ги идентификуваат лицата што имаа потреба од меѓународна заштита, вклучително барателите на азил и жртвите на трговија со луѓе.

Ова е уште еден индикатор што посочува на тоа дека, доколку на нашата држава ѝ се даде можност во определена фаза од пристапувањето кон ЕУ да се приклучи на системот EURODAC, кој претставува централна база на податоци за миграции на земјите членки, ние ќе мора да покаже дека има капацитет за целосна регистрација на сите лица што оствариле влез на нејзина територија. Целосна регистрација значи дека за секое лица во секое време ќе се знае кога остварило влез, каде се наоѓа во моментот и секое постапување со лицата може да биде предмет на понатамошна контрола и ревизија, со што се оневозможува арбитрарно постапување и незаконски дејства.

Резолуцијата за миграциска политика донесена од владата за период 2015–2020 година е главен политички документ во оваа област. Еден од нејзините стратегиски приоритети е да ги идентификува мигрантите, да ги профилира и да ги упати до соодветниот систем за заштита. Се приближуваме кон втората половина од истекувањето на оваа резолуција, а усвојувањето на новата стратегија го нема на повидок. Имајќи предвид дека нашата земја ги доживеа едни од најголемите миграциски движења во историјата, би претпоставиле дека оваа резолуција треба да биде еден од најобемните и темелни документи што ќе го определат текот во следниот период, меѓутоа, барем во јавност, досега нема никаква информација дали воопшто се работи на овој документ.

Миграциите се  еден од најважните елементи од Поглавјето 24, кое прво се отвора и строго се набљудува. Во последните извештаи Европската комисија даде јасни забелешки во кој дел Македонија мора да направи промени. Постојаното продолжување на кризната состојба до недоглед не е одржливо решение и потребно е властите да пристапат кон меѓуинституционални системски решенија, кои ќе бидат во рамките на домашното законодавство и на меѓународните стандарди. Миграцијата е динамичен феномен и бара постојано следење и редовно приспособување на политиките, во согласност со предизвиците.

 

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

[1] Во мај 2018 се усвои Законот за меѓународна и привремена заштита, а во јуни 2019 стапи на сила новиот Закон за странци.

07/07/2020