Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Поглавје 24 – Правда, слобода безбедност: што нудат политичките партии?

Пишува: Зоран Нечев, Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (IDSCS)

Двете коалиции на партии што добија најголема поддршка на минатонеделните избори, коалицијата Можеме, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Обнова за Македонија, во своите изборни програми посветија внимание на процесот на европската интеграција. Помалку или повеќе срамежливо, помалку или повеќе амбициозно, двете најголеми коалиции ги истакнаа своите визии за интеграцијата на земјата во Европската Унија. Овој текст претставува краток осврт кон овие перспективи, притоа коментирајќи ги предложените политики, мерки и активности од преговарачкото Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност.

Во својата изборна програма СДСМ ги истакнува успесите на надворешнополитички план, кои успеа да ги направи во изминатиот период со членството во НАТО и со одлуката за отпочнување на преговорите со ЕУ. Исто така, во програмата се вели дека членството во НАТО е влезна карта за ЕУ и предлага визија во која до 2024 година земјата ќе отвори 80 % од поглавјата за интеграција во ЕУ. Притоа, незначителен број  политики и активности поврзани со Поглавјето 24, дел од најважниот кластер „Основни вредности“ (фундаменти), во процесот на преговори воопшто и се предложени. Во однос на сработеното, се истакнува формирањето на посебна Единица за финансиски истраги во рамките на Секторот за криминалистички истраги и создавање посебен Сектор за борба против тероризмот, насилниот екстремизам и радикализмот, за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, како и борба против новите закани. Двете реформи се значајни од аспект на навремено започнување на финансиската истрага од областа на организираниот криминал, како и следење на финансиските текови на осомничените и поврзаноста со кривичните дела за кои се сомничат. Како постигнување се истакнува и формирањето на Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Од друга страна, пак, програмата на ВМРО-ДПМНЕ зборува за интегрирана и почитувана земја и членство на Македонија во ЕУ и во НАТО како заокружување на македонската државност и, воедно, отпочнување процес на меѓународна афирмација на македонската култура, јазик и посебност, според девизата на Гоце Делчев: „Светот го разбирам како поле за културен напредок меѓу народите.“ Притоа, се истакнува нивната заложба на задржување на перспективата за полноправно членство на Македонија во ЕУ. Во рамките на оваа визија, а директно поврзано со Поглавјето 24, се истакнува дека ќе се иницира заедничка балканска политика кон миграцијата како директна контрибуција на земјата за ЕУ и државите засегнати од ваквите процеси. Ваквиот проект го гледаат низ призмата на соочување со овој глобален феномен, како и преку рационализирање на ресурсите и демонстрирање единствен став на сите балкански држави. Во програмата се наведува дека ќе се формира Центар за дерадикализација на лица, со цел хуман пристап кон луѓето што биле следбеници на некоја екстремна верска или политичка идеологија. Центарот би се грижел за враќање на овие лица во нормалните општествени текови и превенција на општеството од несакани појави. Во понатамошното негово функционирање, во соработка со државите партнери и сојузници од НАТО, ќе се направи обид преку Центарот да се промовира и да се отпочне балканска иницијатива за дерадикализација и изградба на регионалните капацитети за справување со оваа закана.

Слично на претходната Методологија за водење на процесот на преговори, операционализирана во преговорите на ЕУ со Црна Гора и, подоцна, со Србија, и во најновата Методологија за преговори, според која Македонија ќе преговара за своето членство во ЕУ, ова поглавје, во рамките на кластерот „Основни вредности“ (фундаменти), ќе биде меѓу првите што ќе се отворат и едно од последните поглавја што ќе се затворат. Оттука, условувањето врзано со успешното  спроведување на реформите во делот на миграцијата, азилот, визната политика, Шенген и надворешните граници, судската соработка во кривичните и граѓанските предмети, полициската соработка и борбата против организираниот криминал, борбата против тероризмот, борбата против трговијата со дрога и спречувањето фалсификување на еврото, меѓу другите, ќе го утврдат целокупниот напредок во процесот на преговорите.

Новата влада ќе мора да обрне особено внимание на обврските од ова поглавје, не само преку усогласување со законодавството на ЕУ туку и преку градење на капацитетите, првенствено во полицијата и во обвинителството. Многу брзо, со започнувањето на билатералниот скрининг за ова поглавје, ќе се увидат сите недостатоци и итно ќе биде потребна внатрешна консолидација и подготовка на редовите за справување со сите предизвици што ги носат преговорите во областите од Поглавјето 24.

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

04/08/2020