Европската комисија (ЕК) го одобри барањето на Северна Македонија за пренамена на 50 милиони евра за справување со социо-економските предизвици од пандемијата Ковид 19, а кои беа предвидени како награда за успешност во спроведувањето на реформите. Дополнително, обезбедени се уште 9 милиони евра за проекти од програмата за поддршка на мали и средни претпријатија, 3 милиони за поддршка на буџетот, како и 4 милиони за итна поддршка. Со тоа, ЕУ на земјава ќе и остави на располагање меѓу 65 и 70 милиони евра за справување со последиците од пандемијата.
Ова го потврди заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи на прес-конференцијата, на 26 март 2020 година. Османи информираше дека Европската комисија, преку еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, позитивно одговорила на барањето на Владата. Едновремено, Комесарот информирал и за неколку одлуки со кои Европската Унија ќе ја поддржи земјава во справувањето со предизвиците од епидемијата КОВИД-19.
„Прво се четири милиони евра за итни потреби, од кои дел кои ќе се употребат за набавка на 30 респиратори преку УНДП; Како второ, Комесарот информира дека е прифатена инцијативата и веќе е даден налог да се ослободат 50 милиони евра кои беа предвидени како награда за успешност, за справување со социо-економските предизвици до епидемијата, а обезбедени се и 9 милиони евра за проекти од програмата за поддршка на мали и средни претпријатија, како и 3 милиони за поддршка на буџетот. Со сето ова засега, Европската Унија во погон става средства во износ меѓу 65 и 70 милиони евра, кои ѝ стојат на земјава на располагање“, истакна Османи.
Комесарот Вархеји потврдил дека ЕК ги разгледува можностите за вклучување на земјава во пошироките механизми на Европската Унија во справување со Ковид-19. Се разгледува можноста за вклучување на земјава во Европскиот солидарен фонд, вклучување во групните набавки на Унијата, а се разговара со меѓународните финансиски институции за адресирање на ликвидноста и финансиските предизвици на приватниот сектор.
Во продолжение можете да го погледнете поздравното обраќање на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, по повод постигнатиот политички договор за започнување преговори со Северна Македонија:
https://www.facebook.com/EuropeHouseSkopje/videos/256559752041033/