Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Јадранка Иванова: Управувањето со отпадот ќе биде наш најголем предизвик во преговорите со ЕУ

Разговараме со Јадранка Иванова, експерт за апроксимација во животната средина. После речиси дваесет години раководење со процесот на европските интеграции во Македонија, како раководител на Секторот за ЕУ и ИПА координатор во Министерството за животна средина и просторно планирање и раководител на Работната група за Поглавје 27 во Владата на РСМ, од јули 2018 година, Иванова работи како тим лидер на програма финансирана од шведската влада која и дава поддршка на албанската администрација во подготовките за преговорите со ЕУ за поглавјето за животна средина и климатски промени – “Supporting Albanian Negotiations in Environment Chapter 27 (SANE 27)”.

  1. Сега од кога добивме позитивна одлука за започнување на пристапните преговори со ЕУ, кои чекори ќе следат за Северна Македонија за Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени?

Во согласност со одлуката, Европскиот совет и даде задача на Европската комисија (ЕК) да продолжи со процесот на мониторинг, а според новата методологија, почнувајќи со поглавјата кои се во кластерот на „Основни вредности“, со што на извесен начин го претстави временски распоред на започнувањето на скринингот. Веднаш по овие поглавја, верувам дека скринингот ќе започне и за останатите. За Поглавјето 27 карактеристично е тоа што ЕК скринингот го започнува со доставување на т.н. билатерален скрининг прашалник кој содржи околу 1000 прашања за, во овој момент, 73 директиви и регулативи на ЕУ од областа на животната средина и климатските промени. Со одговарање на прашањата, македонската администрација треба да ја презентира состојбата во однос на трите аспекти на преговарање и тоа, за секој ЕУ правен акт: степенот на усогласеност на домашното законодавство, административните капацитети, и степенот на спроведување на директивите и регулативите. Министерството за животна средина и просторно планирање, заедно со другите органи што имаат надлежност во оваа област, треба да одговори колку домашното законодавство е усогласено со релевантните ЕУ правни акти, како и кои се надлежните органи и какви капацитети имаат за спроведување. Сепак, најголемиот дел од прашањата се однесуваат на тоа како се спроведуваат определените одредби (членови) од секој ЕУ правен акт (директива и регулатива) од оваа област.

  1. Кои новини ги наметна новата методологија во однос на Поглавјето 27?

Имајќи ја предвид новата Методологија за преговарање, отворањето на преговори за секое поглавје ќе зависи од исполнувањето на однапред одредени приоритети и/или одредници, за секое поглавје одделно, кои ќе бидат утврдени во скрининг извештајот или во редовните годишни извештаи за напредокот што ги објавува Комисијата. Преку овие приоритети, Комисијата ќе го следи напредокот на секоја земја и соодветно ќе му предлага на Европскиот совет започнување со преговорите за одредено поглавје. Важнo е освен одговарањето на прашањата, да се даде и краток преглед на идните акции кои треба да бидат преземени од надлежните органи во однос на трите аспекти на преговарање: транспонирање, административни капацитети и спроведување на законодавството. Затоа препорачувам, покрај одговарањето на скрининг прашањата, за Поглавјето 27 да се презентираат и плановите за наредни неколку години (најмалку 5 години), заедно со мерките кои се планираат за спроведување на ЕУ законодавството од областа на животната средина и климатски промени.

  1. Што е она што оваа поглавје го прави различно од другите и кој пристап би бил најдобар во преговорите?

Поглавјето 27 е едно од најкомплексните и најскапите поглавја. Тоа опфаќа неколку области кои директно се поврзани со секојдневниот живот на луѓето. По обемот на законодавството што треба да се усогласи е второ по ред и покрива десет различни области. Другите поглавја во основа бараат промени во административните процедури, начини на регулирање на работите и уредување на процесите на донесување на одлуки. Поглавјето за животна средина, во голема мера, бара промени кои ги опфаќаат секојдневните навики и практики на граѓаните и бизнисот. На пример, како да се фрла отпад, како да се однесуваме во природата, како да се управува со една стопанска дејност. Голем предизвик е како да се дојде до секој граѓанин и деловен субјект и да се пренесе правилно пораката. За да се направи ова потребна е голема промена, темелни реформи за кои треба многу време и работа, како и посветеност и истрајност. Дополнително, за да се исполнат обврските поврзани само со барањата за управување со отпадот и водите, за Република Северна Македонија се потребни приближно 1000 евра по глава на жител. Ова наметнува државните органи да имаат многу јасна стратегија и план како ќе ги обезбедат овие средства и како ќе ги користат. Поради огромните финансиски потреби, за Поглавјето 27 може да се побараат транзициски периоди во процесот на преговарање. Односно, може да се бара дополнителен рок, по членството во ЕУ, за спроведување на посебно именувани членови од одредени директиви. За да се одобри еден транзициски период државата треба да подготви специфични планови за спроведување на директивата во која многу прецизно треба да бидат наведени мерките што ќе се преземат, роковите и како  ќе се финансираат. Треба многу паметно да се одлучи кои мерки ќе се исполнат по влегувањето во ЕУ. Таква одлука може да значи зачувување на домашни ресурси и користење на фондовите на ЕУ како земја членка кои се речиси три пати поголеми за животна средина од оние што сега ги имаме на располагање. Добра стратегија при преговарањето може да значи подобро искористување на придобивките од пристапувањето во ЕУ.

  1. Која област во рамките на Поглавјето 27 сметате дека ќе биде најголем проблем или предизвик за Северна Македонија?

Според мене, за две области ќе имаме потешкотии во постигнување на барањата на ЕУ законодавството: управувањето со отпадот и со водите. Во управувањето со водите  предизвик ќе биде како да се обезбедат финансиски средства потребни за спроведување на законодавството во оваа област. Сепак, од аспект на суштината, барањата се повеќе поврзани со исполнување на обврските од страна на соодветните администрации. Во 2017 година се изработи Специфичен план за спроведување на Директивата за третман на отпадни води и Директивата за вода за пиење, при што се процени дека за нивно спроведување се потребни 1,2 милијарди евра,  со краен рок на спроведување во 2040 година. За овие две директиви веројатно ќе бараме транзициски период. Ова е случај со сите земји кои преговарале со ЕУ, затоа што, за секое населено место со повеќе од 2000 жители треба да постои систем на собирање и прочистување на отпадните води. Во Северна Македонија треба да изградиме 87 пречистителни станици од кои 16 треба да обезбедат построг терцијален третман на отпадните води. Спроведувањето на барањата може да се постигне само со добро планирање на расположливите средства и добро преговарање на транзициските периоди, се со цел подобро искористување на ЕУ фондовите во текот на преговарањето, како и по зачленувањето.

Управувањето со отпадот, иако чини значително помалку, околу 200-300 милиони евра, е многу покомплексна област за спроведување зашто граѓаните се многу сензитивни на оваа тема. Синдромот „само не во мојот двор“ ја зафати земјава од првиот момент кога се изработија студии за изградба на регионални депонии за комуналниот отпад. Иако овие депонии повеќе се центри за постапување со отпад, при што помалку од 20 % од отпадот ќе се депонира, јавноста се уште протестира да се изгради депонија во нивна близина. Јавноста не е доволно запознаена со потребата  и предноста на постоење на еден интегриран систем за управување со отпадот во кој постои современа депонија и систем на трансфер станици што ќе работат со примена на најсовремени достапни технологии.  Сведоци сме на тоа дека  населението, а и некои граѓански организации, ги охрабруваа и ги славеа како правилни донесените одлуките за референдум на населението за забрана за изградба на депонии во нивна близина. Се чини како ова право на референдум да го немаат другите населени места во Република Северна Македонија. Никој не размислуваше што ако сите изгласаме ваков референдум. Што ќе правиме со отпадот кој го создаваме, каде ќе го фрлиме, дали може да го извеземе, дали некој ќе ни го одобри тоа сега кога изгласавме дека не сакаме увоз на отпад?. Воедно, примената на циркуларната економија, што е приоритет во Европа, тешко може да ја спроведеме без да имаме слободно движење на отпадот кој може да претставува суровина за некој друг.  Сметам дека забраната за увоз на отпад, без разлика на што се однесува, е донесена повеќе од потреба да му се додвори на мислењето на јавноста, без притоа да се согледаат сите аспекти и принципи на ЕУ, ниту пак,  е соодветна со  нашиот ЕУ интегративен процес. Поради ова сметам дека управувањето со отпадот ќе биде нашиот најголем предизвик во процесот на преговарање со ЕУ. Државните органи треба да посветат особено внимание на информирање на јавноста, обучување на локалната администрација и вклучување на сите чинители во донесувањето на одлуките, кои единствено можат да бидат правилни ако се во духот на хиерархијата во управувањето со отпадот и се во согласност со принципите на циркуларната економија. Секогаш кажувам дека ние не сме доволно богати да го фрламе отпадот неповратно, туку мораме да го искористиме секој негов потенцијал за да ги заштитиме нашите природни ресурси.

  1. Каков ја оценувате состојбата со усогласеноста и спроведувањето на законодавството на ЕУ во животната средина во Република Северна Македонија?

Северна Македонија има добар степен на усогласеност на домашното законодавство со она на ЕУ. Во последната анализа направена за 2016 година, процентот на усогласеност во Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени изнесуваше повеќе од 60 %. Оваа бројка варира од една област до друга, при што, висок процент на усогласеност имаме во областа на хоризонталното законодавство, бучавата и воздухот, додека најслаба усогласеност имаме во законодавството за климатски промени, што е сосема разбирливо, затоа што. ова е поново законодавство и во рамките на ЕУ.

Потребно е многу да се направи за спроведување на законодавството. Може да се каже дека тоа е делумно спроведено, и се разликува од област до област. Во некои области сме на почетно ниво, како што е воздухот и отпадот, додека во други имаме добар степен на спроведување, но сепак не доволен за да се задоволат барањата на ЕУ. Особено е потребно да се посвети внимание на спроведувањето на законодавството за заштита на природата, кое поради недостиг од финансии, е запоставено подолго време. Спроведувањето на законодавството бара не само финансиски средства, туку и соодветни административни капацитети на национално и локално ниво, како и добро планирање на мерките што треба да се преземат. Со ЕУ го преговараме само времето до кога ќе обезбедиме целосно спроведување на законодавството. Тоа мора да биде спроведено во моментот на влезот во ЕУ, освен за оние членови од директивите за кои ќе имаме одобрени транзициски периоди. Искуството од претходните проширувања покажува дека секторот животна средина и климатски промени станува приоритет во агендите на националните влади со отворањето на преговорите со ЕУ. Затоа, сметам дека со одлуката за започнување преговори со ЕУ најголемите придобивки ќе ги има Поглавјето 27. Сепак, мораме да бидеме внимателни и одговорни. Доколку навремено не се посвети внимание на ова поглавје, тоа може да биде пречка за членството во ЕУ, затоа што, во ЕУ влегувате со исполнети барања за сите поглавја и не можете да станете членка само со неколку поглавја. Вистинското време за Поглавјето 27 доаѓа со отворањето на преговорите  и многу се радувам што овој процес започна.

Тирана, март 2020

31/03/2020