Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Иван Стефановски: Новата методологија за преговори со ЕУ е порака за целиот Балкан

По повод усвојувањето на заклучоците од страна на лидерите на ЕУ за започнување преговори со Република Северна Македонија, директорот на Евротинк, Иван Стефановски, во изјавата за Радио Слободна Европа, нагласи дека тоа што новата методологија во стартот на преговорите освен поглавјата 23 и 24 ги вметна и јавните набавки, статистичките операции и финансиската контрола е порака до целиот Балкан.

„Имајќи предвид дека методологијата се донесува за целиот Западен Балкан, пораката што треба да ја прочитаме меѓу редови е дека целиот регион има проблем со наменско трошење на државните средства, со финансиска дисциплина, а некои од земјите, конкретно нашата, и со пописот. Искрено верувам дека Северна Македонија е причината што пописот е дел од стандардните преговори“, рече Стефановски.

Според Стефановски, нашите капацитети за преговори се задоволителни, но не доволни за брзо и мазно спроведување на овој долг и многу технички процес – „Во делот на владеењето на правото, гледаме дека тоа останува рак рана на македонското општество, не е многу променето, доволен е примерот со предметот Рекет. Тука има многу работа“.

Пред и формално да започнат преговорите со ЕУ, потребно е Европската комисија да достави до министерскиот совет предлог рамка за преговори, па откако таа ќе биде прифатена од Советот тогаш ќе треба да биде закажана и меѓувладина седница која според вицепремиерот Бујар Османи, најрано може да биде закажана во јуни годинава.

Преземено од Радио Слободна Европа

30/03/2020