Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Справување со безбедносни ризици при странски директни инвестиции

Автор: Зоран Нечев

Постар исражувач, Раководител за центар за еворпски интеграции – Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (IDSCS)

Земјите членки на Европската Унија се меѓу најпосакуваните дестинации за странски директни инвестиции. Овие инвестиции може да се разгледуваат од две различни перспективи. Првата е, секако, позитивното влијанието на локалните економии, проследено со креирање работни места и економски раст. Додека, пак, втората е таа дека странските инвестиции што доаѓаат од сомнителни извори и земји со недемократски режими можат да бидат закана за стабилноста на тие земји, како и за европскиот суверенитет. Истовремено, ова е еден од модалитетите преку кој би можело да се врши влијание врз земјите во кои се остварува инвестицијата. Ова особено се однесува на инвестиции во делот на критичната инфраструктура и критичните технологии, снабдувањето со критични енергенси или суровини, како и инвестициите преку кои се овозможува пристап или контрола до чувствителни информации, кои се поврзуваат директно или индиректно со слободата и плурализмот на медиумите. Посебен акцент е ставен на странските инвеститори што се во државна сопственост или се контролирани од неа, дали преку финансирање или некои други средства и методи.

 

Од овие причини Европската Унија неодамна (ноември 2020 г.) започна со имплементација на мерки и активности што произлегуваат од Регулативата (ЕУ) 2019/452 од 19 март 2019 г., со која се воспоставува рамка за проверка на секоја директна странска инвестиција на ниво на ЕУ во насока на заштита на нејзините суштински интереси. Покрај овој европски одговор на потенцијални закани што можат да се појават од сомнителни странски инвестиции, битно е да се напомене дека повеќе од половина земји членки на ЕУ веќе имаат воспоставено механизми за проверка на инвестициите. Рамката што ја нуди ЕУ не претставува еквивалент на веќе воспоставените национални механизми за скрининг, туку неговата примарна цел е да помогне во идентификување (преку воспоставување формален канал за размена на информации и за подигнување на свеста) и решавање на безбедносните ризици што влијаат на најмалку две земји членки или на Унијата како целина. За почеток, овој систем се воспоставува за засилена соработка меѓу земјите членки на Европската Унија и Европската комисија, со тоа што земјите членки имаат обврска да ја известат Комисијата (и другите земји членки) за случаите што се разгледуваат во рамките на нивните национални процедури за проверка.

 

Како и да е, финалната одлука за тоа дали одредена странска инвестиција ќе добие зелено светло за влез во одредена индустрија во земјата членка останува нејзино ексклузивно право. Европската комисија или, пак, други земји членки имаат единствено право да искажат загриженост околу инвестицијата, но немаат право да ја оспорат. односно да ја блокираат.

 

Северна Македонија, како дел од својата зацртана цел да се интегрира во Европската Унија, ќе треба да се усогласи со оваа Регулатива. Ова усогласување ќе биде од особено значење за државата, земајќи го предвид зголемениот интерес на странски инвеститори што доаѓаат или од земји со недемократски режими или, пак, од офшор финансиски центри.

 

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

26/02/2021