Пишува: Марко Панковски
Постар истражувач во Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Rethink.CEE Fellow во German Marshall Fund of the United States
Членството на Северна Македонија во НАТО означи забрзана активност во реформските процеси во областите на одбраната. Република Северна Македонија во изминатата година презеде значителни чекори за да покаже дека е сигурен партнер во Алијансата. Зголемените буџетски издвојувања, насочувањето на 20 % од средствата кон модернизација, промовирањето на полигонот Криволак како ресурс за вежбовни активности, беа неколку чекори во оваа насока. Иако дел од овие процеси му претходеа на членството во НАТО, формалното членство придонесе за значително забрзување и подобрен фокус. Модернизацијата на опремата, инфраструктурата и зголемувањето на логистичките способности остануваат предизвик и се области во кои ќе биде потребно да се инвестира. Сите овие инвестиции се важни, прво, за безбедноста на Република Северна Македонија, за безбедноста на регионот, но и пошироката евроатлантска безбедност. Северна Македонија е дел од европската безбедносна архитектура и потребно е да продолжи активно да придонесува кон неа. Со самото членство во НАТО земјата веќе придонесе за значително зголемување на безбедноста во Западниот Балкан, а со тоа и во Европската Унија.
Сепак, модернизацијата, опременоста и зголемената интероперабилност не го исцрпуваат реформскиот процес во одбраната и безбедноста. Иако членството во НАТО придонесува кон значителни реформи, сепак, безбедносниот и одбранбен сектор е сè уште ранлив на корупција. Борбата против корупцијата не е клучен приоритет на НАТО, но НАТО ја препознава како клучен елемент од националната безбедност на државите, легитимитетот и довербата на институциите, и јасно ја поврзува со оперативните капацитети на земјите членки. Транспарентноста и отчетноста на безбедносниот и одбранбен сектор можат значително да придонесат кон намалување на корупциските ризици. Одбранбената и безбедносна програма на Transparency International UK има развиено пет ризични области за корупција во одбранбениот и безбедносен сектор: политички (ризик од корупција во одбранбената легислатива и контролните механизми), финансиски (ризици од корупција при буџетирањето), персонал (ризици од корупција кај вооружените сили и цивилниот персонал), операции (ризици за време на операции дома или во странство) и јавни набавки (корупција за време на набавки на опрема). Групите ризици се состојат од низа варијабли, а некои од нив се посебно чувствителни и во нашиот контекст, како на пример, контролата на разузнавачките служби, тајните буџети, вработувањата и унапредувањата, ситни поткупи, како и јавните набавки. Препознавањето и адресирањето на овие ризици е добра основа при градењето антикорупциски политики.
Напорите на НАТО за адресирање на ризиците од корупција во најголема мера се насочени преку Програмата за градење интегритет (Building Integrity Programme). Програмата за градење интегритет им овозможува на државите членки и партнери на НАТО да го засилат интегритетот, транспарентноста и отчетноста, како и да го намалат ризикот од корупција во одбраната и безбедноста. Учеството е на волонтерска основа, а Северна Македонија има учествувано во евалуациски процеси и обуки на вработените во Министерството за одбрана. Како резултат на овој процес беа изработени низа препораки насочени кон подобрување на антикорупциските политики, политиките на интегритет и јавните набавки. Овие препораки се стабилна појдовна основа за долгорочна реформа во насока на намалување на ризиците во борбата против корупцијата.
Собранието може да игра важна улога во намалување на ризиците од корупцијата во безбедноста и одбраната. Иако НАТО не нуди едно универзално решение во однос на собранискиот надзор, во рамките на Програмата за градење интегритет и Парламентарното собрание на НАТО се разработуваат начини за зголемено учество на парламентите во креирањето и во следењето на политиките на НАТО. При последниот преглед на улогата на Собранието на Република Северна Македонија во рамките на Програмата за градење интегритет во 2015 година, контролната улога на Собранието е оценета како ограничена и само на хартија. Дополнително, претставници на Парламентарното собрание на НАТО често ја посетуваат земјата и потсетуваат за одржлива борба против корупцијата.
Собранието е клучен актер за остварување ефикасен надзор. Пратениците треба да ги ревидираат досегашните практики на надзор, да работат на редовен периодичен надзор, а Собранието континуирано да го гради капацитетот на комисиите. Градењето на капацитетот подразбира квалификуван персонал што ќе може да ги поддржува пратениците, зголемен буџет, како и можност за најмување надворешна експертиза. Дополнителните активни мерки вклучуваат учество на пратениците во подготовка на секторски стратегии и на акциски планови, што ќе овозможи пратениците одблиску да бидат во тек со политиките од областа на безбедноста и одбраната. Ваквата вклученост е особено важна во услови на зголемени хибридни ризици и неконвенционални закани, кои дополнително ја усложнуваат надзорната улога, при што мора да се постигне правилен баланс меѓу флексибилноста, брзината и темелноста.
Напредокот во реформите во одбраната и безбедноста, како и зголемените капацитети за надзор, значително ќе придонесат кон зголемена транспарентност и намалени ризици од корупција. Намалувањето на корупциските ризици во едно чувствително подрачје, како што е одбраната и безбедноста, покрај тоа што ќе испрати позитивен сигнал и кон другите институции, ќе придонесе и за зголемување на подготвеноста на земјата да се справи со корупцијата во јавниот сектор, како важна компонента за развојот на државата, но и клучен предуслов во евроинтеграцискиот процес.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.