Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Ана Малцева: Поглавјето 10 – решение за брзи и ефикасни електронски јавни услуги

За предизвиците во претстојните преговори за Поглавјето 10 – Информатичко општество и медиуми, можеби најапстрактното од сите поглавја, разговаравме со м-р Ана Малцева, кабинетски службеник – советник за правни работи на министерот за информатичко општество и администрација. Поглавјето 10 се состои од специфични правила за електронски комуникации, услуги за информатичкото општество, особено електронската трговија, услугите со условен пристап и аудио-визуелните услуги.

  1. Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори со ЕУ е веќе пред земјите членки на Унијата. Кои чекори ќе следат за Северна Македонија во Поглавјето 10 – Информатичко општество и медиуми?

Објаснувачкиот скрининг за сите триесет и три поглавја од правото на Европската Унија веќе е спроведен, вклучително и за Поглавје 10. Предлог-преговарачката рамка се однесува на начинот на спроведување на неопходните активности за конечно пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Во врска со Поглавјето 10, за мене лично, како правник, следните чекори се веќе утврдени во директивите и регулативите кои се однесуваат на ова поглавје. Акито за информатичко општество и медиуми содржи целосна нормативна рамка за потребната регулација на оваа област. Оттука, наша „домашна работа”, покрај преговорите, ќе биде натамошната транспозиција на останатите регулативи и директиви од ова поглавје во домашното законодавство. Начелата кои произлегуваат од Поглавје 10, како на пример, техничка и технолошка неутралност, елиминирање на пречките во внатрешниот пазар на телекомуникациски услуги и мрежи, промовирање на конкуренцијата, вклучително и универзална достапност на современи услуги, треба целосно да бидат пресликани и во нашето законодавство.

  1. Кои промени ги наметнува новата методологија за Поглавјето 10?

Предлогот за утврдување на кластери од сродни поглавја сметам дека е одличен. Релевантните директиви и регулативи од Поглавје 10 се поврзани со директиви и регулативи од Поглавје 25 – Наука и истражување, но и со директиви и регулативи од Поглавје 20 – Претпријатија и индустриска политика. Ова е од суштинско значење за преговорите на политичко ниво, заради синхронизирано преземање конкретни мерки во однос на домашното законодавство. На овој начин полесно ќе се затвори секој кластер, во зависност од усогласеноста на единечните поглавја кои ги содржи. Другата позитивна придобивка е тоа што во домашниот правен и општествен систем побрзо ќе бидат видливи придобивките од транспонираното европско законодавство.

  1. До каде е усогласеноста и спроведувањето на законодавството на ЕУ во областите информатичкото општество и медиумите?

Процентуално не би знаела да ви кажам, но знам дека во последните три години направивме скок од „камено доба” во „21-от век”. Овој скок беше огромен предизвик, затоа што се работи за можеби најдинамичното поглавје, поглавје кое се менува онака како што се менува и технолошкиот развој. Напредокот е констатиран во многу истражувања спроведени од страна на релевантни регионални и меѓународни организации или институции. После многу години со оценка „no progress”, во последниот извештај на Европската Унија за напредокот на Република Северна Македонија за Поглавје 10 констатирано е дека „има некаков напредок”. Во услови кога живееме во екот на четвртата револуција, многу е важно тековно да ги следиме сите случувања од оваа сфера. Дополнително, ова поглавје е карактеристично по терминологијата што се користи при пишувањето на директивите и регулативите. Со тоа станува специфична и правната номотехника што почнавме да ја користиме за потребите на усогласувањето на домашното  со европското законодавство. Она што со гордост можам да го кажам е фактот што регулативата eIDAS[1] веќе е транспонирана во домашното законодавство со донесувањето на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. За овој закон добивме мислење дека е целосно усогласен. Директивата за безбедност на мрежи и информациски системи (NIS Directive) која почна да се применува на ниво на Европската Унија во 2018 година, веќе има свој нацрт-текст на закон, подготвен за пуштање во законодавна постапка.

  1. Што е најголем проблем или предизвик за Република Северна Македонија во Поглавјето 10?

Од аспект на општествен контекст би рекла дека главен предизвик е начинот на кој ги разбираме нештата што не ги гледаме, а сепак знаеме дека постојат. Како функционира некој софтвер и како е поврзан со некој хардвер? Што прават сите тие веб сервиси, што нешто ни овозможуваат, а не може да се печатат на хартија? Во 2017 година, имав прилика на еден службен состанок да кажам дека подготвуваме закон за постапките што ги водиме пред шалтерите на институциите и дека ќе направиме тие да се спроведуваат електронски. Постоеше убедување дека тоа не е возможно, затоа што ќе имало проблем со документите, па дали тој електронски документ што ќе го добиеме на профил треба да го печатиме и кој ќе ни го потпише. Две години подоцна овозможивме некои од услугите да се воведат, а и документите да се добиваат по електронски пат. Овозможивме и употреба на средства за електронска идентификација. Предизвик е да ја зголемиме довербата на граѓаните и бизнисите во ваквата комуникација, но и да ја промениме перцепцијата и отпорот кон промените предизвикани од новите технологии, кои се рефлектираат токму на електронските услуги и електронското управување.

Од аспект на правен систем имаме уште поголем предизвик. Ние сега сме во состојба на градење  еден сосем нов систем на дигитално право. Овој систем веќе постои во физичкиот свет, ама треба да го пресликаме во начинот на работење на јавните институции, така што ќе овозможиме изедначување на физичкото појавување на некој шалтер, со нашето електронско појавување пред институциите, односно нашата електронска идентификација да има знак на еднаквост со физичката, со личен документ. Би рекла дека Поглавјето 10 само за себе е решение за проблемите што сега ги имаме за да дојдеме до брза и ефикасна услуга од јавниот сектор, на пример додека одиме од шалтер на шалтер за да собереме документи што ни се потребни за да оствариме некое свое право, а ни одзема многу време.

[1]  REGULATION (EU) No 910/2014 OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 23 July 2014 on electronic identification and trust services for electronic transactions in the internal market and repealing Directive 1999/93/EC

08/07/2020