Транс-европските мрежи или познати уште како (ТЕNs), за прв пат се споменати со Договорот од Мастрихт, а се воведени со Договорот за функционирање на Европската унија (ДФЕУ), во делот XVI. Членовите 170–172 од ДФЕУ ја даваат правната основа за воспоставување на транс-европски мрежи во областа на транспортот, енергетиката и телекомуникациите.
Воспоставувањето и развојот на Транс-европските мрежи се со јасно утврдена цел: да го овозможат непреченото функционирање на внатрешниот пазар и да помогнат за јакнење на економската, социјалната и територијалната кохезија на Унијата, цели кои што се утврдени уште со Основачките договори на Унијата. Големиот Единствен пазар на Унијата со неговото слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал не би бил возможен без поврзаност на регионалните и националните мрежи со модерна и ефикасна инфраструктура. Создавањето на транс-европските мрежи е значајно и како силен фактор кој придонесува за економскиот раст и растот на вработеноста во Европската унија.
Голем број на проекти од заеднички интерес имаат корист од финансиска поддршка од буџетот на Европската унија преку линијата за буџет за Транс – Европски мрежи како и од европските структурни и инвестициски фондови. Инструментот за поврзување на Европа е посебен инструмент целосно насочен кон финансирање на проекти на транс-европските мрежи. Европската банка за инвестиции, исто така, има направено значаен придонес за финансирање на овие проекти преку заеми.
Политиката на Транс-Европски мрежи денес ги опфаќа мрежите во областа на транспортот (Транс – европски транспортни мрежи (TEN-T)) и енергетската инфраструктура (Транс – европски енергетски мрежи (TEN-E или TEN-Energy)).
Таа е насочена кон прилагодување и развој на транс-европски мрежи и кон обезбедувањето на соодветна интерконекција и интероперабилност на националните мрежи. Во изминатите 10тина години оваа политика доживеа динамични промени. Се воспостави нов инструмент за финансирање на Транс-европските мрежи : Инструментот за поврзување на Европа (Connecting Europe Facility), и се ревидираа упатствата на Заедницата за развој на Транс- европските мрежи. Целта на воспоставувањето на транс-европските мрежи и промовирањето на меѓусебната поврзаност и интероперабилност на националните мрежи е целосно да се искористат можностите кои ги нуди внатрешниот пазар и да придонесат за економски развој и создавање на работни места во Европската унија.
Транс Eвропските транспортни мрежи (TEN-T) придонесуваат за одржлив и мултимодален развој на транспортниот систем и отстранување на сообраќајниот метеж. Транспортните мрежи играат главна улога во обезбедувањето одржлива мобилност со комбинирање на конкурентноста на Европската унија и благосостојбата на жителите на ЕУ, истовремено обезбедувајќи транспорт на стоки и патници.
Новата насоки на политика за транспортна инфраструктура на ЕУ предвидуваат формирање на двослојна структура која ја сочинуваат сеопфатна и основна мрежа. Сеопфатната мрежа е мрежа која се протега низ целата Унија и која обезбедува простапност и побрзаност со сите региони на ЕУ и со соседните држави и се планира да се развие до 2050 година. Основната мрежа ја сочинуваат оние делови на сеопфатната мрежа кои имаат најголема стратешка важност за развој на Транс-европската мрежа за сообраќај. Таа опфаќа девет главни коридори и треба да се развие до 2030 година,. Коридорите на основната мрежа се дефинирани преку однапред определени приоритетни транснационални проекти кои се и приоритетни за финансирање во рамки на Инструментот за поврзување на Европа.
Транс Eвропските енергетски мрежи (ТЕN-Е) го покриваат преносот и складирањето на гас, нафта и заробен јаглерод диоксид, како и преносот на електрична енергија и придонесуваат за градењето на интегриран пазар на електрична енергија и гас. ТЕN-Е треба да одговори на зголемената важност на безбедноста и диверзификацијата на снабдувањето со енергија на Унијата, опфаќајќи ги енергетските мрежи на државите -членки и соседните државите кандидати и да обезбеди координирана работа помеѓу енергетските мрежи на ЕУ и соседните држави. Главните цели на политиката во оваа област се безбедноста на снабдувањето и функционалниот внатрешен пазар на енергија.
Стратегијата за TENe дефинира 9 приоритетни коридори и три приоритетни тематски подрачја. Коридорите се наоѓаат во држави и региони на кои им е потребен итен развој на енергетската инфраструктура што ќе овозможи поврзување на региони кои се изолирани од европските пазари на електрична енергија, ќе ги зајакнат постоечките прекугранични интерконекции и ќе ја интегрираа обновливата енергија. Тематските подрачја се: паметни мрежи; автопати на енергијата и прекугранични мрежи за заробување на јаглеродниот диоксид.
Законодавството на ЕУ поглавјето 21 Tранс – европски мрежи опфаќа двете области кои меѓусебно се надополнуваат:
- Транс – Eвропски транспортни мрежи (TEN-T)
- Транс – Eвропски енергетски мрежи (TEN-E или TEN-Energy)
Двете области се тесно поврзани со генералната политика на транспорт (Транс – европските транспортни мрежи) односно енергетската политика на ЕУ (Транс – европските енергетски мрежи), опфатени со Поглавјата 14 и 15 на преговорите. Правната основа за ова Поглавје е содржана во членовите 170-172 од Договорот за функционирање на Европската унија (ДФЕУ). Притоа, законодавството за транспортните и енергетските мрежи го сочинуваат Регулативата (EU) 1315/2013 за Насоките на Унијата за развој на европските мрежи во транспортот и Регулативата (EU) 347/2013 за Насоките на Унијата за развој на европските мрежи во енергијата. Насоките ги опфаќаат целите, приоритетите, начинот на идентификација на стратешки проекти од заеднички интерес и широк опсег на мерки за обата засегнати сектори. Правото на ЕУ во ова Поглавје ја вклучува и Регулативата (EU) 1316/2013 за воспоставување на Инструментот за поврзување на Европа (Connecting Europe Facility) кој претставува главен финансиски инструмент на поддршка на политиката на транс-европски мрежи.
- Развој на националната (патна, железничка, енергетска) инфраструктура –Посовремена и подобра инфраструктура (аеродроми, железници, патишта) на транс-европските рути во Македонија, финансирана и со неповратни средства на Унија, ќе резултира со зголемување на сообраќајот во сите сегменти на транспортот, особено железницата, копнениот и воздушниот транспорт. Зголемување на сообраќајот ќе значи и зголемување на конкуренцијата од страна на давателите на услуги, што пак ќе им користи на крајните корисници, односно на патниците и на бизнисмените, во форма на поевтини цени и повисоко ниво на квалитет. Македонија веќе користи европски грантови и други поволни извори на финансирање за подобрување на инфраструктурата на патните и железничките коридори VIII и X. Подобрувањата и проширувањата на електропреносната и гасната инфраструктура ќе донесат исто така бројни придобивки за македонските граѓани и компании во смисла на поголем избор и поголема сигурност на снабдувањето со енергија.Зголемени средства од европските фондови за развој на инфраструктурата. – Како членка на ЕУ Македонија ќе има можност да користи значително повисока финансиската помош од ЕУ за финансирањето на проектите кои Македонија ќе ги дефинира како стратешки приоритетни и тоа од најразлични извори: 1. од европските Структурните и инвестициските фондови; 2. од наследникот на Инструментот за поврзување на Европа (Connecting Europe Facility)- со кој денес се финансираат големи проекти на транс-европските транспортни и енергетски коридори- 3. со поволни заеми други финансиски инструменти од Европската банка за инвестиции.