Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Европска интеграција на Северна Македонија

Од самиот почеток на процесот на интеграција во Европа во текот на кој е создадена Европската унија во денешната форма, постоела можност секоја европска држава да побара членство во ЕУ. Со текот на времето ЕУ поблиску ги дефинирала условите кои мора да ги исполнат кандидатките за членство. Така, согласно членот 49 од Договорот за Европска унија, кој денес го регулира ова прашање: секоја европска држава која ги почитува демократските вредности ( утврдени во членот 2 од Договорот) на кои е заснована Унијата и е посветена на нивното промовирање има право да поднесе барање за членство во Европската унија. Овој основен предуслов некогаш се нарекува и „географски“ критериум за членство.

На состанокот на Европскиот совет во Копенхаген во јуни, 1993та година и поради потребата да се управува процесот на Големото проширување кон Исток, поставени се три критериуми  кои сите идни кандидати за членство во ЕУ мора да ги исполнат пред да бидат примени во полноправно членство во Европската унија. Меѓутоа, многу брзо стана јасно дека иако е важно прифаќањето на правото на ЕУ во националното, многу поважно е да се обезбеди неговата ефикасно спроведување и примена низ соодветна Усладминистративна поставеност. Затоа, во Мадрид (во 1995 год.) се постави дополнителен, четврт критериум познат уште и како Мадридски критериум, кој ја истакнува потребата од развиен административен и судски капацитет за спроведување на сите реформи (политички, економски и правни) и за примена на усвоените заеднички придобивки (acquis). Подоцна, во Луксембург (1997 год.) и Хелсинки (1999 год.) овие критериуми беа појаснети и надополнети и денес сите заедно се познати  како критериуми од Копенхаген или Копенхагенски критериуми за членство.

 

Член 2 од Договорот за Европската унија

Унијата почива на вредностите на почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото, почитувањето на основните правата на човекот вклучувајќи ги и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата. Овие вредности се заеднички за општествата на државите членки во кои доминираат плурализмот, недискриминацијата, толеранцијата, правдата, солидарноста и еднаквоста меѓу мажите и жените.

 

Член 49 од Договорот за Европската унија

Секоја европска држава која ги почитува вредностите наведени во членот 2 од Договорот и која е посветена на нивно унапредување може да поднесе барање за членство во Унијата.

 

  • 3 Копенхагенски критериуми:
    1. Политички критериум
      • Стабилност на институциите кои ја гарантираат демократијата, владеењето на правото, заштитата на основните човекови и малцински права и прифаќање на политичките цели на Унијата;
    2. Економски критериуми :
      • Постоење на функционална пазарна економија, како и капацитет на пазарните чинители да се носат со притисокот на конкуренцијата и пазарните законитости во ЕУ;
    3. „Правен“ или acquis критериум
      • Способност за спроведување на преземените обврски од членството во Унијата (усвојување на целокупното законодавство на ЕУ :правото на ЕУ познато како acquis communautaire), вклучувајќи и придржување кон целите на политичката, економската и монетарната Унија.
  • Дополнителен „ административен“ (Мадридски ) критериум:
    • Постоење на функционален административен и судски капацитет за ефикасно усвојување и спроведување на правото на ЕУ со што ќе се создадат услови за постепена, хармонична интеграција.

 

Видео: Реформа на јавната администрација

 

  • Заборавениот критериум од Копенхаген

Во Копенхаген, Советот нагласува и дека: „капацитетот на Унијата да апсорбира нови членови истовремено одржувајќи ja динамиката на европската интеграција“ исто така мора да се земе во предвид

Предусловот за доволен интеграциски капацитет на ЕУ, иако и формално воспоставен уште со Договорот од Ница (2000), долго време се третираше како „заборавен критериум“ за членство. Тој е предуслов на кој државите кандидатки немаат големо влијание, но е услов кој има се поголемо значење и тежина во политиката на проширувањето.

Условеноста, како еден од принципите на Стратегијата на ЕУ за проширување, предвидува дека држава која аплицира за членство може да стане кандидат доколку го исполнува целосно политичкиот критериум, додека економските и правниот критериуми се ценат од „динамична гледна точка“. Но за да стане државата кандидатка член потребно е целосно да ги исполни сите критериуми. Европската унија од своја страна треба да биде способна да ја прифати во членство и успешно да ја интегрира новата држава членка, без притоа да ги загрози сопствената функционалност и натамошен развој (принцип на постоење на доволен апсорпциски капацитет).

За Македонија (и за државите од Западниот Балкан) кои се вклучени во Процесот на стабилизација и асоцијација, потребно е исто така да се исполнуваат обврските преземени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Ова во прв ред се однесува на обврските за регионална соработка, за негување на добрососедски односи  што вклучува затворање на сите отворени прашања, а пред се недоразбирањата околу државните граници.

Како резултат на научените лекции од досегашното искуство со проширувањето, дваесет години по Копенхаген, во 2013 ЕК воведе нов пристап на оценката на исполнувањето на критериуми за членство наречен Fundamentals first или „Најпрво основите/темелите“. Новиот пристап предвидува поголем фокус во исполнувањето и поинтензивно надгледување на клучните темели зацртани во Копенхашките критериуми: владеење на правото, економско управување, функционирање на институциите кои ја гарантираат демократијата, фундаменталните права, реформата на јавната администрација, добрососедски односи и регионална соработка економијата. Станува збор за области кои и во Македонија и во сите држави од регионот и натаму остануваат клучни подрачја во кои се потребни реформи и суштински подобрувања.

Главен инструмент за оценка на исполнетоста на критериумите за членство во вид на конкретни реформски барања по области се годишните Извештаи (за напредокот) на државата кандидатка кои еднаш годишно ги изготвува Европската комисија и ги поднесува до Советот со оценка и соодветна препорака. Иако Европската комисија, по барање на Франција и неколку други држави членки, набрзо (5 Февруари) ќе излезе со нова Методологија за проширувањето, извештаите веројатно ќе се задржат како корисна алатка за следење на и известување за реформите.

Видео: Што е Владеење на правото?

1995-2005-2009-2020

25 години дипломатски односи

15 години кандидат за членство

10 препораки за отпочнување на преговори

Перспективите за интеграција на Република Македонија во ЕУ за прв пат се отворија во 1995 година по потпишувањето на Привремената Спогодба со Република Грција и последователното воспоставување на дипломатски односи со Европската Унија. Една година подоцна (декември, 1996) се воспоставија и првите договорни односи со ЕУ со потпишувањето на Спогодбата за соработка и Спогодбата за транспорт кои регулираа прашања од областа на трговијата, финансиите и транспортот. Во истиот период Македонија пристапи и кон Програмата ФАРЕ (1996-1999) а започна и редовен политички дијалог со ЕУ.

Во рамки на Процесот на стабилизација и асоцијација (ПСУ) како нова рамка за регулирање и развивање на политичките, економските и трговските односи со државите од Југоисточна Европа (денес Западен Балкан) заради нивно приближување до ЕУ, Република Македонија беше првата држава која започна (2000 год.) и успешно заврши преговори за склучување на Спогодба за стабилизација и асоцијација (ССА). Со потпишување на ССА во 2001 година и нејзината ратификација од државите членки на ЕУ во април 2004 година дефинитивно се зацврсти европската перспектива на Македонија. На економски план ССА воспостави цврсти економски односи со ЕУ и овозможи пристап до најсилниот економски блок во светот.

За остварувањето на својата крајна цел: целосна интеграција во ЕУ, со ССА, Македонија се обврза да спроведе комплексни правни, административни, институционални и економски реформи. Тоа практично значи дека Македонија ќе ги „транспонира“ европските прописи во националниот правен систем односно ќе го сообрази македонското законодавство со европското „правно наследство“ (acquis communautaire) во клучните области на ССА како што се особено: прописите поврзани со четирите слободи на Единствениот Пазар (на пр. во области како стандардизација, метеорологија и акредитација); правилата во областа на трговијата и заштитата на конкуренцијата вклучително и државната помош, јавните набавки, индустриската и интелектуална сопственост, но и во сите други области на соработка со ЕУ утврдени со Спогодбата почнувајќи од економската политика и малите и средните претпријатија, преку образование, наука и истражување се до животна средина, транспорт и енергија.

Приспособувањето на постојните и новите закони кон acquis communautaire (се чита како аки комунотер) подразбира не само промена и прилагодување на законодавството туку и негова доследна и ефикасна примена. За таа цел неопходна е силна институционална подлога, а пред се реформа на судскиот систем, градење и развој на стручна и професионална државна и јавна администрација и градење на силни, независни, професионални и стручни институции. Конечно напорите на Македонија за исполнување на обврските од ССА и спроведувањето на реформите, Спогодбата ги стимулира со предвидување на сеопфатна финансиска поддршка во форма на неповратна помош (најпрво КАРДС потоа ИПА I, ИПА II, a  набрзо и ИПА III), поволни кредити, буџетска поддршка и макрофинансиска помош. Со посебен Протокол кон ССА за учество на Македонија се „отворија“ и Програмите на Заедницата (денес познати како Програми на Унијата) како и одредени Агенции на ЕУ како дополнителни инструменти на поддршка, развој и постепено усогласување на секторските политики кон европските заеднички политики.

Поднесеното барање за членство во ЕУ на 22 март 2004 во Даблин и брзо пополнетиот и поднесен (14 февруари 2005 год.) Прашалник од Европската комисија за подготвување на мислење за членство на РМ во ЕУ, ЕК на 9 ноември 2005 година го објави своето мислење со кое му препорача на Советот на ЕУ доделување на статус на кандидат за членство на РМ во ЕУ. На 17 декември 2005 година Претседателството на Европскиот совет во Брисел на Македонија и додели статус на кандидат за членство во Европската унија. Во октомври 2009 година ЕК констатира дека Македонија задоволително ги исполнува Копенхагенските политички критериуми како и обврските од ПСА и дека прави значителен напредок кон исполнување на Економските критериуми за членство врз која основа препорача почеток на преговори за членство на РМ во ЕУ.

По шестократно (2009-2014) повторените „чисти“ препораки за отпочнување на преговори, во својот извештај во 2015 година ЕК даде условена препорака. Препораката беше поврзана со континуирана имплементација на Пржинскиот договор постигнат со посредство на ЕУ како модел на решавање на политичката но и длабоката општествена криза во Македонија како и со остварувањето на значителен напредок во остварувањето на Итните реформски приоритети. Во извештајот од следната 2016 година констатира дека Македонија е заробена држава (Извештај за напредок, ЕК: 4). По надминувањето на повеќегодишната криза и изборот на нова Влада, ЕК во април 2018 оцени дека државата е „влезена во фундаментални промени во отворена и инклузивна атмосфера“ и во „светло на постигнатиот напредок“ повторно препорача преговори со Македонија.

Советот за генерални работи (GAC) на ЕУ на Самиот во Јуни 2018 „го зацрта патот кон отворање на пристапни преговори во јуни 2019 год.“ ( до крајот на јуни 2019 требаше да уследи Меѓувладина Конференција со која и формално ќе започнат преговорите) под услов, остварување на конкретен напредок во однос на Итните реформски приоритети како и конкретни резултати од реформите во јавната администрација, од реформите на разузнавачките и безбедносните служби и најзначајно, со судски реформи и финални судски одлуки во случаи на корупција и организирани криминал на високо ниво. Остварувањето на овие услови ЕК го следеше и констатираше во нов Извештај во мај 2019 год. во кој констатира напредок и ја повтори својата препорака за отпочнување на преговори за членство за Македонија.

На Самитот на ЕУ на 18 јуни 2019 год. и покрај констатираното исполнување на условите и постигнатиот напредок (како и не помалку важните Договори постигнати со Грција и Бугарија) донесувањето на „јасна и содржинска“ Одлука беше поместено за најдоцна октомври 2019 година, со оглед на “ограниченото време на располагање и значењето на одлуката“.

Октомврискиот Совет го дискутираше прашањето за почеток на преговорите на највисоко ниво (Европски совет), но поради неможност да постигне едногласност повторно го помести донесувањето на одлука , утврдувајќи дека Советот „ќе се наврати на прашањето пред Самитот ЕУ-Западен Балкан“ кој ќе се одржи во Загреб, во Мај 2020 год.

Неодобрувањето на датум за преговори со Македонија (и Албанија) претседателите на сите три клучни ЕУ институции, Европскиот Совет, Европската Комисија и Европскиот Парламент го оценија како „историска грешка“. Парламентот донесе и Резолуција со која ја „осуди блокадата на Франција, Данска и Холандија„ и го подржа отворањето на пристапни преговори со Македонија и Албанија.

Видое кое ги објаснува ПСУ и ССА

И покрај тоа што очекуваната одлука за преговори не беше донесена на Самитот во јуни 2018та година, Европската комисија во септември 2018 год. со презентација на Поглавјето 23: Судство и темелни права, го започна процесот на скрининг со Македонија (и Албанија). Во досегашната практика на проширувањето скринингот вообичаено се отпочнуваше по добивање на формална одлука за почетокот на преговори а како неговата прва фаза која ја создава основата за водење на фактичките преговори.

Во периодот 27/28 Септември 2018 до 6 Декември 2019 год. се спроведе првата фаза од скринингот т.н. објаснувачки скрининг во која Европската комисија го претстави законодавството на ЕУ во 33 од вкупно 35 поглавја. Втората фаза од скринингот е т.н. билатерален скрининг во која македонската страна го презентира македонското законодавство. Билатералниот скрининг може да започне по формалното започнување на преговорите.

Набрзо по блокадата од страна на Франција беше понуден нон пејпер во кој беа презентирани идеи за реформирање на процесот на пристапување базирани на четири принципи и седум степени на постепено пристапување наместо досегашните 35 поглавја и беше побарано Комисијата да предложи нова методологија на проширувањето до јануари 2020. Веднаш потоа, девет други држави членки објавија друг нон пејпер со видувања за реформата на проширувањето според кои одлука за преговори мора да се донесе до март 2020 и реформата не треба да е пречка за отпочнување на преговорите.

Се очекува Европската комисија во Февруари да излезе со предлог нова Методологија за оценка на напредокот во приближувањето кон ЕУ, која ќе треба да биде прифатена од сите држави членки што ќе обезбеди нов консензус во ЕУ за политиката на проширување. Тој консензус би требало да се реализира на следниот Самит на ЕУ во март, а најдоцна до Самитот на ЕУ со Западниот Балкан во Загреб.

Доколку се оствари ова оптимистичко сценарио, следниот чекор би бил одредување на термин за одржување на Меѓувладина конференција ЕУ и Република Македонија (и можеби Албанија) со која формално ќе се отворат преговорите.  По завршувањето на преговорите за сите 35 поглавја (според принципот „ништо не е договорено се додека се не е договорено“) што секако подразбира и спроведување на соодветните реформи како и усвојување и спроведување на законите, нормите и стандардите на ЕУ, Европската комисија во посебен извештај ќе ја оцени подготвеноста на држава за членство. Оценката за исполнетоста на условите на државата кандидатка потоа треба да ја прифатат едногласно сите држави членки и да ја усвојат препораката на Комисијата за затворање на преговорите и потпишување на Договорот за пристапување.

По формалното одобрување на Договорот од сите држави членки (вообичаено преку ратификација во националните парламенти) тој стапува на сила на точно определен датум. До тој датум државата кандидатка станува држава пристапничка (држава во пристапување)  и во улога на набљудувач, без право на глас , се вклучува во работата  на сите европските институции, тела и органи. На точно определениот датум, државата пристапничка на свечена церемонија станува и формално рамноправна членка на Европската унија.

Какви измени во технологијата и процесот на преговори во неговата досегашна форма и практика ќе бидат предложени, преговарани и усвоени од државите членки и дали истите ќе бидат доволни за одблокирање и вбризгување на нова динамика на проширувањето ќе покажат следните неколку месеци. Сигурно е дека, како и да изгледаат, идните преговори ќе бидат комплексни, динамични, долготрајни и скапи, но пред се, тие ќе бараат Македонија да ја совлада културата на преговарање и градење на компромиси  во прв ред внатре во самото општество и тоа меѓу сите чинители.

Видео: Како функционира Проширувањето: технологија

Скринингот (screening) претставува аналитички преглед и оценка на степенот на усогласеноста на македонското законодавство со она на ЕУ во вкупно 33 поглавја (последните две поглавја немаат законодавство, туку опфаќаат процедурални, институционални и „други“ прашања) опфатени во преговорите и оценка на капацитетите за негова усвојување и имплементација. Скринингот од своја страна се состои од два дела: објаснувачки и „билатерален“ скрининг.

Брошура МК: Трансформативната моќ на проширувањето

Национална програма за усвојување на правото на европската унија (НПАА)

National programme for the adoption of the acquis NPAA

НПАА е сеопфатен клучен стратешки  документ кој го насочува и управува процесот на приближување на Македонија кон ЕУ ги опфаќа целите, политиките, реформите, структурите, ресурсите и динамиката на нивно исполнување . Со НПАА се утврдуваат клучните приоритети во процесот на приближувањето кон ЕУ, временска рамка за транспонирање (пренесување), имплементација и извршување на законодавството на ЕУ вклучувајќи ги и сите прилагодувања на националните институции кон европските административни структури, како и распоредот на финансиските и човечките ресурси (потребите и изворите на средства). НПАА ја следи структурата на годишниот Извештај на Европската комисија односно политичкиот, економските, правниот и административниот критериум за членство.

 

(Националната) програма за економски реформи 2018-2020 (ПЕР)

Programme for economic reforms PER

Програмата за економски реформи (ПЕР) е наследник на Претпристапната економска програма (ПЕП) која се изготвување до 2014 година, кога ЕК го промени пристапот на оценка на напредокот и исполнувањето на критериумите за членство во ткн. „Fundamentals first approach“ или „најпрво основните работи“. ПЕР е кохерентен стратешки документ за економската политика на државата и ги прикажува среднорочната макроекономска и фискална рамка, како и клучните секторските структурни реформи за зголемување на конкурентноста, инклузивниот раст и работните места. ПЕР претставува составен дел на реформите на економското управување во државите кандидатки и истовремено претставува еден вид на вежба за нивно постепено вклучување во системот на координација на економските и фискалните политики на ЕУ. Конечно, ПЕР  служи и како Национален акциски план за остварување на Стратегијата ЈИЕ 2020.

Видео: Економско управување

Видео мк: Вештини

Видео мк: Вработување

По најавите за почеток на скринингот и отворената можност за отворање на преговорите, македонската Влада  во јули 2018 година ги назначи главниот политички и технички преговарач на Македонија со ЕУ, а во август го претстави и предлог-концептот за-преговарачката структура за пристапување на Р. Македонија во ЕУ. Преговарачката структура која беше усвоена една година подоцна и објавена во Сл. весник бр. 159  од 1 август 2019 се состои од следните тела:

  • Комитет за преговори за пристапување на СРМ кон ЕУ;
  • Државна делегација на Македонија за преговори за пристапување на Македонија кон ЕУ;
  • Група за преговори за пристапување;
  • Канцеларија на главниот технички преговарач;
  • Секретаријат за преговори за пристапување а преговарачката група;
  • Работни групи за подготовка на преговорите;
  • Советодавни тела.

Видео од презентацијата на преговарачката структура

 

Преговарачка структура на Република Македонија

За исполнувањето на строгите етаблирани критериуми за членство, но пред се во интерес на нејзините граѓани, државата треба да спроведе комплексни и сеопфатни реформи во повеќе клучни области. Владеењето на правото, основните права и (доброто) владеењето мора да бидат значајно зајакнати. Судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал како и реформата на јавната администрација треба да испорачаат реални резултати а функционирањето на демократските институции мора да биде сериозно зајакнато. Економските реформи мора да се спроведуваат со елан додека структурните слабости, ниската конкурентност и високата невработеност се клучните прашања кои мора да бидат адресирани.

Главен инструмент со кој ЕУ го поддржува спроведување на сите неопходни реформи за исполнување на критериумите за членство е Инструментот ИПА (IPA-Instrument for preaccession assistance). Вкупниот финансиски пакет за ИПА I  за периодот 2007.-2013. год. изнесуваше 615,1 милиони евра, додека за ИПА II за периодот 2014.-2020. година изнесува 664,2 милиони евра или 320 евра по глава на жител.

Дополнително на овој пакет познат и како национална ИПА, Македонија користи средства од Прекугранична ИПА (Cross-border) која ја покрива соработката меѓу две соседни држави од Западниот Балкан (во случајот Македонија-Србија, Македонија-Косово, Македонија-Албанија)  како и од Повеќекорисничката ИПА (Multi-country) во износ од € 2.98 милијарди  која ја надополнува националната поддршка преку интервенции на регионално ниво во четири оски: 1. Хоризонтална поддршка за секторски политики и реформи; 2. Регионални структури и мрежи; 3. Регионални инвестиции и 4. Територијална соработка.

За соработка со соседните држави кои се членки на Унијата, постојат посебни програми т.н. Interreg IPA CBC програми, финансирани од ИПА и од ЕРДФ. Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција нуди дополнителни 45 милиони евра за корисници од двете држави во областите: развој на локалната економија и заштита на животната средина. Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Бугарија има буџет од нешто повеќе од 19 милиони евра и финансира проекти во областите: животна средина, одржлив туризам и конкурентност. Конечно, за соработка со државите-членки (Грција, Бугарија и Кипар) Македонија (и Албанија) користи средства од Програмата Балкан-Мед, која се финансира делумно до ИПА и делумно до ЕРДФ- Фондот на ЕУ за регионален развој со буџет од околу 40 милиони евра за периодот 2014-2017.

Планирањето и програмирањето на помошта од ИПА се одвива преку сет на национални и европски документи  и тоа:

  1. За национална ИПА: Национален стратегиски документ, повеќегодишни секторски оперативни програми и (повеќе)годишни акциони програми;
  2. За Прекугранична ИПА: Долгорочни Програми за прекугранична соработка и тригодишни акциски програми за прекугранична соработка со секоја од 3те соседски држави односно Програми за прекугранична соработка за сите седум години со Грција и Бугарија и со Програмата Балкан Медитеран за седум години за 5те држави учеснички;
  3. За Повеќекорисничка ИПА: Повеќекориснички индикативен стратегиски документ и Повеќекориснички програми за секоја од четирите оски.

Финансиската помош од националната ИПА II се планира стратешки и долгорочно, за период од 7 години преку Националниот стратешки документ НСД (Indicative strategy paper). НСД утврдува четири конкретни цели кон кои е насочена помошта: (а) поддршка за политичките реформи; (б) поддршка за економскиот, социјалниот и територијалниот развој; (в) зајакнување на капацитетите на државата-корисничка за исполнување на (идните) обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во Унијата, преку поддршка на прогресивно усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ; и (г) зајакнување на регионалната интеграција и територијалната соработка.

Подолу е даден преглед на клучните приоритети за финансирање поделени во пет области  на политики и девет сектори во кои се спроведуваат клучните реформи, предвидените финансиски средства за секоја од областите и секторите, како и индикаторите според кои ќе се оценува постигнатиот напредок, но и ефективноста и ефикасноста на спроведените активности.

Управувањето, подготовката и спроведувањето на помошта од IPA II националната програма е според моделот на индиректно управување, што подразбира постоење на национална Оперативна структура во која се вклучени повеќе државни институции и тела. Клучно тело задолжено за спроведување на ИПАта е Секторот за централно финансирање и склучување договори (CFCD -Central financing and contracting Department), сектор во рамки на Министерството за финансии.

Финансиската помош на Европската Унија за одржливо земјоделство и рурален развој на Македонија се спроведува  преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – ИПАРД II Програмата (2014– 2020). ИПАРД фондовите се наменети за финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој со фокус на имплементација на законодавството на Европската Унија во однос на заедничката земјоделска политика (ЗЗП) и политиките за конкурентно одржливо земјоделство, силни и одржливи рурални заедници и разновидна и одржлива рурална животната средина.

Имплементацијата на оваа програма и управувањето со средствата ги врши

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) позната и како ИПАРД агенција, додека Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ), според европската терминологија National extension Agency, овозможува советодавни услуги за земјоделците и земјоделските стопанства преку обезбедување информации, обука, едукација и помош на терен.

ИПАРД II 2014-2020 има буџет од 60 милиони евра за финансирање на следниве 5 Мерки:

  • Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства
  • Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи
  • Диверзификација на фарма и развој на бизнисот
  • Техничка помош
  • Инвестиции во руралната јавна инфраструктура

Видео мк ИПАРД 2014-2020

Инфопортал за ИПАРД мк

 

Корисни врски :

Видео за претпристапната помош на ЕУ

Видео за поддршката на ЕУ за подобрување на поврзувањето на инфраструктурните мрежи на Западниот Балкан

Портал на ЕУ со преглед на искористеноста на ИПА во Македонија мк.

Преглед за искористеност на ИПА 1 мк

Проекти финансирани од Балкан Мед програмата