Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Институционалните предизвици за ресоцијализација на странски терористички борци

Пишува: д-р Наталија Шикова, Меѓународен балкански универзитет

Неодамнешната изјава на премиерот Зоран Заев дека во Република Северна Македонија се спроведуваат највисоките стандарди за ресоцијализација на терористичките повратници е несообразна на реално постојните процеси. Програмите за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција (РРР) досега не беа адаптирани за оваа специјална група осуденици, а тековниот Национален план е недостапен за јавноста. Од институционален аспект, капацитетите се слаби и несоодветни, а процесот е фрагментиран и нетранспарентен.

 

Соработката во областа – слобода, безбедност и правда е една од политиките на ЕУ што најбрзо се развива, но истовемено е и една од најконтроверзните, бидејќи го засега државниот суверенитет, а делувањето на безбедносните служби и размената чувствителни податоци може негативно да влијаат врз човековите слободи и права. Полициската соработка, покрај судската соработка во граѓански и во кривични предмети, има клучно значење за целата област – слобода, безбедност и правда (ОСБП) – опфатен со Поглавјето 24 од Acquis. Политиките поврзани со тоа поглавје се важни бидејќи го одразуваат функционирањето на принципот на владеењето на правото, граничната контрола, борбата против организираниот криминал и другите поврзани области.

ОСБП стана актуелна со воспоставувањето на заедничкиот пазар во ЕУ, но и поради безбедносните закани што ги надминуваат националните граници. Една од тие закани е феноменот на – странски терористички борци (СТБ) и нивните помагачи, односно лицата што отишле и се вратиле на европско тло од бојните полиња во Ирак или во Сирија – биле заробени или пак дошле доброволно, како и лицата кои нив ги регрутирале. Иако повеќето од националните правни системи предвидуваат значителни санкции во врска со овие терористички активности, сепак, СТБ и нивните помагачи претставуваат голем безбедносен ризик. Оттаму, за да се прекинат или за да се спречат тековните и идните појави со потенцијал за радикализација и за насилен екстремизам, неопходна е дерадикализација, како и примена на програми за рехабилитација, ресоцијализација и за реинтеграција (РРР) на осудените лица, односно на лицата што издржале затворска казна по оваа основа. Секако, неопходни се и институции подготвени да одговорат на овој предизвик.

Феноменот на СТБ не ја одмина Македонија, па од 2012 година наваму, околу 150 лица заминале во конфликтните подрачја од Сирија и од Ирак. Од нив, 76 се вратиле, 37 се убиени, а 17 сè уште се во конфликтните подрачја.  Од измените на Кривичниот законик во 2014 година, па сè досега, 16 СТБ повратници и помагачи ја отслужиле затворската казна, но не биле вклучени во никакви специјални програми за нивна РРР. Тековно, во македонските затворски институции има 13 СТБ и помагачи кои, според изречените судски пресуди, ќе ја издржат затворската казна до крајот на 2024 година. Иако во нашата земја постои општ став дека СТБ повратниците и нивните помагачи се сериозен ризик за пошироката заедница, сепак ова мислење не е генерално усвоено и споделено, посебно не меѓу директно засегнатите општински власти. Досегашните процеси на РРР за СТБ повратниците и за нивните помагачи не можеа да одговорат на реалните предизвици. Постојните програми беа несоодветни и не беа адаптирани кон оваа специјална група осуденици. Институционалниот капацитет во однос на ова прашање беше и е исклучително слаб, со недоволен кадар, кому му е неопходна итна конкретна обука во врска со овој проблем. Пристапот што се применуваше, барем од институционално стојалиште, беше изразито фрагментиран, затоа што институциите делуваа поединечно и неповрзано, а во него не беа вклучени сите релевантни општествени чинители, како  семејствата на СТБ, општините каде што живеат / потекнуваат или ќе се вратат, религиозните заедници, центрите за социјална работа, приватниот сектор, итн.. Оттаму, изјавата на Премиерот Заев дека во Република Северна Македонија се спроведуваат највисоките стандарди за ресоцијализација на терористичките повратници е – несоодветна. Иако од неодамна се промовираше Националниот план за РРР на повратници од странски војски и на членовите на нивните семејства, сепак тој план сè уште не е достапен за јавноста, а не смее да се заборави дека за да се достигнат РРР стандардите, неопходни се системски, одржливи и пред сè – инклузивни решенија.

Според последниот Извештај за напредокот на земјата, Република Северна Македонија во однос на борбата против организираниот криминал има законска рамка што во голема мерка е во согласност со европските стандарди. Постигнат е одреден напредок во борбата против тероризмот и во спречувањето / борбата против насилниот екстремизам, но мерките за антитероризам треба да продолжат. Северна Македонија има Национална стратегија за борба против тероризам (2018 г. – 2022 г.) и Национална стратегија за спречување насилен екстремизам (2018 г. – 2022 г.) и сродни акциски планови. Сепак, Извештајот за напредокот, укажува на потреба од посеопфатни напори за воспоставување механизми за рано идентификување на радикализацијата.

Во таа насока, неопходен е соодветен одговор, но нужно е соочување со институционалните недостатоци, како и отворена дебата за да се одговори на предизвиците. Тоа е исклучително важно за пристапниот процес кон ЕУ, но и за целокупната опшествена безбедност. Имено, Договорот од Лисабон утврдува дека заеднички надлежности постојат во областа на слободата, безбедноста и правдата, при што надлежностите на државите во врска со внатрешната безбедност се доминантни и заштитени со договори, а принципот на супсидијарност е централен. Сепак, во процесот на пристапување кон ЕУ, за нашата земја ќе се применува нов пристап, според кој основите (Fundamentals), меѓу нив и Поглавјето 24, ќе се отвораат во раните фази на преговарачкиот процес и ќе останат отворени сè до крајот на преговорите. За да се адресираат горенаведените предизвици во рамките на ПСБП, потребен е транспарентен пристап, адекватни административни капацитети, екипирање на институциите и обука на кадрите, како и современа техничка опрема. На европско ниво, постојат програми што обезбедуваат релевантна финансиска и техничка помош. Северна Македонија активно учествува во спроведувањето на контратерористичките иницијативи и добива финансиска помош преку Инструментот за претпристапување (ИПА), но недвосмислено е јасно дека освен посериозни институционални чекори, неопходно е и критичко преиспитување за de facto достигнување на стандардите.

 

 

 

 

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

18/12/2020