Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Преговори со ЕУ: Македонија во секој момент ја очекува првата нацрт-верзија на преговарачката рамка

Нацрт-верзијата на преговарачката рамка, според вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бујар Османи, ќе биде проследена со кус извештај за напредокот во реформите. Откако Европската комисија ќе ја објави нацрт-верзијата на преговарачката рамка, земјите членки ќе ги изнесат свои национални позиции и на крајот ќе се обидат да дојдат до консензус.
„Очекувам и се надевам дека овој предлог ќе биде неутрален, не во однос на позициите на различните земји членки, туку дека повеќе ќе се заснова на принципите на функционирање на ЕУ. Очекувам дека откако ќе се објави, секоја земја, вклучувајќи ја и Бугарија, ќе се обиде да ја наметне својата национална позиција. Но, се координираме. Ние си ги утврдивме нашите државни позиции, за тоа што би сакале и која е најдобрата верзија. Како земја кандидат не сме во позиција да влијаеме на преговарачката рамка, но ќе лобираме и ќе работиме.“, истакна Османи на брифингот со новинарите, на 8 јуни годинава.
Османи, во пресрет на стартот за преговорите за кој најави дека очекува да се случи до крајот на годината, покрена иницијатива до сите политички фактори во државава, под покровителство на претседателот Пендаровски да се постигне општествено – политички консензус за европските интеграции: „А самите преговори претставуваа најкомплексниот и најсложениот процес во кој влегуваме како држава, не само како Влада или како политички партии. Исходот сите ќе нѐ засега најдиректно. Затоа, покрај Европската Унија, за почеток на преговорите треба да се подготвиме и ние. Токму во таа насока, како главен преговарач со Европската Унија, сметам дека постојат прашања за кои ние како општество мора да иницираме дебата, да се договориме, за подготвени да ја дочекаме првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите“.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар, минатата недела, нагласи дека не може да каже што ќе содржи преговарачката рамка, која се уште не е финализирана, но напомена дека таа ќе има слична структура, како и документите за останатите земји од регионот. Во врска со можноста да бидат опфатени и добрососедските односи со Бугарија, Жбогар посочи дека добрососедските односи се важен елемент на процесот на проширување: „Тоа е потврдено и е дел од одлуката на Европскиот совет од март. Потребата од продолжување на спроведувањето на договорите постигнати со соседите и постојаниот развој на добрососедските односи секако дека ќе биде адресирано во преговарачката рамка.“. Тој нагласи дека еврокомесарот за проширување Вархеји потврдил дека преговарачката рамка ќе биде објавена во јуни и верува дека така и ќе биде.
Првата меѓувладина конференција со државава, според прогнозите на македонските и европските дипломати, се очекува да се одржи наесен.

09/06/2020