Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Предизвиците во борбата против корупцијата во годината прогласена за борба против корупција

Снежана Камиловска Трповска

Правник, Проектна координаторка во Македонски центар за меѓународна соработка и членка на Одборот на Платфармата на граѓански организации за борба против корупцијата

 

Годината што измина ја запаметивме по корона-вирусот и предизвиците што ги донесе таа, но само што влеговме во 2021 година се соочивме со пандемиите што ги имавме од претходно, а не се од здравствени размери. Корупцијата и овојпат ни покажа дека е една од најзначајните пандемии со кои се соочуваме и која веќе системски со години наназад ни ги поткопува демократските принципи и владеењето на правото.

Не толку одамна, во 2019 година, се спроведе истражување за перцепција за корупција во државата, која укажа на разочараноста на граѓаните за справувањето со оваа појава од страна на властите и која ги покажа тенденциите за блиската иднина ако не се преземат сериозни чекори за нејзино сузбивање. Согласно оваа перцепција направена од страна на МЦСМ, за првпат корупцијата беше позиционирана на високото четврто место како општествен проблем во државата, а пак, големо мнозинство од граѓаните (87 %) сметаа дека и во иднина ќе постои веројатност или голема веројатност за корупциски притисок.

Имајќи ги предвид овие перцепции, притисокот на властите за воспоставување на систем отпорен кон корупција требаше и сè уште треба да биде поставен високо на агендата и да се започне со исполнување на изречените заложби за сузбивање на корупцијата во државата.

Северна Македонија за првпат од своето осамостојување постави заменик-претседател на Владата за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси, чија надлежност е да обезбеди непречена соработка на институциите за борбата против корупција, да придонесе кон креирање на акти што се во насока на зголемување на интегритетот на институциите и, меѓу другото, и да ги увери граѓаните во кредибилитетот и интегритетот на избраните и именуваните лица. Владата во своето мандатно писмо кон заменик-претседателот децидно декларира дека никој не смее да биде над законот и дека казнивоста за прекршителите треба да се спроведува.

Ова е посебно значајно да се истакне бидејќи еден од основните проблеми кога станува збор за корупцијата е дека таа останува неказнета. Ако се има предвид дека во гореспоменатата перцепција за корупцијата 31,4 % од испитаниците потврдиле дека биле вклучени во корупција, а тоа проектирано на населението изнесува 519.727 граѓани, се доаѓа до заклучок дека се извршени минимум половина милион кривични дела од областа на корупцијата. Од друга страна, само 145 лица биле осудени за злоупотреба на службена должност или поткуп, што значи стапка на ефикасност на институциите од 0,03 % случаи откриени и завршени со пресуда.

Оттука, неминовно е прашањето дали властите имаат само декларативни заложби за борба против корупцијата или, пак, постои недоволна моќ на институциите да се изборат со овој феномен.

Борбата против корупцијата не е алатка што е во рацете на една од властите во државата или на една институција. Таа е, односно треба да биде, приоритет на сите засегнати страни во нивното секојдневно работење. Тука станува збор за Владата, Собранието, судската власт, независните и самостојни тела, како Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција итн. За секоја од овие институции да може да ги спроведува своите надлежности, задолжителна е нивна константна соработка за навремено и целосно исполнување на своите активности. Секојдневните критики од одредени институции постојано одат токму на оваа сметка. Сведоци сме на тоа дека недостига интероперабилност меѓу нив, со што ќе се овозможи, без одложување, навремено добивање на потребните податоци од надлежните институции. Ова е еден од основните предуслови за борбата против корупцијата и искрените заложби на државата за нејзино сузбивање.

Владата го претстави својот План за борба против корупцијата, кој во себе ги вклучува областите што ги утврдила Владата како приоритетни во наредниот период, на кои треба да се посвети поголемо влијание и кои се предизвик за борбата против корупцијата. Токму и овој план ја става интероперабилноста високо на агендата за задолжително поврзување на Националната платформа за интероперабилност.

Според Владата, овој План предвидува системски мерки, кои во наредниот период треба да се имплементираат за да очекуваме намалување на корупцијата и со тоа намалување на нејзината широка распространетост.

 

Уште една година и уште поголеми очекувања за предизвиците што ги имаме во борбата против корупцијата. Имајќи ги предвид мерките што се предвидуваат да се преземат и искажаните заложби, очекувањата кај граѓаните се уште поголеми. Имајќи предвид дека граѓаните не се оптимисти за искоренување на корупцијата, односно 20,7 % од граѓаните сметаат дека широко распространетата корупцијата не може да биде намалена, потребно е да се спроведат на дело искажаните заложби. Владеењето на правото и демократските принципи што креираат систем без корупција треба да бидат поставени високо на приоритетите на институциите, што ќе овозможи и враќање на довербата на граѓаните во институциите. На овој начин и граѓаните ќе ја утврдат својата улога во борбата против корупцијата и ќе имаат доверба да пријавуваат и да ја спречуваат корупција.

 

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

19/03/2021