Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Промоција на Четвртиот периодичен мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК и Анализата за поставеноста, перформансите и предизвиците за работата на АЕК

Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 8ми ноември, ги презентираа Четвртиот периодичен мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Анализата за поставеноста, перформансите и предизвиците за работата на АЕК.

На настанот беа презентирани наодите од периодичниот мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК за периодот мај – август 2019, како и “Анализата за поставеноста, перформансите и предизвиците за работата на АЕК”.

Наодите од следењето на работата на АВМУ ги презентираше Билјана Бeјкова, Извршна директорка на HBO Инфоцентар, која информираше дека во мониторираниот период АВМУ покажала транспарентно работење, активност на полето на медиумската писменост, а е забележано и зачестено реагирање за притисоци и вербални напади врз новинари и медиуми од страна на политичари, претставници на власта и државни институции, што не беше константна практика во периоди, во минатото, кога бројот на политички напади и притисоци врз новинари и медиуми беше далеку поголем и почест.

Горан Лазаров, Проектен координатор од Евротинк – Центар за Европски Стратегии се осврна на работата на АЕК за време на периодот кој беше предмет на мониторинг,  при што истакна дека АЕК продолжиле со доброто ниво на транспарентност и дека на трите интернет-страници редовно се ажурираат најголем дел од документите и податоците кои ги објавува АЕК. Сепак и понатаму недостасуваат информации кои се голема важност за јавноста, особено што во овој период се случувале значителни организациски промени во АЕК, односно била разрешена претседателката на Комисијата, и започната е постапка за разрешување на директорот на АЕК. Тоа што изненадува дека на интернет страницата не можат да се најдат причините за разрешување на досегашната претседателка, како и причините за започнување постапка за разрешување на директорот.

На настанот беше презентирана и “Анализата за поставеноста, перформансите и предизвиците за работата на АЕК”, која во рамките на проектот ја изработија Д-р Даниела Мамучевска, Универзитетска Професорка на Економскиот Факултет при УКИМ, Скопје, и Д-р Весна Василева, аналитичар од областа на стратегиски менаџмент на перформанси. Целта на истражувањето е да даде целосна слика за внатрешните и надворешните предизвици и пречки со кои се соочува Агенцијата во своето досегашно работење, од каде што ќе произлегоа и конкретни заклучоци и препораки за нивно надминување и постигнување повисоко ниво на ефикасност, ефективност, транспарентност и успех во иднина.

Свое излагање имаше и Драган Секуловски, Извршен директор на Здружение на новинари на Македонија – ЗНМ, кој зборуваше за влијанието на предвремените парламентарни избори врз медиумските реформи. Секуловски нагласи дека престои уште многу работа на полето на медиумските реформи.

Двата извештаја се подготвени во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II“ кој е финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.

*Четвртиот периодичен мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК за периодот мај – август 2019 година, можете да го преземете на следниов линк.

*Анализата за поставеноста, перформансите и предизвиците за работата на АЕК, можете да ја преземете на следниов линк.

22/01/2020