Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Социолошка анализа на односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија

Автор: проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова, Институт за социологија, Филозофски факултет, Универзитет „св. Кирил и Методиј”-Скопје

Социолошкиот дискурс за односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија се однесува на повеќе аспекти, вклучувајќи ги образованието, културата, економија, туризам, спорт,  политика и други општествени сфери,  и истиот ги опфаќа конекциите и интеракцијата меѓу поединци, групи и институции. Република Северна Македонија го трасира патот кон Европската Унија и мнозинството граѓани го делат мислењето за побрзо приклучување кон големото европско семејство. Во тој контекст се и низата на договори и меѓународни конвенции кои беа прифатени од страна на нашата држава, се со цел забрзан чекор кон европските патеки. Еден од тие договори беше и Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија од август 2017 година, ратификуван од двете држави во 2018 година, договор кој имаше за цел поддршка на Бугарија за кандидатурата на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, вклучувајќи подобрување во доменот на економијата, трговијата, транспортот, царината и други сегменти. Овој договор, иако наиде на одредени критики на дел од јавноста, сепак беше поздравен од мнозинството, се со цел, Бугарија, како еден од нашите соседи и земја членка на ЕУ, да  помогне на Македонија во приближувањето кон европските перспективи. Но сепак, иако договорот беше ратификуван, излегоа низа недоследности и непочитување на дел од ставовите, посебно поврзани со образованието и историјата, и во тој контекст Македонија доби вето во 2020 година од страна на Бугарија за членство во Евроспката Унија.

Клучните цели, принципи и вредности на Македонија се ориентирани кон Европската Унија и токму затоа се настојува да се шират и прифаќаат европските вредности, нивно зацврстување и етаблирање во целокупниот општествен хабитус. За континуитетот во трасирање на европските вредности не постојат  морални дилеми, а круцијални се прифаќање и разбирање на другиот во секој контекст (етнички, религиски, политички и сл.), почит, одговорност, алтруизам, космополитизам,  градење и развивање на принципот на толеранција како еден од клучните принципи, градење на мостови за дијалог и соработка, со еден збор кажано, позитивен пристап во секој сегмент од општественото миље. Но она што треба да се напомене дека доколку се сака европска перспектива и почит на сите европски вреднсоти, тие не можат да бидат само дел од една страна, напротив, секоја држава треба да ги негува нив и не само декларативно, туку и практично да се заложува за нивно имплементирање во реалниот живот.

Образованието е столбот на секое општество, и без здрав образовен систем не може да се градат здрави генерации кои ќе се носат во костец со животните и општествени предизвици и затоа многу треба претпазливо да се креираат образовните курикулуми. Токму и еден сегмент од образовните реформи беше и камен на сопнување на договорот со Бугарија, инсистирајќи за промени во учебниците по историја, граѓанско образование и сл. Образовните институции се наменети за воспитание и образование, квалитетно, базирано на факти и знаења и не треба да биде предмет на политички калкулации. Фактите за историското минато не можат и не смеат да бидат мистифицирани, напротив, фактите во Дирекeмовска смисла, треба да се третираат како закон, и затоа истите треба да се прифатат, а не да се оспоруваат. Историјата се заснова на факти и научни докази и како таква неоспорна е, полемиката треба да биде насочена кон идните начини на подобрување на образованието и целата заложба токму треба да го стави фокусот на тоа прашање: Како до подобро и поквалитетно образование, образование кое ќе ги развива европските вредности и кое ќе се носи рамо до рамо со високо развиените држави. Во тој контекст, во рамките на високото образование со право може да се каже дека има напредок и соработка меѓу Македонија и Бугарија,  а доказ за тоа е размената на студенти во рамките на европските програми за мобилност и соработката меѓу Универзитетите и факултетите на поле на заеднички проекти, конференции и визитинг професори. Имено, Универзитетите имаат потпишано билатерални универзитетски договори, со кои се овозможува меѓународна мобилност (ЕРАЗМУС +, ЦЕЕПУС), програми кои  вклучуваат студиски престој на странски универзитет, учество во меѓународни научни настани (конференции, летни школи, конгреси и сл.), како и престои поврзани со научно-истражувачка работа. УКИМ има голем број такви договори со Универзитети во Бугарија, а меѓу нив вреди да се споменат Универзитетот „Неофит Рилски“ од Благоевград, Универзитетот во Софија, Универзитетот од Велико Трново. Токму овие договори на полето на високото образование имаат за цел размена на искуства и стекнување на нови знаења за студентите и професорите, дебатирање за значајни општествени феномени, внесување нови трендови и пристапи во наставата и студиските програми, осознавање на современи научни методи и техники и сл. Студентите од двете држави треба да бидат насочени кон стекнување на нови знаења, размена на идеи и искуства, отворање на нови видици и перспективи кои ќе им помогнат во нивниот професионален и животен пат, стекнување на пријателства, прифаќање на вредности кои ќе подразбираат позитивен пристап и прифаќање на различностите и секако отвореност на умот за новитети и перспективи. Професорите со своите визитинг посети треба да разменат искуства со своите колеги, да дебатираат за значајни научни прашања, да пренесат стекнати знаења, но и да осознаат и логички расудат за некои општествени феномени, да направат мост за соработка на идните генерации. Прифаќањето на болоњската декларација подразбира втемелување на образовни програми кои ќе придонесат за знаења базирани на факти, истражување и прогресивни научни достигнувања, можност за голема мобилност во рамките на образованието на сите повеќе нивоа и секако индивидуални и општествени бенефити. Само преку взаемно комуницирање во доменот на образованието, размена на знаења, тези, идеи, како  и прифаќање на различните размисли, но и заеднички истражувања, не обременети со политика, ќе можат да се надминат недоразбирањата кои на суптилен начин ги поттурнува политичката елита. Образованието не треба и не смее да биде обременето од политика, тоа се базира на научни знаења, факти и емпириски податоци, кои се научни вистини.

Во доменот на културата клучно е да се почитува културното наследство и културното богатство на секоја држава и да не се оспорува истото. Имено, културата остава свој белег и таа е дел од севкупниот општествен дискурс на една држава. Традицијата во рамките на културата е доказ и показ за сечие битисување и затоа треба со посебна љубов и страст да се чува културното богатсво и да се чува културното наследство што го има секоја држава. Во доменот на културата треба и да се развива соработката меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи токму преку културните институции, културните манифестации, културните центри може и треба да се шират европските вредности. Она што посебно треба да се потенцира е дека не смее да се оспори ниту еден сегмент од културата на било која држава, посебно не она што значи традиција, наследство и богатство, бидејќи на тој начин се чепка во битот на еден народ. Културата треба да сплотува, да вдахновува, да надградува, да интегрира, да облагородува, да шири позитивна енергија и да развива убави емоции. Културата не смее да разединува, да раскарува, да шири омраза, да подјаремува, да дискриминира, напротив, таа треба да го развива духот на разбирање, почит, убост и секако толеранција. Културното оплотување е клучно за еден народ, а културната размена треба да се негува во духот на добрососедтвото и унапредувањето на културата. Во двете држави младите треба да се стимулираат на заедничко творештво, размена на културни идеи и вредности, соработка во делот на уметност, поезија, глума. Културните дејци треба да бидат носители на културната размена, бидејќи само на тој начин ќе се дојде до културен прогрес. Во тој дух работи и како добар пример за соработка е  Националната опера и балет од Македонија, институција која има склучено меморандуми за соработка и договори со националните установи за опера и балет од Стара Загора, Пловдив, Бургас, Варна. Соработката меѓу овие културни институции е децениска и подразбира гостувања на оперите и балетот во градовите претходно посочени и треба да се потенцира дека таа соработка е во континуитет. Имено балетски и оперски престави се одржуваат и во Македонија и во Бугарија со гостување на националните опери и балети и мора да се истакне дека истите се масовно посетени и подржани од публиката. И националните театри од двете држави одржуваат соработка и престави во рамките на културни манифестации се одржауваат со посетеност. Секако и изложби, поетски читања се дел од културната размена. Ова е добар пример и пракса за и другите културни институции да соработуваат, впрочем културата ја има таа исконска сила да шири топлина, толеранција, убавина и да сплотува.

Спортот, како една од најзначајните споредни работи на светот, треба да биде поле на соработка меѓу двете држави, поле на игра, натпревар, ширење на спортскиот бон-тон и интекултурен дијалог во спортот. Иако не често, но и спортските терени станаа мета на поткусурување, на политичко пресметување, посебно преку навивачите на тимови од двете држави или на националните селекции, кои преку вулгарни пароли и навивање преку употреба на погрдни зборови што подразбираат  навреда на другиот, ширење на  говор на омраза и нетрпеливост. Спортот треба да обединува и да развива спортски дух и спортски натпревар во духот на поздравување на противникот, прифаќање на пораз, честитање на подобриот и делување во духот на позитивни пораки кои се испраќаат преку спортот. Почестите натпревари, дали пријателски, дали во рамките на спортски купови или натпреварувања, на национални тимови и спортски клубови од двете држави, треба да го шират позитивниот дискурс, со навивање за сопствениот клуб, но без навреда на другиот по било која основа, со ширење на спортскиот бон-тон, на интеркултурниот дијалог во спортот и учење како да се прифати и победа и пораз. Само преку позитивни спортски вибрации и иницирање на заедништво во спортскиот дух, но и казна и осуда на навредите и дискриминацијата,  ќе се придонесе за надминување на разликите и прифаќање на различностите.

Политиката е неминовен дел од една анализа и ставот не само на научната и интелектуална елита, туку на целокупната јавност е дека токму заради политички потреби се предизвикуваат и потхрануваат во одредени моменти нетрпеливости и проблеми. Од друга страна, и провокации од аспект на поддршка на личности кои се дел од историјата, а негираат еден народ или култура, навреди од политичари, отворање на клубови кои имаат задни намери,  не треба да останат како незабележани и некзанети. Провокациите не треба да се разгоруваат, но секој оној кој провоцира треба да сноси соодветна санкција. Политичката елита не смее да остане нем сведок на нечие лошо однесување, на нечие негирање на културни дејци, а славење на личности кои не се прославиле по добро, треба да застане цврсто на патот на таквите дејанија. Политичката елита, од двете држави,  треба да работи во духот на разбирање, помирување, толеранција, почит, но и одговорност и грижа за сопственото и дома и надвор. Политичата елита не треба да разгорува и поддржува насилство, бидејќи насилството раѓа насилство, напротив, таа треба да е пример за соработка, комуникација и ширење на позитивни вредности, кои ќе значат напредок и прогрес на двете држави. Сите имаме заедничка цел, просперитет и прогрес, подобар живот и посреќни луѓе, само со таква мисија политичката елита ќе успее да го одржи духот на народот и вистинско ширење и развивање на европските вредности. Ќе завршам со мислата на Мартин Лутер Кинг дека „Следните генерации нема да судат на злото и насилството на лошите луѓе, напротив, ќе судат на молкот на добрите“.

Оваа анализа е дел од проектот: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Kанадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI). Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии  и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Канадската амбасада во Белград и Канадскиот фонд за локални иницијативи.

 

23/01/2023