Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Франсоа Лафонд: Граѓанските организации мора да бидат храбра противтежа

По повод отворањето на ресурсниот портал МК@ЕУ, како прв гостин во рубриката Интервјуа го имаме господинот Франсоа Лафонд, советник на вицепремиерот за европски прашања во Република Северна Македонија. Франсоа Лафонд, инаку вонреден професор и предавач на повеќе универзитети, на позицијата советник во Секретаријатот за европски прашања дојде во декември 2017 година, по дипломатскиот договор меѓу француската влада и владата на Република Северна Македонија.

  1. Зошто сметате дека е важно постоењето на ваква ресурсна платформа, фокусирана на процесот на преговори со ЕУ?

Патот кон Европа, за една земја кандидат, пред и по отворањето на преговорите е долготраен процес. Колку долго би траел процесот можеме да видиме преку споредба со други држави, како што се Турција (15 години), Црна Гора (8 години) и Србија (6 години). Напредокот во овие држави не е тоа што земјите-членки и Европската комисија можеа да го очекуваат кога ги започнаа преговорите. Во текот на овој долг период граѓаните не се особено загрижени, ниту информирани за тоа што прават нивните влади. Ова беше еден од елементите што ги истакна францускиот претседател Макрон, кога побара реформа во процесот на пристапување, а тоа можеме да го видиме во новата методологија подготвена од Европската комисија.

Од суштинско значење е невладините организации, тинк-тенковите, па дури и политичките партии да придонесат со информации и податоци за прифаќањето на правото на Европската Унија од страна на националната администрација и институциите. Процесот на пристапување е многу сложен, технички и комплициран пат, чекор по чекор, управуван од бирократи. Затоа е многу значајно да постои одреден извор на знаење, достапен за сите кои сакаат да бидат информирани за постигнатиот напредок.

  1. Какви информации, поврзани со процесот на преговори со ЕУ, им се потребни на граѓаните, граѓанските активисти и креаторите на политики?

На граѓаните треба да им се обезбеди целосна транспарентност на процесот. Со објаснување. Се разбира, Секретаријатот за европски прашања во Република Северна Македонија е надлежен за процесот на координирање на активностите во двете насоки: од горе надолу и од долу нагоре. Секретаријатот има задача да контролира како европското законодавство се зема предвид во македонската правна рамка и какви националните закони ќе се подготвуваат, во тесна соработка со сите министерства и администрацијата. Ним не им требаат истите информации како што им требаат на граѓаните. Секретаријатот може да нема време, ниту извори да ги информира правилно сите засегнати страни. Но, ова е причината зошто тинк-тенковите, како што е Евротинк, и сите оние кои сериозно се посветени да ја играат својата улога на медијатори, имаат неверојатна задача во дистрибуирање на факти, податоци и како нивната земја го трансформира својот правен поредок со цел да стане европска членка. Притоа, земјата ќе има целосна корист од Европската унија, во секој поглед (ефективно почитување на владеењето на правото, економскиот напредок, подобрена благосостојба, итн.).

Доколку граѓаните се едуцираат и им се објасни овој процес, тогаш ќе можат да ја одиграат својата улога, да ја разберат суштината на трансформацијата, да ја прифатат и да ја спроведат. Да чувствуваат сопственост на пристапувањето кон Европската унија.

  1. Додека улогата на институциите и креаторите на политики е јасна во однос на процесот на преговорите, каде ја гледате улогата на граѓанските организации, па и на граѓните?

Тие ќе бидат чувари на процесот. Тие ќе можат да го следат. Покрај тоа, граѓанските организации би можеле да станат посредници при евентуални потешкотии или недоразбирања кај граѓаните пред новите закони и регулативи што можеби ќе им ги отежнат животите за време на преодниот период. Граѓанските организации ќе имаат капацитети да го поддржат процесот на европеизација на Република Северна Македонија, да ги проверат и проценат влијанијата на Националната програма за усвојување на Европското законодавството.

Евентуално, може да им помогнат на надлежните институции во објаснувањето и оправдувањето на напорите. Но, и да ги контролираат и да бидат способни да го алармираат јавното мислење, медиумите или европските институции, со цел реформите да се одвиваат како што треба.

Граѓанското општество и граѓанските организации мора да бидат храбра противтежа, а тоа да го прават што е можно попрофесионално и ригорозно. Колку повеќе ќе ги развијат своите активности за набљудување, толку подобро ќе напредува земјата.

24/02/2020