Бугарија испратила меморандум до Европската Унија, кој во шест страници содржи долги историски образложенија. Според дипломатски извори во Брисел, нормално е на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна да ги образложи своите позиции.
Во меморандумот, а во пресрет на преговорите, Бугарија обвинува за постоење „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија.
Според МИА, која дојде до неговата содржина, меморандумот се осврнува на историјата, Тито, Коминтерната и обвинува за „етнички и јазичен инженеринг“ во Северна Македонија.
Софија оценува дека главните отворени прашања со Скопје се јазикот, заедничката историја и малцинските прашања. Бугарија смета дека работата на заедничката експертска комисија за историја е блокирана поради тоа што македонската страна одбивала да се договори за концептот на „заедничка историја“ и наместо тоа, користела термини како „споделена“ и др. Поради ова, Софија нагласува дека довербата е меѓу двете држави е поткопана.
Што се однесува до јазикот, Софија го користи македонскиот јазик во наводници и смета дека до 2 август 1944 година, не постоел ниту македонски јазик, ниту македонски етнички идентитет, и дека тие се создадени со цел да се поделат и одвојат народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија ја доведува под прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.
Бугарија оценува дека употребата на терминот македонски јазик во Преспанскиот договор не е обврзувачки за трети страни, а не ја смета за обврзувачка ниту стандардизацијата на Обединетите Нации од 1977 кога е признат македонскиот јазик. Оттаму, Софија бара во ЕУ документите да стои „официјалниот јазик на Република Северна Македонија или во случај на апсолутна потреба „македонски јазик со фуснота“.
Софија, исто така, ги информира своите ЕУ партнери дека Северна Македонија нема основа да бара права за ниедно население во Бугарија, како што се договорија двете страни, но обвинува дека македонските власти не ја смениле политиката кон лица и организации кои бараат признавање на македонско малцинство во Бугарија, со што го прекршиле членот единаесет од договорот.
Властите во Софија посочуваат дека земјите – кандидатки не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија, негативно да влијае врз одлучувањето во ЕУ“. Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да најде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“.
Од институциите на ЕУ засега нема реакција на бугарскиот документ.