Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Бугарија со официјална блокада на нашиот пат кон ЕУ

На последниот состанок на амбасадорите во ЕУ, КОРЕПЕР, на 6 ноември 2020, бугарскиот амбасадор Димитар Цанчев ги пренел бугарските ставови. Неофицијално, според пишувањата во бугарските медиуми, кажал дека „Скопје“ практично ги блокирало преговорите со неговата земја и поради тоа на сите им било јасно оти Бугарија ќе ја запре соседната земја на патот кон ЕУ. Со тоа, во Брисел, не беше постигната согласност за усвојување на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија.

Цанчев на средбата рекол дека „таквата исклучителна солидарност на Европската комисија со земја кандидат е без преседан и ѝ прави лоша услуга“.

„Таквиот пристап на Европската комисија и нереално позитивните оценки кои нејзините експерти ги даваат за добрососедските односи само ја потврдуваат оправданоста на нашето барање да има одделно преговарачко поглавје за да може државите членки да имаат свој глас во изготвувањето на тие оценки, со оглед на необјективноста на Комисијата“, го пренесува бугарскиот „Медијапул“ излагањето на Цанчев.

Доцна попладнето на 6 ноември и бугарското МНР со официјално соопштение ја информирало Европската Комисија дека не може да ја прифати предложената нацрт-рамка за преговори за Северна Македонија и нацрт-декларацијата, бидејќи не ги дава потребните гаранции за исполнување на условите поставени од Бугарија.

Премиерот Зоран Заев смета дека Бугарија со блокадата на усвојување на преговарачката рамка го прекршила членот 2 од Договорот за добрососедство, во кој се вели дека соседот треба да и помага на Северна Македонија на патот кон членството од Европската Унија.

Претседателот Стево Пендаровски, во интервјуто за „360 Степени“, не гледа многу оптимизам во развојот на настаните.

„Јас имав изминативе денови разговори и со германскиот претседател и со бугарскиот претседател. Од сето она што го склопувам како информација и од нашата мисија во Брисел и од нашите пријатели кои не се малку во Европската унија, е дека Бугарија во овој момент делува како да тврдо решена да постави блокада на нашиот пат кон ЕУ. Не би сакал да прејудицирам, бидејќи тие го одложија Советот за општи работи за 17 ноември, што значи има десетина дена во кои може да се најде заедничка солуција“, вели Пендаровски.

Министерскиот совет на ЕК на кој ќе се носи одлуката околу утврдувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија е одложен за 17 ноември.

07/11/2020