Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Договорен првиот пакет 80 милиони евра макрофинансиска помош од ЕУ

“Европската Комисија денеска потпиша Меморандум за разбирање со Северна Македонија со цел отворање на патот за исплата на макрофинансиска помош од 80 милиони евра. Ова е прв меморандум за разбирање, потпишан како дел од пакетот од 3 милијарди евра, што Комисијата го предложи за десет нејзини партнерски земји, соседни но и кандидати во процесот на проширување, а се со цел излез од економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот” соопшти Европската Комисија.

Средства ќе бидат достапни во форма на долгорочни заеми по многу поволни услови, а ќе придонесат за подобрување на макроекономската стабилност и создавање простор за распределување ресурси за ублажување на сериозните негативни социо-економски последици од пандемијата на коронавирус.

Вкупната макрофинансиска помош за земјава може да достигне до 160 милиони евра.

Исплатата на втората и последната рата ќе биде условена од спроведувањето на политичките реформи договорени меѓу ЕУ и Северна Македонија и утврдени во Меморандумот. Поточно, Меморандумот за разбирање вклучува девет услови поврзани со зајакнувањето на финансиското управување и транспарентноста, борбата против корупцијата, зајакнувањето на супервизијата на финансискиот сектор, подобрувањето на деловното опкружување и справувањето со невработеноста кај младите. Програмата за помош ќе биде достапна во период од 12 месеци.

Одлуката за давање макрофинансиска помош на десетте земји во контекст на справување со пандемијата КОВИД-19 беше предложена од Комисијата на 22 април, и донесена од ко-законодавците на 25 мај 2020 година.

17/07/2020