Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

ЕУ се подготвува да ги „отклучи“ преговорите за Северна Македонија

„ЕУ одлучи да ги отвори преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија, државите на ЕУ планираат да се изјаснат на Советот за општи работи, на 24 март“ , стои во Нацрт-декларацијата, циркулирана од претседателството на Хрватска во ЕУ, јавува ЕУобсервер.

Според ЕУобсервер, во Нацрт-декларацијата се вели дека начинот на кој ЕУ ќе го спроведува проширувањето во иднина ќе биде „подложен на посилно политичко управување, засновано на објективни критериуми, како и на ригорозна позитивна и негативна условеност и реверзибилност“.

Оваа вест доаѓа по најавите на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

„Во исклучително сложени услови под кои функционираат институциите на ЕУ, под силен притисок на предизвиците во соочувањето со Ковид-19, доцна синоќа, телото што го сочинуваат претставниците на земјите членки на ЕУ во Брисел, познато како КОРЕПЕР, го усогласија првиот консензус – заклучокот за почеток на преговорите со Република Северна Македонија“, истакна Османи на прес-конференцијата на 20 март, посочувајќи дека овие заклучоци ќе се најдат на следната седница на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).

Според Османи, како земја-преговарач ќе имаме право да се вклучиме во европскиот солидарен фонд, кој се активира за покривање на потребите на земјите членки за разни природни катастрофи и несреќи, како дел од координацијата со ЕУ во врска со справување со последиците од пандемијата Ковид-19.

Едновремено, Северна Македонија побара од ЕУ пренамена на наградата за успешност од 50 милиони евра за менаџирање на пандемијата на Ковид-19, првично наменети за инфраструктура и животна средина.

20/03/2020