Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Евроамбасадорот Дејвид Гир му ги врачи акредитивните писма на претседателот Пендаровски

Претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски вчера ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Европската унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.

Новиот евроамбасадор потсети дека Советот на Европската унија донесе историска одлука за отворање преговори за членство со Северна Македонија во март.

„Ова се случи по значајните реформски достигнувања, тешките одлуки кои го потврдија избраниот правец на оваа земја. Сега сите можеме да го очекуваме официјалниот почеток на преговорите на Меѓувладината конференција. Тоа ќе биде значајна пригода што ќе го потврди долгогодишниот став дека иднината на целиот овој регион e во ЕУ. Како што рече претседателката Фон дер Лајен во своето годишно обраќање минатата недела „Ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. Западен Балкан е дел од Европа – а не само попатно место на Патот на свилата“. Пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе биде големо и задоволството. Владеењето на правото ќе биде клучно. Тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите. Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори кои меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци.“, рече Гир.

Пендаровски изрази убедување дека почетокот на преговорите и ревидираната методологија не само што ќе придонесат за понатамошно стабилизирање на состојбата на Западен Балкан, туку ќе и овозможат на Северна Македонија побрзо и поефикасно да ги спроведе потребните реформи, особено во областа на организираниот криминал и корупција на високо ниво.

Дејвид Гир во Северна Македонија доаѓа од позицијата шеф на Одделението за политика за санкции во Европската служба за надворешни работи. Претходно, бил заменик претставник на ЕУ за Западниот брег и Газа.

22/09/2020