Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Евроинтеграциите во македонските медиуми 2007 – 2019

Медиумите во Република Северна Македонија, во периодот од 2007 до 2020 година, во континуитет известуваат за евроинтегративните процеси на државата. Вообичаено, новинарите најголемо внимание им посветуваат на извештаите на Европската комисија за напредокот на државата, но и на другите процеси поврзани со членството во Европската Унија.

2007 – Доцнење на реформите

Во 2007 година, кога се уште поголемиот дел од релевните и влијателни медиуми не беа вклучени во пропагандната машинерија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, повеќето новинари не беа задоволни од начинот на кој тогашната владата ја практикуваше власта и констатираа дека таа води исклучително слаба политика во сферата на евроинтеграциите[1]. Повеќето медиуми, толкувајќи го значењето на тогашната Повелба на ЕУ, усвоена на Самитот на европските лидери во Берлин, а во контекст на проширувањето на ЕУ и перспективите за полноправно членство, констатираа дека државата не ги спроведува реформите навреме и дека заради тоа не може да обезбеди датум за започнување на преговори.

2008 – Извештај на Европската Комисија (ЕК), грешки на новинарите

Само неколку месеци по фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт, видлива беше промената во начинот на известување на дел од медиумите кои наместо да известуваат непристрасно и професионално, почнаа некритички и без дистанца да  ги застапуваат ставовите на власта. Оваа тенденција беше особено забележливо во информирањето на јавноста за содржината на Извештајот за напредокот на државата, кое главно беше сведено на пренесување изјави и ставови на владата и на политичките партии застапени во парламентот[2]. Поради отсуството на продлабочена анализа, просечниот граѓанин немаше јасна слика и тешко можеше да изгради сопствен став за евроинтегративниот процес на државата. Дополнителни забуни предизвикуваа и грешките што постојано се провлекуваа, како од страна на новинарите, така и од страна на политичарите и експертите – непознавање на реперите, мешање на реперите со политичкиот критериум, мешање на визната либерализација со реперите, неразбирање на регионалната соработка како дел од Процесот на стабилизација и асоцијација, мешање на Уставот на ЕУ со Лисабонскиот договор, „лицитирање“ за тоа колку години по ред Македонија не добива препораки и др.

Незадоволителниот капацитет на новинарите да ги следат европските прашања остави простор тие да бидат подложни на манипулација и инструментализација од страна на власта, другите политички субјекти и сопствениците на медиумите. Во некои медиуми се забележуваше и отсуство на конзистентна уредувачка политика за следење на евроинтеграциите.

2009 – Спорот со името, визна либерализација

Во 2009 година, пак, медиумите покажаа речиси двојно поголем интерес за Извештајот на Европската комисија[3]. Зголемениот квантитет на прилози го следеше и подобар квалитет на информирање проследен со значително помалку грешки за евроинтеграциите.

Новинарите повторно ги пренесуваа изјавите и ставовите на претставниците на владата, опозицијата и на европските институции, но консултирааа повеќе експерти од различни области. Во истовреме, новинарите ја анализираа и коментираа содржината на Извештајот и даваа сопствени ставови и оцени на забелешките од ЕК за напредокот на Македонија. Медиумите во овој период имаа про-активна улога и во споредба со 2008 иницираа многу повеќе теми и дискусии поврзани со Извештајот. Она што можеше да се забележи во споредба со 2008 е поголемата отвореност на претставниците на владата за изјави и коментари за содржината на Извештајот, зашто, власта очекуваше награда од ЕУ. По објавувањето на Извештајот, владата го коментираше постигнатиот напредок во исполнувањето на некои од реперите, но упорно молчеше за спорот со името. На апелите од ЕУ, од државите- членки, од домашните и странските експерти и од медиумите, дека сега е моментот за решавање на спорот со името, власта одговори со тоа дека решавањето на спорот не е услов за добивање датум за пристапни преговори.

Медиумите, голем дел од содржините му ги посветија и на прашањето за името[4]. Интензивно ги пренесуваа пораките и изјавите на претставниците на меѓународната заедница, а пред се на претставниците на ЕУ, го анализираа и коментараа влијанието на спорот за името врз добивањето датум за пристапни преговори и отворено се залагаа за решавање на спорот во интерес на европската иднина на Македонија. Новинарите беа единствените кои во овој период иницираа дебата за прашањето за името и придонесоа граѓаните да добијат повеќе информации за ставовите на различните политички фактори во земјава и во ЕУ, и покрај тоа што официјалните информации за тоа како течат преговорите за името и што всушност се преговара беа многу ограничени. Голем дел од содржините во медиумите, се однесуваа и на можноста за референдум за името, како и за евентуалната содржина на референдумското прашање

Визната либерализација, исто така, доминираше во информирањето на медиумите во 2009 година. Особено зголемено присуство на информации имаше во пресрет на дискусијата на Европскиот паралемент за визната либерализација.

2010 – Идентитетот н македонскиот народ

Во 2010 година, медиумите покажаа исклучително голем интерес за Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата[5]. Прецизно и детално ги детектираа клучните теми, заклучоците и препораките на ЕК уште пред неговото објавување. Новинарите, во обид да предвидат колку што е можно попрецизно каква ќе биде содржината на Извештајот, ги консултираа претставниците на: власта, опозицијата, ЕУ, граѓанското општество, како и експертите. Повеќето медиуми, и покрај тоа што констатираа дека Европската комисија ја потврди препораката за датум за преговори, Извештајот 2010 го оценија  како покритичен во споредба со ланскиот и упатуваа на забелешките и проблемите детектирани во овој документ. Во определени медиуми, доминираа изјавите на претставниците на владата кои креираа јавно мислење дека Извештајот е позитивен за Македонија и констатираа напредок во европските интеграции.

Во 2010 година,  медиумите известуваа и за прашањето на идентитетот на македонскиот народ што веќе подолго време се поврзуваше со решавањето на спорот за името. Покрај претставниците на власта, и некои од медиумите блиски до власта постојано нагласуваа дека решението на спорот за името навлегува и во прашањето за јазикот и потсетуваа на користењето на терминот „службен јазик“ наместо македонски јазик во Извештајот на Европската комисија, притоа обвинувајќи ја Грција за водење антимакедонска кампања[6]

2011 – (Не)употребата на придавката „македонски“ во Извештајот на ЕК

Во споредба со претходните години, во 2011 година, квалитетот и квантитетот на информирањето за евроинтеграциските процеси драстично се намали[7]. Новинарите и медиумите веќе немаа про-активна улога и многу малку информираа за политиките и реформите клучни за влезот во ЕУ. Овој тренд го наметна тогашната владата, го следеше опозицијата, но и самите претставници на Европската унија.

Недостигот од информации за евроинтеграциите делумно се должеше и на фактот што во овој период згаснаа неколку медиуми, активни поддржувачи на влезот на Македонија во ЕУ. Новинарите, информирајќи за евроинтеграциите, себе си и натаму главно се сведуваа на пренесувачи на изјави и пораки на домашните и странските политичари. Не наметнуваа вистинска и суштинска дебата за евроинтеграциите.

Во однос на Извештајот на ЕК, медиумите повторно ја наметнаа темата за (не)употребата на придавката „македонски“ во Извештајот. Јавноста беше бомбардирана со контрадикторни анализи за содржината на Извештајот. Од медиумите не можеше јасно да се разбере дали оцените за напредокот се „најдобри досега“, или пак критките во Извештајот се пренагласени и тенденциозни. Некои новинари погрешно и тенденциозно ги толкуваа изјавите на претставниците на меѓународната заедница, а ги проблематизираа и методологијата и мотивите на Европската комисија. Повеќето (провладини) медиуми сакаа да создадат слика дека Европската комисија е недоследна, исполитиизирана и дека e раководена од интересите на Грција.

2012 – Пристапен дијалог на високо ниво, европски фондови

Карактеристично за известувањето на медиумите за Извештајот на ЕК за 2012 година[8] е тоа што поголемиот дел од медиумите активно ја поддржаа агендата на власта која се обиде Извештајот да го претстави како најпозитивен досега, па во новинарските прилози доминираа пораките на политичарите од владејачката гарнитура. Ваквиот начин на информирање покажа дека дел од медиумите се однесуваа како продолжена рака на политиката на Владата, без каков било обид да наметнат теми и прашања во насока на подлабинско критичко анализирање на евроинтеграциските процеси во државата.

За разлика од 2011 година, кога новинарите се вклучија во жолчната расправа околу неупотребата на придавката „македонски“ од страна на ЕК, во 2012 година дебатата се сведе на пофалбите на тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов кој си ги присвои заслугите за „враќањето на придавката“ во Извештајот.

Во медиумите кои не важеа за провладини, се отвори дебата околу рамката за паралелни преговори за името и за пристапувањето, која ја предложи ЕК. Овие медиуми предлогот го анализираа во контекст на Меморандумот за разбирање кој го подготви грчката дипломатија, потребата за решавање на спорот во рана фаза на преговорите со ЕУ и интензивираните активности за решавање на овој проблем.

Во 2012 година, медиумите интензивно известуваа и коментираа за македонско-бугарските односи и за можноста Бугарија да ја блокира Македонија во евроинтеграциите. Во голем дел од медиумските содржини Бугарија беше илустрирана во негативен контекст, создавајќи на тој начин антибугарска атмосфера и честопати сугерирајќи ѝ на јавноста дека Грција не е единствениот сосед кој е против македонските евроинтеграции.

Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и Европската унија, исто така, беше предмет на интерес на новинарите[9]. Поголемиот дел активно застанаа во одбрана на агендата на власта, која овој дијалог сакаше да го претстави како голем исчекор на планот на европската интеграција на Македонија. Повеќето од новинарите некритички ги пренесуваа владините толкувања дека дијалогот всушност значи почеток на преговорите со ЕУ.

Анализата на медиумските содржини во 2012 година покажа и зголемување на бројот на објавени текстови и прилози посветени на фондовите на Европската унија наменети за Македонија. Сепак, забележливо беше отсуството на капацитет кај новинарите за длабинско разбирање и следење на типовите програми и финасиски инструменти кои ги нуди ЕУ во Македонија.

2013 – 2019: Засилен интерес за евроинтеграциите, датум за преговори

И во периодот 2013 – 2019 година, интересот на медиумите за евроинтеграциите на државата беше постојано присутен, но со тенденција на поинтензивно зголемување во последните три години односно по смената на власта и формирањето на про-ЕУ и про-НАТО влада и потпишувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија во 2017 година, и секако, по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, кој значеше крај на спорот за името со Република Грција.

Во известувањето на медиумите за евроинтеграциските процеси и натаму отсуствува или е многу малку застапен истражувачко-аналитичкиот пристап. Наспроти тоа, во медиумските содржини за евроинтеграциите, во континуитет доминираат изјави на функционери, партиски претставници, претставници на Европската унија, дипломати, експерти и граѓански активисти.

Пример за ова е информирањето на медиумите за Извештајот на Европската комисија за 2019 година. Според агрегаторот Грид.мк, два дена пред објавувањето, на денот на објавувањето и два дена по објавувањето на Извештајот, во педесетина медиуми (телевизии и информативни портали) биле објавени 195 прилози. Дури 90% од нив се пренесени изјави и соопштенија, главно на функционери и партиски претставници.

Во 21% од прилозите пренесена е изјава односно став на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, а во 20% од содржините објавена е изјава на тогашниот премиер Зоран Заев. Потоа следат вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи со 12%, претседателот на Собранието, Талат Џафери со 9%, претседателот на државата, Стево Пендаровски со 3% и еврокомесарот Јоханес Хан со 2,5%. Кога станува збор за партиите, во медиумите беа пренесени рекциите, изјавите и соопштенијата на СДСМ (9%) и на ВМРО-ДПМНЕ (7%), додека независните аксперти и граѓански активисти беа застапени со 6%.

Од аспект на содржина, медиумското известување главно беше фокусирано на тоа дека Извештајот содржи чиста и јасна препорака за започнување преговори, дека граѓаните очекуваат  Европската Унија конечно да го определи датумот за почеток на преговорите, но и дека секое евентуално одложување на почетокот на преговорите ќе претставува поттик за антиевропските политичари.

Како што се приближуваше денот на одржување на Европскиот самит во октомври 2019 година и како што беше се поизвесно дека државата нема да добие датум за преговори и покрај чистата препорака, тонот на известување на новинарите стануваше се подраматичен. Медиумите уште на самиот почеток на Самитот информираа дека за Македонија и Албанија најверојатно нема да има добри вести, затоа што, ЕУ не може да постигне компромис односно затоа што, Франција се противи и смета дека е неопходно прво да се реформира процесот на преговори со земјите кандидатки пред да се даде зелено светло за други земји. Новинарите информираа за текот на Самитот, како и за тоа дека покрај Франција, и Холандија и Данска се противеле за датум за преговори.

Откако Европскиот совет заврши и беше објавена одлуката Македонија и Албанија да не  добијат датум за преговори во оваа фаза, некои медиуми веднаш почнаа со шпекулации дека премиерот Заев ќе си поднесе оставка, а опозицијата беше се погласна и бараше избори. Повеќето медиуми ја пренесоа изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој апелираше Заев да не поднесува оставка, нагласувајќи дека прашањето за датумот не е запечатено, туку дека е само одложено.  Јавноста имаше можност да ги слушне изјавите и коментарите на Владата, домашните функционери и политичари кои беа разочарани и кои сметаа дека ЕУ треба да биде јасна и отворена, и да каже дали „Балканот останува европска перспектива“. Но истовремено тие повикаа на трезвеност и нагласуваа дека и покрај се, граѓаните и државата остануваат непоколебливи на патот кон ЕУ.  И странските политичари сметаа дека ЕУ направи голема грешка во однос на Македонија и дека таа грешка мора што побрзо да се поправи, пред да предизвика тешки и непоправливи последици за демократските и реформските процеси на државите кандидатки.

Во двата дена на одржување на Европскиот совет, 17 и 18 октомври, според агрегаторот Грид.мк, педесетина медиуми (телевизии и информативни портали) објавиле 146 прилози поврзани со овој настан. Речиси половина од објавите – 49% беа изјави и соопштенија на Владата, како и на домашни и странски функционери и политичари.  Најголем број прилози – 18% се однесуваа на изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а веднаш потоа со 16% следеа објавите на соопштението на Владата дека течат интензивни консултации непосредно по одлуката на ЕУ да не определи датум за почеток на преговорите. Висок процент на објави – 9,5% имаше и изјавата на бугарскиот премиер Борисов.

Иако и натаму пренесувањето на изјави е доминантен начин на известување, сепак, Европскиот самит предизвика определено поместување со тоа што новинарите покрај изјави објавија и новинарски стории, прилози и коментари, во кои се обидуваа да дадат одговор на тоа зошто Македонија не доби датум за преговори, кои се можните последици за државата и кои се идните чекори кои треба да ги преземат, и Македонија и ЕУ, за надминување на постојниот проблем.


[1] Медиумско огледало, „Според медиумите Владата има слаба евроинтеграциска политика“, НВО Инфоцентар и МЦЕО, јануари 2007, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/spred-mediumite-vladata-ima-slaba-evrointegraciska-politika/

[2] Мониторинг на медиуми, Медиумите и Извештајот на Европската комисија за 2008 година“, НВО Инфоцентар и МЦЕО, декември 2008, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2014/10/Izvestaj-2008-FINAL.pdf

[3] Мониторинг на медиуми, „Време е за ЕУ“, НВО Инфоцентар и МЦЕО, 2009, достапно на http://nvoinfocentar.mk/vreme-e-za-eu-vtor-izvestaj/

[4] Мониторинг на медиуми, „Време е за ЕУ “, НВО Инфоцентар и МЦЕО, 2009, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/sporot-za-imeto-najprisutna-tema-vo-2009/

[5] Мониторинг на медиуми, НВО Инфоцентар и МЦЕО, декември 2010, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/za-novinarite-izvestajot-na-eu-pokriticen-od-lanskiot/

[6] Мониторинг на медиуми, НВО Инфоцентар и МЦЕО, ноември 2010, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2014/10/NATO-finalen-lektoriran.pdf

[7] Мониторинг на медиуми, Има ли кој да ја турка европската агенда?, НВО Инфоцентар и МЦЕО, 2011, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/mo-opagja-kvalitetot-na-informiranje-za-eu/

[8] Медиумско огледало, НВО Инфоцентар и МЦЕО, 2012, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/mo-vo-imeto-na-datumot/

[9] Мониторинг на медиуми, НВО Инфоцентар и МЦЕО, 2012, достапно на: http://nvoinfocentar.mk/pari-i-dijalog-na-visoko-nivo/

09/03/2020