Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Еврокомесарот Вархеји во посета на Северна Македонија

Еврокомесарот за проширување и добрососедство Оливер Вархеји денеска престојува во земјава и ќе има средби со државниот врв.

По билатералната средба со премиерот Зоран Заев и свечената седница на Владата, Заев и Вархеји одржаа заедничка прес-конференција.

Вархеји доаѓа во Скопје откако вчера беше објавен извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на патот кон ЕУ, како и економскиот план за Западен Балкан. Тој порача дека целта на Европската комисија и на германското претседателство е првата меѓувладина конференција со Македонија да се одржи до крајот на годинава.

Во своето обраќање на свечената седница на Владата на Северна Македонија, Вархеји нагласи дека ова е ден за паметење за нашата заедничката цел на Северна Македонија и Европската Унија – стартот на преговорите и остварувањето на членство на Република Северна Македонија во ЕУ.

Вархеји додаде дека добрата вест е што сега Северна Македонија има уште една силна причина да работи уште повеќе на спроведување на реформите и на успешна завршница на подготовките за преговорите бидејќи станува збор за остварувања што ќе ја променат иднината на земјата.

Еврокомесарот Вархеји потенцираше дека со економската помош за земјите од Западен Балкан во висина од 9 милијарди евра, ЕУ се обврзува да ја забрза европеизацијата на регионот и со забрзано економското закрепнување и за оваа намена извештајот на Европската комисија ги нотира главните области кои треба да бидат помогнати.

Како посебно важни, комесарот Вархеји ги истакна регионалните инфраструктурни проекти за патно и железничко поврзување на главните градови на земјите од регионот, за што ЕУ направи и измени во своите политики и согласно планот на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан учеството на ЕУ во кофинансирањето на овие проекти ќе биде во висина од 40% наместо досегашните 20%.

Во планот за реализација на Економско-инвестицискиот пакет за Западен Балкан приоритет има и поддршката на енергетските проекти за регионално поврзување, како и инвестирањето во социјалните и човечките ресурси во образованието и во политиките за спречување на иселувањето на младите.

07/10/2020