Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Фон дер Лајен: Западен Балкан е дел од Европа, a не само попатна станица на Патот на свилата

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во нејзиното прво годишно обраќање за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент, изјави дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ.

„Довербата е основа на силно партнерство и Европа секогаш ќе биде подготвена да гради силни партнерства со нашите најблиски соседи. Ова започнува со Западен Балкан. “, нагласи фон дер Лајен, веднаш по осврнувањето на проблемите со довербата кои во моментов ги има ЕУ  со Велика Британија, а во врска со преговорите за трговскиот договор.

Таа ги нагласи најзначајните достигнувања на ЕУ интеграцијата на регионот во изминатата година.

„Одлуката од пред шест месеци за отворање преговори за пристап со Албанија и со Северна Македонија беше навистина историска. Навистина, иднината на целиот регион е во Европската унија. Ние ја делиме истата историја, ја делиме истата судбина. “, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека Западен Балкан е дел од Европа, а не е само попатна станица на Патот на свилата.

„Наскоро ќе го претставиме Пакетот за економско закрепнување за регионот, фокусиран на бројот на иницијативи за инвестиции, и ќе бидеме тука за земјите од Источното партнерство и за нашите јужни соседи“, заклучи фон дер Лајен.

Во својот говор, фон дер Лајен, исто така, се фокусираше на закрепнувањето на ЕУ од пандемијата КОВИД-19, дигиталната економија, животната средина и односите на Унијата со Кина и Соединетите Американски Држави.

17/09/2020