На 23 јуни 2020 год. Европол го објави Годишниот извештај за состојбите и трендовите на тероризмот во ЕУ 2020. Од Извештајот може да се забележи дека тероризмот во Европската Унија е повеќеслоен и географски распространет низ речиси сите држави членки на ЕУ.
Во текот на минатата година забележени се 119 успешни, неуспешни или осуетени терористички напади во вкупно 13 држави членки на ЕУ. Уапсени се 1004 лица за дела поврзани со тероризам во вкупно 19 држави членки, а најмногу во Белгија, Франција, Италија, Шпанија и во Обединетото Кралство.
Европол ги разликува видовите тероризам според изворот на нивната мотивација: џихадистички, етнонационалистички и сепаратистички, левичарски и анархистички, десничарски, како и тероризам со единствена цел. Неретко кај дел од групите се забележува мешавина од идеологии.
За време на промоцијата извршната директорка на Европол, Кетрин Де Бол (Catherine De Bolle), истакна дека, „иако многу десничарско-екстремистички групи низ ЕУ сè уште не посегнале кон насилство, тие придонесуваат за клима на страв и анимозитет против малцинските групи во европските градови. Ваквата клима, која се заснова на ксенофобија, омраза кон Евреите и кон муслиманите, антифеминизам и антиимигрантски чувства, може да го намалат прагот над кој некои радикализирани лица ќе употребат насилство против луѓето и имотот што им припаѓа на малцинските групи, како што дури и пречесто бевме сведоци во текот на минатите месеци“.
Комесарката на ЕУ за миграции, внатрешни работи и државјанство, Илва Јохансон (Ylva Johansson), пак, се осврна на начинот на кој ЕУ се справува со терористичките закани: „Мораме да останеме будни пред терористичките закани, без разлика дали станува збор за џихадистички или десничарски. Клучно е да имаме способни институции, алатки и прекугранична соработка што ѝ одговара на дигиталната ера. На тој начин секое лице во ЕУ, без разлика на својата заднина, треба да се чувствува безбедно во однос на овие закани.“
Тероризмот во Западен Балкан
Во Извештајот се споменува и Западниот Балкан како регион во кој не се случиле терористички напади во текот на 2019 год., но останува да биде дом на радикализирани заедници. Покрај повратниците што се враќаат од странски боишта, се оценува дека терористичката закана доаѓа од индивидуи и групи што се радикализираат локално, каде што спаѓаат и затворите. Тука се вклучени и формални организации и неформални групи, но и лица што самите се радикализираат онлајн, преку контакт со џихадистички идеологии. Додека никоја од земјите од Западен Балкан не пријавила патувања во конфликтни зони за терористички цели, Македонија пријавила дека имало неколку неуспешни обиди на лица да патуваат во Средниот Исток преку Турција.
Целосниот документ е достапен тука.
Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.