Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Како понатаму по ветото од соседна Бугарија?

По серијата најави, писма и официјални ставови, Бугарија стави вето на отпочнувањето преговори со ЕУ за Северна Македонија. На состанокот на министри од земјите членки на ЕУ, на 17 ноември 2020, Бугарија одби да го поддржи усвојувањето на долгоочекуваната преговарачка рамка за земјава.

Во своето образложение на оваа одлука, бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, истакна дека „Предлогот за одобрување не ги изразува бугарските барања и затоа не може да биде поддржан во моменталната форма… Ние инсистиравме во преговарачката рамка да бидат поставени три основни услови. Првиот е придржување до формулата за јазикот од 1999 година, временска рамка за имплементација на Договорот од 2017 и многу јасна определба дека нема да се поддржуваат претензиите за македонско малцинство во Бугарија. Овие услови сѐ уште не се вклучени.“

Одлуката на Бугарија нема поддршка од останатите земји членки. Ниту земја членка на ЕУ не го поддржува барањето на Бугарија да се вметне поглавје 35 во преговорите со Северна Македонија посветено на билатералните прашања, а голем број земји стравуваат дека Софија му наштетува на целиот регион со својот став.

Германскиот министер за Европа и претседавач со министерскиот состанок на ЕУ, Михаил Рот, по блокада порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка.

Изненадувањето и разочараноста во Северна Македонија покренаа многу прашања и загриженост за европската иднина, како и за билатералните односи со соседна Бугарија. Сепак, не изостануваат изјавите и уверувањата од политичкиот врв дека земјава ќе продолжи со реформите и со зацртаната европска патека.

18/11/2020