Пишува: Проф. д-р Борче Треновски Економски факултет – Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје
*Благодарност за придонесот од колегите – М-р Ѓунтер Мерџан и м-р Кристијан Кожески од Економскиот факултет – Скопје
Краток осврт на македонско-бугарските односи и потенцијалите за нивно развивање
По долгогодишни обиди за воспоставување на взаемна соработка, првото посериозно приближување на двете земји С. Македонија и Бугарија кога воспоставија билатерална соработка и дијалог беше февруари 1999 година. Декларацијата од 1999 година ги отвори вратите за идна потенцијална соработка меѓу Скопје и Софија на повеќе полиња од заеднички интерес. Истата покриваше широка рамка за идна соработка во повеќе области, кои директно или индиректно беа пресудни за развивање на солидна и блиска економска соработка. Ова првично приближување на меѓусебните ставови и делумно унапредување на добрососедските односи беше во повеќе релевантни полиња од взаемен интерес – развојот на инфраструктурата (енергетика, транспорт, телекомуникации); олеснување на процесот на обезбедување на потребните правни, економски, финансиски или комерцијални услови за слободно движење на стоки, услуги и капитал, и намалување на царинските и граничните формалности; проширување и развивање на транспортните врски по линијата на регионалните инфраструктурни проекти; поттикнување на соработка во областа на културата, образованието, здравството и други сектори итн. Иако кај двете земји на почетокот постоеше силен мотив дека билатералните односи во идниот период треба да се унапредат и тоа значајно ќе влијае на развојот на секоја поединечна држава, сепак во следниот период македонско-бугарските односи се соочија со специфични проблеми и предизвици од неекономска природа (поврзани со минатото и различни толкувања за историјата и културното наследство) што не овозможуваше исползување на целосниот потенцијал за меѓусебна економска соработка и развој. .
Договорот за пријателство и добрососедство од август 2017 година беше ново поглавје во развојот на меѓусебните односи која преставуваше и нова основа за развој на економските односи меѓу двете земји. Двете држави го ратификуваа Договорот во јануари 2018 година, ставајќи ги некогаш односите меѓу Скопје и Софија на нова основа и зближувајќи ги двете земји преку партнерство ориентирана кон Европска Унија (ЕУ). Договорот предвидуваше поддршка на Бугарија за кандидатурата на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, подобрување на трговската и транспортната инфраструктура и олеснување на царинските и граничните формалности. Во тој момент, Бугарија беше шести најголем трговски партнер на С. Македонија, бугарските странски директни инвестиции (СДИ) почнаа повторно да се зголемуваат во 2016 година, почна да се дискутира за заедничко подобрување на патните, железничките врски, гасните, електричните, интернет врските – и јасно се покажа дека доколку се стабилизираат социо-политичките односи, економска соработка и раст на бизнисот меѓу двете земји, има потенцијал значајно да се унапреди и да биде солидна основа за економски развој на двете земји. Меѓутоа имплементацијата на истиот Договор од 2017 година во практиката беше слаба, често оспорувана и различно толкувана од двете страни. Во октомври 2019 година Бугарија предупреди дека ќе го блокира патот на С. Македонија кон ЕУ доколку не се решат одредени историски и образовни прашања, додека во 2020 година стави вето на членството на С. Македонија во ЕУ. Со цел да се реши проблемот, се појави “Францускиот предлог” на кој беше жестоко дебатиран и од двете страни. Сепак на крајот парламентот на С. Македонија го одобри францускиот предлог и како резултат на тоа С. Македонија условено (имајќи предвид дека постои протокол за билатералните прашања, кој служи како детален патоказ за идните разговори) ги започна пристапните преговори со ЕУ. Но, секако дека процесот не е завршен и сеуште има многу да се направи и многу нови предизвици кои можат да имаат сериозно влијание на социо-економската благосостојба на двете земји.
Во овој документ повеќе ќе се задржиме на развојот на економската соработка меѓу двете земји, кој е детерминиран – како од длабоките економски промени што ги доживеаја двете земји во долготрајниот процес на транзиција, така и од нивните капацитети/способности за поттикнување на сопствениот економски развој. Се разбира една од главните цели претставува да утврдиме исто така дали меѓусоседските и политичките односи имале свое влијание врз интензитетот на економската соработка и во кој домени. Ова е особено важно за понатамошно создавање солидни основи за унапредување на економските аспекти на соработката – а исто така праќање порака политичките елити – дека економската соработка и благосостојба може да биде пример за приближување на разликите, и водилка за надминување на политичките/ историските / културните/социјалните и други предизвици кои стојат на патот за подобра иднина.
Имајќи го предвид претходното во следниот дел се фокусираме доминантно на анализа на билатералната економска соработка помеѓу С. Македонија и Бугарија во еден подолг временски период. Прво се презентираат компаративна анализа на двете економии од аспект на повеќе економски индикатори со цел да се добие иницијална слика за економските состојби во двете земји. Потоа, преминуваме на анализа на трговската соработка помеѓу двете земји, извозот/увозот, анализа на трговијата според Стандардната меѓународна трговска класификација, односно колку одредени групи на производи учествуваат во трговската размена меѓу двете земји. Дополнително се испитува кои групи на производи имаат најголем потенцијал за трговска размена во наредниот период. Посебен дел се издвојува за анализата на македонските и бугарските странски директни инвестиции во двете земји и нивните релативни учества во вкупните директни инвестиции на двете земји. Потоа, документот се анализа развиеноста на туризмот меѓу двете земји, односно движењето на македонските и бугарските туристи меѓу земјите низ годините. Оваа кратка студија завршува со определени генерални и практични препораки за унапредување на економската соработка на двете земји – како основа за просперитетна меѓусоседска иднина.
Дали трговија помеѓу С. Македонија и Бугарија е имуна на меѓу-соседските односи?
Обично влошувањето на политичките и меѓусоседските односи меѓу две држави кај бизнис секторот создава чувство за стравување за можни нарушувања во економските и трговските односи, определени административни ограничувања/бариери, прекин на определени дозволи, дискриминација на определени инвеститори производи итн. . Отука и нашиот почеток на анализата се однесува на утврдување на трендовите во трговијата – дали блокадата (ветото) од страна на Бугарија со која беа привремено попречени европските интеграции на Северна Македонија, блокада што имаше тежина да прерасне во поголем политички конфликт – ги наруши и економската и трговската соработка меѓу двете земји. Однапред да кажеме дека податоците не можат да потврдат посериозно нарушување.
Последните статистички податоци на годишно ниво од 2021 година покажуваат дека Бугарија е петти по големина трговски партнер на Македонија со трговска размена од 882 милиони американски долари или раст од дури 31% во 2021 година во однос на 2020 година. Трговскиот дефицит во трговската размена со Бугарија изнесува 89 милиони американски долари. Погоре на графиконот 1 се гледа дека во периодот 2005-2021 година трговската размена со Бугарија го следи трендот на вкупната трговска размена на Северна Македонија, односно релативното учество се движи од најмалку 4% во 2020 година до најмногу 7% во 2008 и 2011 година. Негативна стапка на раст на трговската размена се среќава во 2009 година како резултат на последиците од Глобалната финансиска криза од 2008 година, во 2012, 2013 и 2016 година и во 2020 година поради добро познатите причини од намалување на економските активности за спречување на ширењето на пандемијата предизвикана од болеста Ковид-19. Нашиот генерален заклучокот би бил дека неповолните случувања на политички план не се одразиле директно и сериозно врз трговската размена на двете земји – спротивно на тоа после блокадата (ветото) во 2020 година, релативното учество на трговската размена во 2021 година во однос на 2020 година се зголемила за еден процентен поен и изнесува 5% во однос на вкупната трговска размена на С. Македонија.
С. Македонија во периодот 2005-2021 година, освен во 2008, 2013, 2017 и 2018 година целиот период се соочува со дефицит во трговската размена со Бугарија. Најголем дефицит во трговската размена со Бугарија имала во 2015 година од 186 милиони американски долари, а најголем суфицит во 2008 година од 108 милиони американски долари.
Кога сме кај извозот, во 2021 година Бугарија е втор најголем извозен пазар за македонските компании, во која сме имале извоз во вредност од 396 милиони американски долари, или раст од 27% во однос на извозот во 2020 година. Во 2021 година извозот во Бугарија има 5% учество во вкупниот извоз и тоа се задржува повеќе години. Јасно е дека политичките случувања немаат некако сериозен одраз врз извозот на Северна Македонија во Бугарија. Во анализираниот период релативното учество на извозот во Бугарија во однос на вкупниот извоз на Северна Македонија се движи од минималните 4% (76 милиони американски долари) во 2005 година, до максималните 10% (379 милиони амрикански долари) во 2008 година. Од графиконот се гледа дека извозот во Бугарија го следни трендот на вкупниот извоз.
Графикон 2. Вкупен извоз од Северна Македонија и извоз во Бугарија
Според податоците од Државниот завод за статистика анализирано по сектори на СМТК (Стандардната меѓународна трговска класификација), во 2021 година во Бугарија најмногу се извезвуваат суровини (кои не се храна) освен гориво (193 милиони американски долари). Почнувајќи од 2009 година па се до последната 2021 година оваа ставка опфаќа скоро половина од извозот во Бугарија, а во 2010-2015 и 2017-2019 година повеќе од половина од извозот. Втор најголем сектор по СМТК во извозот во Бугарија се производите класирани според материјалот (71 милион американски долари) со 18% учество во 2021 година. Оваа ставка почнувајќи од 2005 година, кога го креирала повеќе од половината на извозот во Бугарија, следи тренд на намалување и од 2010 година наваму секоја година има помалку од 20% релативно учество во извозот во Бугарија.
Трет сектор по обем во извозот на Северна Македонија во Бугарија во 2021 година се хемиските и сродните производи со учество од 11% (45 милиони американски долари). Потоа во истата година во Бугарија извозот на разните готови производи изнесува 7% (26 милиони американски долари), на пијалаци и тутун 6% (23 милиони американски долари), на машини и транспортни уреди 5% (20 милиони американски долари), на храна и живи животни 4% (16 милиони американси долари), на минерални горива, мазива и сродни производи 1% (3 милиони американски долари).
Анализирано во временски период 2005-2021 година може да се заклучи дека во извозот во Бугарија според СМТК, суровините (кои не се храна) освен гориво го зголемиле нивното релативно учество од 17% во 2005 година на 49% во 2021 година. Додека, оак обратен тренд има кај производите класирани според материјалот. Оваа ставка го намалило релативното учество во извозот во Бугарија од 54% во 2005 година на 18% во 2021 година. Другите сектори по СМТК во истиот период имаат слични релативни учества во извозот во Бугарија.
Особено важно прашање – КАДЕ, во кои сектори може да се зголеми и унапреди извозот од С. Македонија во Бугарија?
Производите со најголем извозен потенцијал од Северна Македонија во Бугарија се минералните суровини, машините, електричната енергија и црните метали. Машините и електричната енергија покажуваат најголема апсолутна разлика помеѓу потенцијалниот и реалниот извоз во однос на вредносни едниници, оставајќи простор за реализација на дополнителен извоз во вредност од 27 милиони долари. Од релативен аспект пак, најголем потенцијал за реализација на извозот до 2027 година имаат моторните возила и деловите, бидејќи тековно е искористен само 1% од извозниот потенцијал.
Од увозната страна пак, Бугарија во 2021 година е осми најголем партнер за македонската економија, од која сме имале увоз во вредност од 485 милиони американски долари, или раст од 34% во однос на увозот во 2020 година. Во 2021 година релативното учество на увозот од Бугарија се задржува на 4% во однос на вкупниот увоз во Северна Македонија. Во анализираниот период 2005-2021 година релативното учество на увозот од Бугарија се движело од минимални 4% (во 2017-2021 година) до максимални 7% (во 2005-2006 и 2015 година). Од графиконот подолу јасно се гледа дека како што беше кај извозот и овде увозот од Бугарија го прати трендот на вкупниот увоз на Северна Македонија, односно трговската размена останува имуна на превирањата на политички план.
Од аспект на структурата на увозот според класификацијата на СМТК, во 2021 година од Бугарија најмногу се увезуваат минерални грива, мазива и сродни производи (171 милиони американски долари) со релативно учество во вкупниот увоз од 35%. Од графиконот подолу се гледа дека релативното учество на оваа ставка се движи во распонот од минимални 12% во увозот од Бугарија во 2008 година до максимални 39% во 2012 година. Втор најголем сектор по СМТК во увозот од Бугарија се производите класирани според материјалот со увоз во вредност од 15 милиони американски долари и 30% ичество во вкупниот увоз во 2021 година. Релативното учество на оваа ставка во вкупниот увоз од Бугарија во периодот 2005-2021 година се движи од 22% во 2005 година до 33% во 2016 година.
Во 2021 година другите сектори по СМТК имаат едноцифрени релативни учества и се релативно незначителни во однос на првите два сектора. Суровините (кои не се храна) освен гориво во увозот во Бугарија учествуваат со 7% (34 милиони американски долари), хемиски и сродни производи со 6% (31 милион американски долари), машини и транспортни уреди со 6% (28 милиони американски долари), разни готови производи со 6% (28 милиони американски долари), храна и живи животни со 5% (25 милиони американски долари), животински и растителни масла, масти восоци со 3% (15 милиони американски долари) и пијалаци и тутун со 2% (8 милиони американски долари).
Анализирано во временски период 2005-2021 година може да се заклучи дека во увозот од Бугарија според СМТК, освен кај минералните горива, мазива и сродни производи, производите класирани според материјалот и суровините, кај другите ставки нема големи промени во нивните релативни учества во однос на увозот од Бугарија.
Производите со најголем извозен потенцијал од Бугарија во Северна Македонија пак, се машини, електрична енергија, црни метали и метали (освен црни и благородни). Машини и електрична енергија покажуваат најголема апсолутна разлика помеѓу потенцијалниот и реалниот извоз во вредносни единици, оставајќи простор за реализација на дополнителен извоз во вредност од 58 милиони долари. Од релативен аспект пак, најголем извозен потенцијал имаат хемикалиите, бидејќи тековно се искористени 30% од извозниот потенцијалн на овој сектор.
Каква е состојбата со странските директни инвестиции?
Освен преку трговија на стоки и услуги, Бугарија е присутна во економијата на Северна Македонија и преку бизниси -инвеститори кои имаа значајна улога во одделни економски сектори. Подолу на графиконот е прикажана улогата на директните инвестиции од Бугарија во Северна Македонија. Политичкиот амбиент и креирањето предвидлива бизнис клима во една држава се многу значајни детерминанти за привлекување на СДИ. Како резултат на тоа се очекуваше дека политичките тензии меѓу Македонија и Бугарија од 2020 година ќе ги намалуваат заедничките директни инвестиции. Тоа не се случи, но сепак ваквата ситуација не значи дека заедничките инвестиции се на доволно ниво. Секако дека од двете страни има потенцијал за повеќе заеднички инвеестиции во повеќе сектори од заеднички интерес.
Во 2021 година СДИ од Бугарија изнесуваа 37 милиони американски долари од вкупните СДИ во Северна Македонија во износ од 552 милиони американски долари и се зголемени во однос на 2020 година за 49%. Сепак има пад во релативното учество на СДИ од Бугарија од 11% во 2020 година на 7% во 2021 година, но тоа е заради 1,5 пати зголемените вкупни СДИ во С. Македонија во 2021 година во однос на 2020 година. Најголемо релативно учество бугарските СДИ во македонската економија имаат во 2010 година со 19%, 11% во 2020 година и 10% во 2008 година. Додека, пак во 2013, 2014 и 2017 година има нето-одлив на бугарскиот капитал од Северна Македонија.
Во однос на македонските СДИ во светот од графиконот може да се забележи дека после 2017 година има голем скок во директните инвестиции надвор од земјата. Но, тоа не се пресликува кога станува збор за Бугарија. Релативното учество на македонските директни инвестиции е повисоко споредено со бугарските директни инвестиции во Северна Македонија. Највисоко релативно учество македонските директни инвестиции во Бугарија имале во 2017 година со дури 86% од директните инвестиции на земјата, 52% во 2021 година, 23% во 2014 година и 12% во 2016 година. Нето-одлив на македонскиот капитал имало во годините 2012, 2013, 2018 и 2019 година. Во 2021 година македонските директни инвестиции во Бугарија изнесуваат 51 милион американски долари, а тоа релативно подразбира 10 пати поголеми СДИ во Бугарија во однос на 2020 година.
Каква е улогата на Бугарија во развојот на македонскиот туризам?
Во овој дел правиме анализа на движењето на македонските и бугарските туристи во двете земји. Од следниот графикон можеме да видиме дека учеството на бугарските туристи во вкупниот број на туристи кои ја посетувале земјата во периодот 2008-2019 година се движело од минимални 5% (во 2014 година) до 9% (2008 и 2009 година). Во 2020 година заради пандемијата од Ковид-19 гледаме дека има драстичен пад во апсолутната бројка на туристи од Бугарија, но тоа се совпаѓа со трендот на вкупниот број на туристи и релативното учество на Бугарските туристи останува на највисокото ниво од 9%. Но, драстичен пад на релативното учество на бугарските туристи во Северна Македонија се случува во 2021 година (3%), една година после бугарското вето на европскиот пат на Северна Македонија.
Македонските туристи пак, во Бугарија во периодот 2008-2021 година имаат стабилно релативно учество во однос на вкупните туристи кои ја посетуваат Бугарија. Тие секогаш се движат во распонот од 4% (2008 и 2009 година) до максимални 6% (во 2020 година). Не се гледа некој драстичен пад во релативното учество на македонските туристи после политичките случувања иако е забележано нивно благо намалување (во апсолутен износ) последните две години – што се вредности споредливи со времето на Големата финансиска криза од 2008 година..
ИДНИ НАСОКИ – КАКО ДО ПРОСПЕРИТЕТНА ЕКОНОМСКА ИДНИНА
Анализа на податоците и трендовите покажа дека економската соработка помеѓу С. Македонија и Бугарија во изминатиот подолг временски период има тренд на зголемување и унапредување. Дури и во моментите на најжестоките политички превирање и привремено нарушување на добрососедските односи – економската соработка останала имуна и дури можеби останала последниот мост кој ги држи двете страни на иста “бранова должина”. Поради спецификата на меѓусебните недоразбирање на С. Македонија и Бугарија, определена ранливост е делумно забележана во делот на туризмот, кој индиректно е поврзан и со еден од клучните (чуствителни) економски фактори – движењето на луѓе. Она што е особено е важно е дека во сите сегменти и размената на стоки/услуги, движењето на капитал и луѓе постојат огромни потенцијали за меѓусебна економска синергија и иден развој. Се надеваме дека во периодот кој доаѓа ќе бидеме сведоци на остварување на ова позитивно/оптимистичко сценарио.
Динамиката на развојот на економските односи меѓу Северна Македонија и Бугарија носи бројни потенцијални можности и конкретни иницијативи кои можат да бидат носители на севкупниот развој на двете земји и регионот. Регионалните и глобални иницијативи за слободната трговија ги претвораат двете земји во стратешки партнери во воспоставувањето на приоритетите за регионална економска соработка во Југоисточна Европа. Идните заеднички иницијативи во економската соработка може да бидат насочени кон:
- Намалување на разликите во законодавствата и економската регулатива во двете земји и креирање на оперативни институции (механизми) од двете страни за поттикнување на соработката.
- Надминување на административните и бирократските пречки во сообраќајот на патниците и намалување на административните формалности – Лесен проток на патници/луѓе преку границата, со усогласување на царинските прописи.
- Олеснување и зголемување на увозот/извозот (намалување на тарифи, усогласување на лиценци и дозволи, елиминирање на административни ограничувања).
- Стимулирање на заеднички проекти и соработка во областа на туризмот.
- Привлекување потенцијални инвеститори, заштита на заедничките инвестиции и промоција на заеднички економски (пред се инфраструктурни) проекти.
- Царинските управи да соработуваат и разменуваат информации за поефикасна соработка.
- Политики на привлекување СДИ и обезбедување праведен, непристрасен третман и заштита на странските инвеститори од другата земја;
- Унапредување на соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија во областа на развојот на инфраструктурата (пример – изградбата на нови меѓународни патни гранични контролни пунктови и соодветни патни врски) – изградба на железничка пруга и реконструкција на постојните железнички делници (изградба на железничка пруга со колосек во правец на Ќустендил со заедничка гранична станица Ѓушево-Бељаковци-Куманово; Подобро поврзување преку патни врски на меѓународните патни гранични контролни пункта: Градот Сандански и селото Струма на територијата на Бугарија со градот Берово на територијата на Северна Македонија; Градот Симитли на територијата на Бугарија со градот Пехчевоо на територијата на Северна Македонија итн.)
Оваа анализа е дел од проектот: „Демистифицирање на (не) соседските односи на патот кон ЕУ: Случајот на Северна Македонија и Бугарија“ поддржан од Канадската амбасада во Белград, преку Kанадскиот фонд за локални иницијативи-(CFLI). Содржината на публикацијата е единствена одговорност на ЕВРОТИНК-Центар за европски стратегии и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Канадската амбасада во Белград и Канадскиот фонд за локални иницијативи.