Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Меѓународна соработка на Царината

Пишува: Трпе Стојановски

Царинската управа на Република Северна Македонија има традиција на меѓународна соработка, која почнува со независноста на земјата и со формирањето самостојни државни институции. Во првите години од независноста на државата една од приоритетните задачи на Царинската управа (и на другите државни институции) беше зачленување и интегрирање во мултилатералните, во европските и во регионалните организации. Денес таа активно учествува во работата на Светската царинска организација (СЦО), Светската трговска организација (СТО), работните тела на ООН, SELEC и други меѓународни организации од областа на царинското работење[1].

Напредокот во интеграциите, во согласност со политиките на Европската царинска унија и на европските директиви, се одвива во нагорна линија, и тие состојби се констатирани во Годишниот извештај за напредокот во Македонија за 2019 година во поглавјето 29[2]: „Сите земји членки се дел од Царинската унија на ЕУ и следат исти царински правила и постапки. Ова бара натамошно усогласување на законодавството, соодветен капацитет за спроведување, примена и пристап до заедничките компјутеризирани царински системи. Македонија задржа добро ниво на подготвеност во делот на Царинската унија. Постигнат е добар напредок. Финализиран е нов електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи и ставени се во функција нови царински терминали. Секако, натамошен приоритет е целосно интегрирање на европските политики за царинско работење.“

Со цел обезбедување континуиран развој, засилување и примена на царинската политика, утврдување на приоритетите и стратегиите за иден развој и модернизација, поблиски билатерални и мултилатерални односи, примена на царинските постапки во согласност со меѓународните стандарди и конвенции и препораките и методологиите развиени од страна на Светската царинска организација, Македонија е договорна страна на повеќе меѓународни конвенции.

Заради ефикасност во откривачката улога во  царинското работење, многу е важна оперативната соработка со странските царински служби за унапредување на електронската размена на царинските податоци. Брзото, точно и безбедно разменување информации овозможува спречување царински измами, криумчарење и кривични дела, со цел подобрување на соработката меѓу царинските службеници. Ефикасната соработка ја олеснува трговијата и позитивно влијае на безбедноста, како на регионално така и на глобално ниво.  Склучените спогодби за билатерална соработка за заемна помош по царински прашања имаат голема превентивна важност за избегнување царински злоупотреби, но и помагаат за документирање на веќе извршените кривични дела од надлежност на царинското постапување.

Посебно место во агендата на Царинската управа имаат активностите насочени кон перманентно усогласување и примена на царинското законодавство на ЕУ во Република Северна Македонија, исполнување на техничките и на организациските барања, развој на административниот капацитет, како и проширување на јавната свест за начинот и функционирањето на Царинската унија.

Во Царинската управа се реализирани и се во тек голем број проекти поддржани од Европската Унија и од други странски партнери, со кои се обезбедува осовременување на царинското работење и натамошен развој на институционалните и на административните капацитети, како што се: развој на ИТ-системите, подобрување на условите за работа, воведување модерни царински и акцизни постапки итн.

Вклученоста на Царинската управа во националните тела (координативни тела, task force тимови и сл.) е од огромна важност. На тој начин се обезбедува размена на информации од надлежност на Царинската управа во реално време, што е клучен услов за брза, правовремена и ефикасна одлука во документирањето на казнените дела.

Македонија особено мора да води сметка стратегиските документи за ИТ за Царинската управа, постојните и оние што дополнително ќе се изработуваат, да бидат хармонизирани со Одлуката 2009/917/JHA (Council Decision 2009/917/JHA[3] for establishment of a customs information system)  за применување на информатичката технологија за потребите на царината веднаш, по пристапување во Унијата, и особено со новите документи што се креираат во ЕУ, во текот на 2020 година и понатаму.

Законодавството за царинска заштита на правата од интелектуална сопственост, управување со ризик, прекурзори и дрога, ослободување од царина и културни добра, се речиси во целост усогласени со acquis. Треба да се продолжи со натамошно усогласување на преостанатите царински одредби од Законот за технолошко-индустриски развојни зони, кои сè уште не се усогласени со acquis.

Во однос на административниот и на оперативниот капацитет, стандардите за професионален интегритет и контрола на квалитетот да продолжат да бидат систематски применувани.

Царинската управа да продолжи да работи на подигнување на свеста кај економските оператори за поволностите од царинските ИТ-системи.

 

 

 

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

[1] Повеќе за ова: http://www.customs.gov.mk/index.php/mk/za-nas-mk/megunarodna-i-meguinstitucionalna-sorabotka пристапено на 1.4.2020 г.

[2] https://ec.europa.eu/neighbourhood-enlargement/sites/near/files/20190529-north-macedonia-report.pdf, стр.92

[3] https://www.legislation.gov.uk/eudn/2009/917/chapter/i

25/03/2021