Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Медиумите за евроинтеграциите во 2019: ЕУ ги изневерени очекувањата

Во известувањето на медиумите за евроинтеграциските процеси и натаму отсуствува или е многу малку застапен истражувачко-аналитичкиот пристап, со што, и покрај зголемениот интерес, продолжува старата, вкоренета практика на отсуство на про-активност. За илустрација, во медиумските содржини за евроинтеграциите, и натаму доминираат изјави на функционери, партиски претставници, претставници на Европската унија, дипломати, експерти и граѓански активисти.

Поради ограниченоста на ресурсите и непостоењето на достапни мониторинг извештаи за овој период, овде кратко се насочуваме на две временски рамки од 2019 година, и тоа 1) периодот околу објавувањето на Извештајот (за напредокот на Македонија) на Европската комисија од крајот на мај 2019 година, и 2) периодот околу октомврискиот Европски совет во 2019 година.

Во однос на првиот период, според агрегаторот Грид.мк, два дена пред објавувањето, на денот на објавувањето и два дена по објавувањето на Извештајот, во педесетина медиуми (телевизии и информативни портали) биле објавени 195 прилози. Дури 90% од нив се пренесени изјави и соопштенија, главно на функционери и партиски претставници.

Во 21% од прилозите пренесена е изјава односно став на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, а во 20% од содржините објавена е изјава на тогашниот премиер Зоран Заев. Потоа следат вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи со 12%, претседателот на Собранието, Талат Џафери со 9%, претседателот на државата, Стево Пендаровски со 3% и еврокомесарот Јоханес Хан со 2,5%. Кога станува збор за партиите, во медиумите беа пренесени рекциите, изјавите и соопштенијата на СДСМ (9%) и на ВМРО-ДПМНЕ (7%), додека независните аксперти и граѓански активисти беа застапени со 6%.

Од аспект на содржина, медиумското известување главно беше фокусирано на тоа дека Извештајот содржи чиста и јасна препорака за започнување преговори, како и дека граѓаните очекуваатЕвропската Унија конечно да го определи датумот за почеток на преговорите, но и дека секое евентуално одложување на почетокот на преговорите ќе претставува поттик за антиевропските политичари.

Во однос на вториот период, како што се приближуваше денот на одржување на Европскиот самит во октомври 2019 година и како што беше се поизвесно дека државата нема да добие датум за преговори и покрај чистата препорака, тонот на известување на новинарите стануваше се подраматичен. Медиумите уште на самиот почеток на Самитот информираа дека за Македонија и Албанија најверојатно нема да има добри вести, затоа што, ЕУ не може да постигне компромис односно затоа што, Франција се противи и смета дека е неопходно прво да се реформира процесот на преговори со државите кандидатки пред да се даде зелено светло за други земји. Новинарите информираа за текот на Самитот, како и за тоа дека покрај Франција, и Холандија и Данска се противеле за датум за преговори.

Откако Европскиот совет заврши и беше објавена одлуката Македонија и Албанија да не  добијат датум за преговори во оваа фаза, некои медиуми веднаш почнаа со шпекулации дека премиерот Заев ќе си поднесе оставка, а опозицијата беше се погласна и бараше избори. Повеќето медиуми ја пренесоа изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој апелираше Заев да не поднесува оставка, нагласувајќи дека прашањето за датумот не е запечатено, туку дека е само одложено.  Јавноста имаше можност да ги слушне изјавите и коментарите на Владата, домашните функционери и политичари кои беа разочарани и кои сметаа дека ЕУ треба да биде јасна и отворена, и да каже дали „Балканот останува европска перспектива“. Но истовремено тие повикаа на трезвеност и нагласуваа дека и покрај се, граѓаните и државата остануваат непоколебливи на патот кон ЕУ.  И странските политичари сметаа дека ЕУ направи голема грешка во однос на Македонија и дека таа грешка мора што побрзо да се поправи, пред да предизвика тешки и непоправливи последици за демократските и реформските процеси на државите кандидатки.

Во двата дена на одржување на Европскиот совет, 17 и 18 октомври, според агрегаторот Грид.мк, педесетина медиуми (телевизии и информативни портали) објавиле 146 прилози поврзани со овој настан. Речиси половина од објавите – 49% беа изјави и соопштенија на Владата, како и на домашни и странски функционери и политичари.  Најголем број прилози – 18% се однесуваа на изјавата на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а веднаш потоа со 16% следеа објавите на соопштението на Владата дека течат интензивни консултации непосредно по одлуката на ЕУ да не определи датум за почеток на преговорите. Висок процент на објави – 9,5% имаше и изјавата на бугарскиот премиер Борисов.

Иако и натаму пренесувањето на изјави е доминантен начин на известување, сепак, Европскиот самит предизвика определено поместување со тоа што новинарите покрај изјави објавија и новинарски стории, прилози и коментари, во кои се обидуваа да дадат одговор на тоа зошто Македонија не доби датум за преговори, кои се можните последици за државата и кои се идните чекори кои треба да ги преземат, и Македонија и ЕУ, за надминување на постојниот проблем.

05/03/2020