Ресурсна платформа за граѓани и медиуми

Објавен е Европскиот извештај за дрогите 2020

 

Во септември 2020 г. Европски центар за следење на дрогите и зависностите од дрога го објави Европскиот извештај за дрогите 2020. Овој документ претставува преглед на достапноста на дрогите во Европа, употребата, проблемите на јавното здравје, како и политиките за справување со овој феномен.

Влијание на пандемијата

Пандемијата со Ковид-19 несомнено влијаеше и врз ситуацијата со дрогите во Европа. Најпрво, пандемијата влијаеше на достапните услуги, со оглед на недостигот на пристап до заштитна опрема. За среќа, оваа ситуација донесе и иновации и креативност при обезбедувањето услуги, како, на пример, активности и услуги преку мобилен телефон и интернет, телемедицина и нови партнерства со клиентите.

Понатаму, до одреден степен се намали употребата на супстанции што обично се консумираат во социјален контекст, какви што се кокаинот и екстазито. Притоа, се зголеми употребата на други супстанции, како канабис, бензодиазепини и алкохол, честопати и заедно.

Конечно, пандемијата со Ковид-19 влијаеше и на организираниот криминал. Организираните криминални групи беа исклучително отпорни. Може да се каже дека пандемијата ја зголеми дигиталната трансформација не само на легалната туку и на нелегалната економија.

Еволуција на европскиот пазар на дроги

Извештајот покажува повисока достапност на сите дроги во Европа, како и највисок степен на чистота и силина. Ова отвора многу ризици за корисниците, кои не ја сфаќаат оваа важна промена во силината на дрогите и веројатните негативни последици.

Големите пратки стануваат главен начин за пренесување на дрогите на европска територија. Ова предизвикува загриженост за можната инфилтрација на организираните криминални групи во легитимните текови на набавки, ризици од корупција и перење пари.

Диверзификацијата на производството на дроги вклучува зголемено производство на канабис и екстази на европска почва, како и појава на нови лаборатории за производство на нови супстанции.

Употреба на дроги и штети предизвикани од дрога

Во однос на супстанциите од растително потекло (кокаин, канабис и хероин), може да се забележи дека зголемената достапност на кокаинот ги покажува првите ефекти. Имено, се зголемува проблематичната употреба на кокаин и зголемената потреба за третман предизвикан од овој проблем. Кај канабисот се забележува удвојување на концентрација на ТХЦ во последната декада, што може да предизвика зголемени здравствени проблеми, вклучително и проблеми на менталното здравје.

Што се однесува до синтетичките дроги, во последните неколку години се забележува зголемена заплена на ГХБ, кетамин и ЛСД. Системот за рано предупредување на ЕУ регистрира по една нова психоактивна супстанција на европскиот пазар на неделно ниво.

Ова е 25-тиот јубилеен годишен извештај на Европски центар за следење на дрогите и зависностите од дрога, кој оваа агенција на Европската Унија редовно го објавува уште од 1995 год. За време на презентацијата на извештајот беше наведено дека се очекува економска рецесија во следните неколку месеци, која ќе ја зголеми ранливоста на одредени групи што се веќе ранливи. Исто така, поради тешката економска ситуација постои ризик повеќе луѓе (директно или индиректно) да се вклучат во криминални активности поврзани со дроги.

Преземете го целосниот извештај, резимето или статистичкиот билтен.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавјето 24”, спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Гледиштата изразени во оваа публикација се на авторот и не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или на нивните партнери.

 

02/10/2020